Евровизиски поделби 23.05.2019 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

Изборот за песна на „Евровизија“ помина, наместо кон приближување, се надоврза на низата на продлабочување на поларизацијата во земјата. Пред сѐ честитки за Тамара Тодевска, нејзиниот тим и МРТ за постигнатиот успех, досега најдобар.
Самиот избор за песна на „Евровизија“, е започнат и обмислен за приближување на земјите во поствоена Европа, преку лесна забавна програма. Првпат одржан во 1956 година во Швајцарија со само 7 земји, станува телевизиска програма што најдолго се одржува, со учество на над 40 земји, и публика меѓу 100 и 600 милиони гледачи. Изборот на „Евровизија“ не е единствената програма на Европската Унија на јавни радио-телевизии (ЕБУ) за помирување, слична програма е и „Игри брз граници“, која се организира во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
Како настан, избор на песна, од лесна забавна програма со добра мисија, во Македонија се преобразува во политизиран и поларизаторски настан. Се чини дека улога имаат нашиот културен профил (парохијален/локален), општата партизација во општеството, актуелната поларизација поради промена на името и улогата на новите медиуми.

Неколкупати имам реферирано на различни аспекти на национална и организациска култура употребувајќи ги моделите на Хофстеде, како однос кон моќта, маскулиност (машкост)/феминизација, индивидуализам/колективизам, долгорочност и други. Во анализа на групи, Хофстеде употребува и една димензија парохијален или локален, наспроти професионален. Во парохијалните групи, членовите се посветени на водачот (парох) и/или групата, краткорочно се ориентирани, внатрешно се фокусирани и постои силен социјален притисок да се биде како сите други. На другата страна постои посветеност на норми, правила, стандарди и долгорочна ориентираност. Ние, општо земено, сме заглавени во парохијална култура, култура каде што постои посветеност на водачот или групата, на штетата на нормите, правилата и стандардите. Во крајната пристрасност за своите, не страдаат само нормите, правилата и стандардите, туку основната логика и здраворазумско размислување, дури и најосновно добро воспитание. Една илустрација за парохијалност е кога исти лица пред 4 години барале наместо учество во „Евровизија“ да се купат амбулантни возила, а сега тврдат спротивно. И обратно.

Општата партизација на општеството, не е само партизација на јавната администрација, туку на економијата, културата, спортот, секој сегмент на општеството, поради преголемата улога на државата во сите тие сегменти. Државата е најголем работодавец, најголем инвеститор, најголем мецена во култура, спонзор во спорт, буквално нема аспект каде што државата не е навлезена. Во такво општество со мали можности надвор од државата, нормално расте притисокот врз државата.
Во земјата, фокусот на јазовите и поделбите со годините се поместува од меѓуетнички во внатреетнички. Ова не значи дека меѓуетничките јазови се надмината и немаат потенцијал за ескалација, но сега внатреетничкиот јаз меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е тој што го поларизира општеството. Промената на името е клучен фактор во актуелната поларизација. Бензин во огнот додаваат и двете страни. Првата, со брзината и со која Владата се труди да го примени новото име, што се чини излегува и надвор од предвидената динамика (и опсег) со Преспанскиот договор. Поддржувачи на Владата го употребуваат новото име во дози што почнаа да ги иритираат и независните. Другата страна воспостави погрдни термини, кои не се погрдни само за првата страна, туку и за сите нас. Се воведува застрашувачка поделба на „Македонци и фиромјани“ и „северџани и Македонци“, која на крајот носи страшен ризик да се сведе на „северџани и фиромјани“. Да научиме од историјата кој е резултат на големите поделби на македонското ткиво.

И на крајот е улогата на новите медиуми како Фејсбук и Твитер или, пак, интернет-страниците. Појавата на новите медиуми ја надмина контролата на традиционалните медиуми, и овозможи секој човек да биде и приемник, но и предавател. Тоа овозможи лица и групи, кои беа на маргините на општеството, да добијат комуникациски канал и гласност/јавност. Тоа е секако демократски чекор и овозможи полесна комуникација на маргинализирани лица и групи. Но овозможи гласност/јавност и на екстремисти и поларизатори. Дополнително овозможи пристап на лажни вести преку организирани трол-фарми со лажни идентитети. Така еден куп лажни профили и вистински екстремисти добија можност да ја истураат целата своја токсичност во јавноста, која е веќе зачната од јазовите, делбите и поларизацијата. Е сега кај нас, својата токсичност не ја истураат само лица од маргините, туку поради причините погоре како парохијалност го прават водечки новинари и универзитетски професори.

Сите пораки од врвот за приближување или помирување ќе останат без ефект ако на сите други нивоа се истура отров.

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт