Промена на режим во три чекори 27.02.2015 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

Во атмосфера на растечка партиска поларизација меѓу власта и опозицијата, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, често се говори за промена на владата. Промена на владата е прашање за кое ако се гледа површината е едно од ретките прашања за кое навидум постои согласност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Навидум, бидејќи кога говорат за промена на владата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ мислат на многу различни работи. За ВМРО-ДПМНЕ тоа е реалност кое се случува во моментот. Според нив, односно според операцијата „Пуч“, СДСМ и странска разузнавачка служба соработуваат во наводен заговор, чија цел е разнишување на институциите и слабеење на земјата во контекст на спорот за името. За СДСМ тоа е посакувана состојба во иднина. Според нив, односно според изјави на водечки опозиционери, без вклучување на меѓународната заедница, не е можно решение на политичката криза, кое според нив би завршило со избори и промена на власта. Оттука има уште една точка во која ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се согласуваат: улогата на странски држави или меѓународната заедница. И, секако според едните во дестабилизација, а според другите во стабилизација на Македонија. Како и да е, се чини и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ придаваат големо значење на улогата на странски држави и меѓународната заедница.

Улогата на меѓународната заедница во промена на режим (влада) е омилена тема во конспирациските разговори. Таа улога е видлива, транспарентна во промена на диктаторски режими, како тие во Ирак или Либија. Од друга страна улогата во промена на влади избрани на (горе-долу) демократски избори е предмет на континуирани полемики. Колкава е улогата на меѓународната заедница во мајданските настани и промена на власта во Украина, или пак во протестите кои ја потресоа Турција е полемика која никогаш нема да заврши. Љубителите на конспирации ќе тврдат дека сето тоа е заговор на Западот, други пак ќе тврдат дека е одраз на слободарските и демократските стремежи на граѓаните. Иако тие две работи не неминовно се исклучуваат.

promena-na-rezhim-vo-tri-chekoriМногу ретко, обично од одредена временска дистанца, се добива пристап до релевантни информации за вистината или барем за фрагменти за вистината. На пример, што се случуваше во Србија при промената на власта на Слобадан Милошевиќ, можеше да се прочита десетина години по падот на Милошевиќ, на 5 октомври 2000 година.

Амбасадорот Чарлс Крофорд, амбасадор на Велика Британија во Белград за време на падот на Милошевиќ говори за „три клучни ставки на активната политика“. Според него тие клучни ставки се: порака, доследност и поддршка на победниците. Секако тоа во контекст на меѓународните санкции кон Србија, односно тоа време СР Југославија.

Пораката се состоела во инсистирање на тоа дека Милошевиќ е причина за проблемите на Србија и дека тој е клучна препрека за влез на Србија во ЕУ, наспроти наративот на Милошевиќ дека само тој може да ги реши проблемите на Србија и дека „светот доаѓа во Србија преку него“. Во пракса тоа значело изолација на Милошевиќ и неговата елита, со истовремена комуникација со сите други луѓе со општествено влијание вклучувајќи и угледни националистички политичари, како и тајна комуникација со клучни воени и полициски команданти. За овие активности од клучно значење е поддршка на новите медиуми во Србија за да западните политички сигнали допрат до поширок аудиториум. Според Крофорд мрежата на „Отпор“ и Б92 завршиле сјајна работа.

Втората ставка е доследност. Немало логика  западот да го изолира Милошевиќ, а да се однесуваат кон хрватскиот претседател Туѓман како кон прифатлив партнер. Британија во тоа време блокира повеќе иницијативи на ЕУ за потесна соработка со Хрватска, дури Туѓман е на власт. Запад во Република Српска комуницира со поумерените елементи, за да се покаже на Србите било каде во регионот дека се исплатува разумна политика.

И трета ставка е поддршка на победниците. Не било доволно да демократските сили се подржуваат само со топли зборови. Западот морал да покаже дека знаат дека ќе победат и дека ќе бидат помогнати со новите тешки обврски на владеење. Многумина од идните лидери поминуваат обуки за водење на примената политика. На пример, Британија го формира Форумот за нова Србија во Будимпешта.

Но и покрај ваквата активна политика, според Крофорд предноста ја обезбедил самиот Милошевиќ, односно неговиот инат и неговата претерана самоувереност. Милошевиќ бил убеден дека ќе победува на секои избори, или барем ќе ги „намести“ резултатите во своја корист, и ќе остане на власт.

Колку и да имало „активни политики“, Милошевиќ падна бидејќи ги изгуби изборите. Таа 2000 година во првиот круг Воислав Коштуница победил, иако државната изборна комисија признавала само водство на Коштуница наспроти Милошевиќ од 48 отсто спрема 40 отсто. Промената на режимот во Србија е резултат на демократскиот избор на граѓаните, а не на заговор. Е сега подоцна ќе се утврди дека премногу Срби се спротивставија на Милошевиќ не поради неговите политики, туку поради тоа што не успеа во тоа што се обиде да го направи (Велика Србија).

Дали во Македонија се водат „активни политики“, односно дали треба меѓународната заедница да воведе такви политики, во зависност од аголот на гледање, е предмет на размисла на многумина граѓани. Но какви и да се интересите и позициите на меѓународната заедница, сепак одлуките ги носат граѓаните на демократски избори.

***

Смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес е трагична и предизвика многу бол за семејството, блиските и заедницата. Коментирање на евентуална одговорност е неблагодарна поради непознавање на сите факти и информации. Тоа е прашање на соодветна истрага. Но од друга страна таквата истрага се дискредитира од брзањето да се спинува причината на смртта на Тамара, вклучувајќи дека непосредната причина за смрт (бронхопневмонија) е неповрзана со примарната болест (сколиоза). Државниот здравствен инспекторат, како и сите вклучени доктори, имаат исклучителна одговорност  за чесна, јасна и транспарентна истрага и да не спинуваат половични информации за да се заштити било чија непогрешливост.

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт