„Демир Капија 2017“ 13.09.2013 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

Празничната посета на премиерот Никола Груевски на градилиштето на автопатот Демир Капија – Смоквица (Гевгелија), дел од Паневропскиот коридор 10, потсети колку малку се знае и дебатира за најголемото јавно вложување во последните години. Зошто дебата, па станува збор за јавно вложување во сообраќајна инфраструктура!? Затоа што за секое јавно вложување, а посебно големо јавно вложување како автопатот Демир Капија – Смоквица, мора да има дебата за цената, изведбата и за оправданоста. И додека за „Скопје 2014“ се дебатира веќе четири години и ги знаеме сите детали за цените, изведувачите, спориме за оправданоста, автопатот Демир Капија – Смоквица е речиси непознат, со исклучок на ретки анализи како таа во Буилд.мк.
Да почнеме од цената. Според различни извори, автопатот Демир Капија – Смоквица во должина од 28,2 км чини од 220 до 271 милион евра. Финансиската конструкција е затворена со 220 милиони евра кредити од ЕБОР и ЕИБ, 45 милиони евра грант од ЕУ (ИПА) и 6 милиони евра од буџетот. Цената од 220 милиони евра можно да е конечната на избраната понуда, но не можев да утврдам. Како и да е, цената е повисока од таа на „Скопје 2014“ и се финансира со јавен долг! Доволно аргументи за позначајна дебата.
За „Скопје 2014“ е познато кои се авторите, изведувачите, дури и кој колку пати патувал во Италија. За автопатот се избегнува спомнувањето на изведувачотАктор“, иако тоа е градежна фирма со репутација и меѓу 200 најголеми изведувачи во светот. Можеби не се спомнува бидејќи тоа е најголемата градежна фирма од Грција. Исто како „Терна“, градежната фирма што ја градеше обиколницата на Скопје. Немам против изведувач од Грција, но имам против кога условите за избор на изведувач се прават така што македонски градежни фирми не може да ги исполнат. Ама условите биле наметнати од кредиторите ЕБОР и ЕИБ. Кога ЕБОР и ЕИБ ќе дадат подарок пари, нека избираат услови, но кога даваат кредити, Македонија е таа што треба да избере услови. И така македонски фирми ќе градат автопатишта во странство, а нашиот ќе го гради странска фирма.
Па добро на крај што има лошо, се гради автопат? Да, изградбата на автопат е сакана од граѓаните, популарна кај политичарите, сепак најсакана од градежните фирми, ама кој ќе плати? Бидејќи на крајот на краиштата јавни вложувања во патишта се прават таму каде што има економска оправданост (доволен број патници) или поради остварување политики за економски развој или стратегиски приоритети.
Не би навлегувал во анализи на оправданоста на вложувања во патен наспроти железнички сообраќај. Веројатно ние мораме да поминеме низ фазата на изградба на автопатишта пред да стигнеме до развој на железничкиот сообраќај, кој во моментот е главен фокус на развиените земји.
Да, има аргументи за изградба на оваа делница на Коридорот 10. Со тоа ќе се комплетира овој коридор низ Македонија. Коридор 10Според Буилд.мк, фреквенцијата на патници на оваа делница ќе ја постигне фреквенцијата на патници околу 10.000 дневно во 2020 година, и со тоа приближно ќе се изедначи со делниците што го поврзуваат Скопје со Тетово, Велес и Куманово, како три најфреквентни делници. За споредба овие фреквенции се многу пониски од соодветните во Хрватска (Загреб) и Србија (Белград). Стратегиски е значајно завршувањето на овој коридор, со што тој би привлекол повеќе сообраќај отколку Коридорот 4, кој поминува низ Романија и Бугарија. Секако, К-10 ќе биде конкурентен на К-4, само ако покрај делот во Македонија се комплетира и делот во Србија (Грделичка клисура) и во Грција. Но за конкурентноста е поважно нешто друго – времето на патување. Џабе ни се автопатиштата, ако времето заштедено со побрзо возење, се губи на чекање на безброј граници и патарини. Наскоро ќе нема гранична контрола меѓу Унгарија, Романија, Бугарија и Грција, а во Унгарија и Бугарија еднаш се наплаќа вињета. Наспроти тоа, границите во нашиот коридор ќе останат подолго, а и Хрватска и Србија и Македонија имаат патарини на кои се чека доста време. Затоа за конкурентноста на К-10 можеби можеме повеќе да направиме со укинувањето на патарините и воведување вињети.
Фактот дека за изградба на патишта во Македонија не се јави ниту еден концесионер говори во прилог на ниска економска оправданост на понатамошната надградба на патната мрежа. Натамошниот развој ќе биде заснован на јавни вложувања со јавен долг и затоа мора да има дебата за приоритети на натамошниот развој. Во еден разговор со амбасадорката на Германија во Македонија, поставив прашање за оправданоста на изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Мојата дилема беше да, подобар транспорт до Солун (10 минути пократко возење?), но дали е тоа македонскиот приоритет? Одговорот беше дека е европски приоритет. Но ако е европски приоритет, зошто се финансира со кредити што Македонија ќе ги враќа и плус странски фирми градат?
Карта со фреквенција на сообраќајАвтопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде завршен 2017 година, Коридорот 10 во Македонија ќе биде комплетиран. И тоа е добро. Отпосле нема што повеќе да се каже. Но за понатаму, бидејќи идниот развој на патишта ќе биде заснован на јавен долг, кој е ограничен, мора да имаме значајна јавна дебата за оправданоста на вложувањето во патиштата наспроти енергетиката, на пример. Доколку продолжи финансирањето на патиштата, мора да се дебатира за приоритетите. Не мора тоа да бидат автопатишта, но мора да се подобрат патиштата Гостивар-Охрид (К-8), Велес-Прилеп-Битола (К-10Д), Скопје-Блаце (Косово), Скопје-Штип, Битола-Ресен-Охрид-Св.Наум, како и делниците со црни точки на повеќе магистрални патишта. И добро би било да ги градат македонски градежни фирми, ако веќе ние ги плаќаме кредитите.

 

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт