Новиот пат на свилата 22.11.2012 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

По рана вечера во украински ресторан во Бишкек, Киргистан, со првиот поголем снег и минусни температури, во топлата хотелска соба, имам одлични услови за пишување на мојот следен коментар за Централна Азија. Овој пат инспириран од името на улица, тука во Бишкек, низ која поминав. Улицата се вика Пат на свилата.

Патот на свилата сведочи за една од најславните трговски рути за трговија меѓу Далечниот Исток – Кина, Јужна Азија – Индија и Блискиот Исток, Европа и Африка. Името на Патот на свилата е модерен термин за историска трговска мрежа, а го добива поради вносната трговија со свила. Но поточно е да се говори за патиштата на свилата бидејќи не станува збор за еден пат или рута, туку за систем на континентални и поморски патишта. Патот на свилата се повеќе континентални рути, кои од Кина поминуваат преку Централна Азија доаѓаат до Сирија и Турција, од каде се раздвојуваат кон Европа и Африка, како и повеќе поморски рути.

Патот на свилата е започнат од Кина од Хан династијата во вториот век пред нашата ера. На запад Персија го воспоставува Кралскиот пат од Смирна (Измир) до денешен Ирак. Прва консолидација на Патот на свилата постигнува Александар Велики, со проширувањето на империјата на исток и со воспоставувањето на Александрија Ексхата во Фергана долината за што пишував во „Од другата страна на империјата“.

Трговијата на патот на свилата била значаен фактор на развој на цивилизациите на Кина, Индија, Персија, Арабија како и дамнешните Рим и Египет. Улогата на главни трговци на рутата на Патот на свилата, била поврзана со подемот и падот на империите кои ги контролирале рутите. Патот на свилата го имала својот врв заедно со врвот на империите кои ја интегрирале контролата на трговските рути. Околу Бактрија, во 1 и 2 век, се издига Империјата Кушан, централно поставена во денешен Авганистан. Потоа следува подемот на Согданија, 4 до 8 век, дамнешна иранска цивилизација, денешен Таџикистан, со центар во Самарканд, денешен Узбекистан. Самарканд и Бухара, долг период ќе бидат важни точки на Патот на свилата. И Бухара и Самарканд -„Самарканд-крстопат на цивилизациите“ се вклучени во УНЕСКО листата на Светско културно наследство. Потоа приматот го презема Ујгурската империја, сè до 10 век со навлегувањето на исламските турски народи во Централна Азија со кои започнува периодот на калифатите од Блискиот Исток. Врвот на рутата на запад бил во времето на Византија. Најголемата империја, во континуитет, во историјата на светот – Монголската империја, ја обезбедила интеграција и стабилност на Патот на Свилата од Кина до Виена. Но по нејзиниот распад во 14 век, завладува нестабилност и поради небезбедноста се прекинуваат континенталните рути на Патот на свилата. Трговијата се преместува на поморски рути, што го обезбедува подемот на империите на Португалија, Шпанија, Британија и другите европски поморски сили.

Зошто пишувам за историјата, каква е врската со денешното време? Со ерата на глобализација, или подобро речено модерната глобализација, и повторниот подем на Кина и Индија, Патот на свилата станува повторно актуелен. Станува актуелен поради потребата на рути за извоз од Кина, но и поради потребата на алтернативен пристап на Кина кон енергентите од Блискиот исток и минералите од Африка.

Како и во историјата и сега нема еден „Нов пат на свилата“ и многумина говорат за свои рути. Прв обновен крак е Каракорам автопатот (ККХ) долг 1.300 км, меѓу Кина и Пакистан, кој е познат и како највисок автопат поминувајќи на 4.600 метри надморска височина, завршен 1980 г. во чија изградбата погинале над 1.000 работници. Каракорам автопатот треба да се поврзе со пакистанското пристаниште Гвадар, на влезот во Персискиот залив. САД говорат за нов пат на свилата со кој Авганистан цврсто ќе се вклучи во новите трговски рути. И во Дубаи говорат за модерен пат на свилата меѓу Азија и Блискиот исток. Во Турција говорат за враќање на славата на стариот пат. Во 2009 г. Турција транспортирала добра во Франција, Италија и Велика Британија со 58.000 камиони. Сега покрај изградбата на нови мостови во Истанбул, се говори за нова поморска рута меѓу Тулон во Франција и Текирдаг Акпорт, во Источна Тракија, со капацитет од три милиони тони. Турција преку Црноморската иницијатива сака да ја зајакне и културната и туристичка комуникација на Патот на свилата. И Асадовиот режим во Сирија ја промовира „Стратегијата на четири мориња“. А Европската унија планира „TRACECA“ транспортен коридор Европа-Кавказ-Азија. Тука е и руската Транссибирска рута. И секако самата Кина инвестира во мрежа на патишта, железница и нафтоводи/гасоводи кон Централна Азија.

Сите сакаат да бидат на модерниот пат на свилата, сите сакаат да бидат модерен „караван сарај“, за огромниот обем на трговија меѓу Истокот и Западот. Каде сме ние, Македонија? Секако ова е работа на големите, но нас ни е доволен и „помал караван сарај“. За тоа да се случи треба да ги доизградиме и модернизираме паневропските железнички и авто-коридери К-10 (север-југ) и К-8 (исток-запад), како и поврзувањето на Егнатиа во Грција со коридорот 8 преку Битола и Охрид, каде со години минимално се инвестираше, а можен пресврт се оваа година најавените инвестиции. Секако не е доволно да ги изградиме туку треба и добро да ги управуваме. За жал, Македонија во 2012 г. , според Светската банка, падна за 26 места во ефикасноста на логистика на транспорт, и сега е на 99-то од 155 места. Проблемот се комплицира и со тоа што и Грција има пад на ефикасноста на логистика, што може да го компромитира К-10 и фаворизира К-4 (Унгарија, Романија, Бугарија). Затоа К-8 мора да добие соодветен третман. И може да се следат и засега утописки идеи како Дунав-Морава-Вардар, кој се актуализира од време на време, а сега главен промотор за вклучувањето на оваа идеја во планираната Транспортна заедница на Западен Балкан е Унијата на грчки бродосопственици.

Постои и друг агол. Патот на свилата ќе донесе нов просперитет на земјите кои се простираат тука. Не случајно Словенија, покрај Индија, Русија и Кина, ги дефинира Турција, Азербејџан и Казахстан за стратешки пазари во 2013 г. „Горење“ се продава во Киргистан, а „Крка“ има претставништво со 110 вработени во Алмати, Казахстан, кое го раководи Бобан Трајковски, лекар од Скопје. За почеток Македонија може да поработи на подобра дипломатска претставеност, бидејќи во моментот Централна Азија е покриена од амбасадата во Анкара. Важно е да се работи и на укинување на визите за Македонците, за земјите за Централна Азија, како предуслов за полесна бизнис комуникација.

Час поскоро ни е потребна акција, бидејќи натпреварот за модерни караван сараи и за пазарите на земјите на патот на свилата е започнат.

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт