Бранители, ОНА и цивилните жртви 20.09.2012 Автор: Сашо Клековски, 3 коментари

Прашањето на реинтеграцијата на учесниците и жртвите од воениот конфликт во 2001 г. уште еднаш ги разбранува македонското општество и политика. Македонија којзнае по кој пат страда поради постконфликтните пропусти направени пред десетина години. Пропусти, бидејќи постконфликтните мерки на градење на доверба треба да вклучуваат реинтеграцијата на засегнатите луѓе, што не беше направено сеопфатно. Реинтеграцијата се однесува на повеќе групи: на воените учесници и воените жртви (воени инвалиди, загинати), цивилните жртви (загинати, цивилни инвалиди, киднапирани и исчезнати лица) и бегалците и раселените лица. Во Охридскиот рамковен договор (ОРД) се предвидени мерки само за бегалците/раселените лица, иако и нивното прашање сè уште е не е целосно решено.

Реинтеграција или ресоцијализација на воените учесници е подолгорочен процес на враќање на демобилизираните лица во „цивилен статус“. Во нашиот случај, од нејасни причини, реинтеграцијата воопшто не е предвидена во ОРД, мерките за реинтеграција се запоставени после конфликтот, не се побарани средства од меѓународната заедница за таа цел… Дополнително при демобилизацијата е пропуштено да се евидентираат воените учесниците, така што не постојат точни информации за нив. Спроведени се малобројни активности за социоекономска поддршка на дел од овие лица главно со залагање на граѓански организации. Тогаш пропуштеното, тешко се надоместува сега.

Во безбедносните сили на Македонија (бранителите) учествувале околу 7.000 лица. Јавно не е познат точниот број, поради што, меѓу другото, не можат да се предвидат финансиските ефекти за обезбедените права. Безбедносните сили дадоа над 70 жртви и над 340 ранети. Чекор напред во реинтеграцијата на бранителите е направен со донесувањето на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили во јануари 2002 г. со кои се уредуваат правата во здравствената заштита, вработувањето, семејна пензија, парична помош, станбено згрижување и образование. Законот во најголема мера се однесува на воените инвалиди и на семејствата на загинатите, а другите бранители реално имаат две права: бесплатно високо образование и предност при вработување во јавни институции. Поради пропусти во законот во 2002 г. како неуредување на семејната пензија, извршени се измени и дополнувања на законот во 2003, 2004 и 2007 г. Но, дел од одредбите во овој Закон се укинати од Уставниот суд, по што од поранешните припадници од безбедносните сили е барано да ја вратат отштетата, што доведува до огромен и оправдан револт. Бранителите бараат утврдување на статусот учесник во воените дејствија во 2001 година, како и уредување на претходно укинатиот надоместок.

Проценките за ОНА варираат од 2.500 до 5.000 припадници. Воените жртви на ОНА се над 80 лица, кои околу 20 лица се државјани на Косово и Албанија, а бројот на воени инвалиди е непознат. Посебен пример на ресоцијализација е трансформацијата на ОНА во политичка партија ДУИ, со што е направена ресоцијализација на највисоките и средните ешалони на ОНА. Етничките Албанци очекуваат одредени права за припадниците на ОНА, посебно за воените жртви. Од друга страна во 2001 г. воените припадници на ОНА, и според тогашниот и според сегашниот правен поредок, се сторители на кривични дела против државата, за што над 900 лица се амнестирани со закон. Тие не можат да имаат статус на легална страна во конфликтот и соодветно не можат да здобијат државни социјални права за нивното учество во 2001 г. . Според Мајскиот договор, од 2007 г., точката 3, која е негирана од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се однесува на решавање на оваа прашањето во согласност со постоечките закони.

Цивилните жртви од 2001 г. исто така не се евидентирани, а според постоечките податоци има повеќе од десетина цивилни лица загинати при воени дејствија, непознат број на ранети и инвалиди, како и 18 киднапирани и исчезнати лица.

Во 2010 година имаше неуспешни обиди, од една страна од Здружението на бранителите и од друга страна од пратениците Абедин Зумбери и Даут Реџепи – за загинатите и воените инвалиди на ОНА, за донесување на закони за посебни права, кои иницијативи Собранието ги отфрли.

Со предлог законот за бранителите поднесен во Собранието во август 2012 г. правата се прошируваат од шест на 11 посебни права. Дополнително утврдените права се: еднократен паричен надоместок и за воените инвалиди, работен стаж во двојно траење, најниска пензија, сместување во домови за стари лица, одбележување на местата на загинување и одликувања. Проширени се правата во здравствената заштита и во станбеното згрижување со концепт сличен на „купи куќа, купи стан“. Новина е примената и на евентуалните жртви во воени и цивилни мисии во странство.

Според оцена на повеќе страни, Законот за бранителите од 2002 г. не ги дал очекуваните резултати во реинтеграција на бранителите и поради тоа потребно е донесување на нов закон. Од друга страна, очекувањата меѓу етничките Албанци за „еднаков третман на сите учесници на конфликтот во 2001 г.“ и соодветно на тоа вклучување на законски одредби за воените припадници на ОНА, од причини наведени претходно, е невозможно. Секако, иронија е дека командантите на ОНА се вршители на високи државни функции, а нивните следбеници ги немаат ветуваните придобивки. Од друга страна, бидејќи поранешни вооружени незадоволници се општествен проблем, ќе беа добредојдени одредени проекти за ресоцијализација, на пример за образование и вработување на сите воени учесници, посебно во раната постконфликтна фаза, но и сега не е доцна.

Но едно прашање мора да биде решено и одбележано, а тоа се цивилните жртви од 2001 г. без разлика на етничката припадност. Дури и постои претходно законско решениеЗаконот за цивилни инвалиди од војната, од 1976 г. Со тој закон се дефинираат инвалиди од воени дејствија, инвалиди од терористички напади итн. Бидејќи тој закон е целосно застарен, со еден нов закон за цивилни жртви од војната, кој би ги опфатил и семејствата на загинатите (цивили) од воени дејствија и на киднапираните и исчезнатите лица, би направиле еден важен чекор за граѓаните и нивните семејства кои во 2001 г. најмногу загубиле.

Овие прашања се често предмет на партиски натпревар. За тоа говорат и претходните неуспешни иницијативи за закони, како и сегашната партиска расправа. Секако во очекување на локалните избори во 2013 г. оваа прашање станува дури пожешко прашање отколку во 2002 и 2004 г. ДУИ, кои сега инсистираат на блокирање на предлог законот, тоа не го направија при измените и дополнувањата во 2003/2004 г., кога беа во Владата. А Талат Џафери, кој е сега главен говорник на темата, и тогаш беше главен говорник и мора да се сеќава на тоа. Затоа треба да се намали антагонизмот, да се остави простор за аргументирана расправа и да се најдат соодветни решенија за раните од 2001 г.

Be Sociable, Share!
 

перо чиракот Says:

20/09/2012 @ 17:47

Почитуван Клековски,
За да се изјаснам за овие проблеми кои ги имаме во Македонија , немам доволно сознанија како вакви и слични проблеми се разрешени во некои други држави. Знам само дека во знак за национално помирување Французите, по крвопролевањето за време на Париската Комуна , ја изградија црквата Свето Срце ( Сакр Кер ). Знам дека по граѓанската војна во Шпанија Ген. Франко им ги даде истите почести и права на сите учесници во војната без обзир на тоа на која страна од граѓанската војна се наоѓале. Знам дека Французите и Германците си подадоа рака на помирување , а нивните меѓусебни војни и крвопролевења низ историјата, на сите ни се познати.
Знам дека во некои држави ( ама држави со големо Д ) , на своите борци им даваат медаљи и слични одликувања , но не и други бенифиции.Учеството во одбраната на Татковината тие го третираат како чест, а не како можност за добивање на некакви привилегии.
Конфликтот 2001 беше и помина . Што беше тоа, ни денес не ми е јасно, но сепак ми провејува мислењето дека бизнисот си го
направи (зема) своето, од една страна , и од друга – со крајниот резултат од конфликтот некои планови на некого им ги растуривме ( создавање на голема Албанија, поделба на Македонија …. ).
По бројките на учесници во конфликтот и од двете страни (иљадници) , конфликтот,по број на учесници, се изедначува со битката кај Верден или Сталинград.По бројот на учесници со кој сега се манипулира , ова кај нас не било конфликт туко војна – фронт на кој се бореле 2 дивизии ( 1 дивизија има околу 12-15.000 војници ).Сега се прашувам: Па кај бев јас тогаш? Во Зимбабве па незнам како беше?
Решение има, но има ли воља и интерес за решавање?
Страшни мисли ми се мотаат во главата , но дај Боже да грешам.
Перо

konsternirani Says:

21/09/2012 @ 10:53

Polovina od t.n. braniteli i buntovnici bea lugje bez shkolo i rabota koi otidoa kao, da vojuvaat bidejki (makedonskite) braniteli dobivaa 20.000 denari plata, za albanskite, neznam kolku. Sedea po kafani, iskradoa i unishtija vikendici…… i tie treba da dobijat beneficii? Sekako dlaboko zhalam za zaginatite i pochit za malkuminata shto otidoa da vojuvaat od ideja. A koi bea tie, sigurno se znaat, mnogu lesno kje mozhe da se izdvojat od profiterite

Сашо Клековски Says:

27/09/2012 @ 08:33

Околу третманот на борците. Не е точно дека на борците им се доделуваат само одликувања. Секаде постојат и други соодветни бенефиции. И кај нас Законот за бранителите не е новина, туку му претходи Законот за воените инвалиди и паднатите борци од НОБ (донесен 1996 г.), како и утврдените додатоци за пензии на борците од НОБ.

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт