Кампања што (не)влијае (2)? 18.04.2019 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

Минатата седмица го започнав освртот на кампањата на трите кандидати за претседател: Блерим Река, Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски и нејзиното влијание на определбата на граѓаните. Секако прво е прашањето дали кампањите воопшто влијаат? Според многу научни истражувања, фундаментални прашања како состојба на економијата, постоење на надворешна криза, должината на претходното владеење или идеолошката умереност на кандидатите го одредува исходот на изборите. Различни истражувања тврдат дека кампањите имаат ефект во информирање и потсетување на неинформираните гласачи за таквите фундаментални прашања, со што изборот станува сѐ попредвидлив со напредокот на кампањата. Клучниот можен ефект на кампањата е влијание на излезноста или одѕивот многу повеќе отколку на убедувањата на гласачите. Додека нема влијание во промената на убедувањата, можни се промени на убедувањата кога тоа е поттикнато од политичар кој веќе го поддржуваат или кампањите можат да влијаат на излезноста на гласањето на определените гласачи.

Како ваквите позиции на политичката наука и кампањите на трите кандидати може да се интепретираат? Во анкетата од крајот на март (М-проспект), Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова се изедначени, а третиот, Блерим Река има пониска поддршка. Почетниот рејтинг на кандидатите е резултат на партиските убедувања на гласачите и се рефлексија на фундаменталните прашања.

Оттогаш се водат кампањите на трите кандидати, кои за првпат се платени од државниот буџет. Главните поенти на кампањите на Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова се потсетувања на клучната ориентација на партиите-поддржувачи, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Кај Пендаровски тоа е „Заедно напред“, со фокус на ЕУ и на НАТО, додека кај Сиљановска-Давкова тоа е „Татковината повикува“. Кај Блерим Река мотото „За Република“ ја носи главната порака на држава за сите, а е поврзано и со неговото презиме Река. Во таборите на првите двајца кандидати имаше доста препукување за неавтентичноста на кампањите, дека се копирани делови од кампања на Хилари Клинтон и сл. Од друга страна, кампањата на Река не доби такви епитети. Пораката „За Република“, држава со владеење на правото за сите, наспроти пораката на СДСМ за едно општество за сите, се чини дека не е привлечна само за етничките Албанци туку и за етничките Македонци. Кампањата на сите три кандидати има медиумски реклами и децентрализирани настани, од изборни штабови, од посети врата на врата до митинзи. Македонските политички кампањи со централната улога на телевизијата во нив во многу што се копија на американските кампањи. Во кампањите најмногу чинат медиумските реклами, чиј ефект е најспорен.

Кампањите на Пендаровски и на Сиљановска-Давкова се целосно поддржани од лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицковски. Иако Пендаровски добива поддршка од политичари на ДУИ, сепак вкупниот впечаток е дека тој е кандидат на СДСМ, а не заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ. Кај Блерим Река барем за македонското јазично подрачје не е видлива поддршката од Алијансата за Албанците и од Беса.

Кампањите започнаа позитивно и досегашното ниво на кампањата и на претседателските дебати се чини дека е на повисоко ниво од претходното. Секако, надлежностите на претседателот не оставаат многу простор за убедителна и мотивирачка кампања. Со текот на кампањата започна и негативната кампања. Пораката од кампањата на Пендаровски е дека гласот за Сиљановска-Давкова е глас за враќање назад, асоцирано со насилствата од тој период, а на другата страна е поврзување на Пендаровски со лажни ветувања на Владата на Зоран Заев. Дел од негативната кампања, особено на социјалните медиуми, се личноста, карактерот и минатото на кандидатите. Негативните кампањи од двете страни може да имаат ефект на одѕивот на гласачите, на негово намалување. СДСМ истовремено има и реклами за поттикнување на одѕивот.

При крајот на минатата седмица, МРТ објави анкета спроведена од „М-проспект“, според која поддршката за кандидатите Блерим Река, Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски е начелно непроменета. Се чини дека кампањата во периодот помеѓу двете анкети не влијаела на убедувањата на гласачите, а можното влијание е на малку зголемениот број на определени и изјаснети гласачи. Во првата, 58,3 проценти биле такви, а 41,7 проценти или не се одлучиле или не сакале да кажат или нема да гласаат, додека во втората анкета тој сооднос е 61,8 проценти наспроти 38,2 проценти.

Влијанието и на фундаменталните прашања и на кампањата главно ќе се одрази на одѕивот на изборите и тоа ќе влијае на исходот на шестите претседателски избори. Како што пишував во „Самостојни претседателски избори“, овие се први самостојни претседателски избори од 2004 година. Тие во 2009 година беа заедно со локалните избори, а во 2014 година со парламентарните избори. Во самостојниот втор круг во 2009 година имало околу 760.000 гласачи или нешто над 42 проценти. Во самостојниот прв круг во 2014 година имало околу 870.000 гласачи или малку под 49 проценти. На маргините на овие избори се одвива и #БојкотирамПИ-кампања. Во анализите на референдумот минатата година, „Категорични, а неинформирани“ и „Неуспешни консултации со граѓаните“, се осврнав во неуспехот на анкетите во предвидувањето на #Бојкотирам. Според тогашните анкети (М-проспект и ИПИС), нивото на определеност изнесува околу 65 проценти и околу 22 проценти се изјасниле за активен бојкот. Сега на приближно ниво на определеност за бојкот се определуваат околу 10 проценти од граѓаните. Не е за потценување можното влијание и врз одѕивот, општо и посебно врз резултатот на Гордана Сиљановска-Давкова, бидејќи се чини дека бојкотот има поголем број приврзаници меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ отколку меѓу СДСМ.

За неколку дена, на 21 април, нѐ очекува првиот круг на претседателските избори, и веќе следната седмица ќе се добијат одговорите на некои прашања. Многу поважно од тоа е изборите да поминат целосно фер и демократски.

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт