Ова е мојот прв чекор во блогот „Меѓутоа“ и во оваа фаза на учење на првите чекори ќе се осврнам на целта, начелата и содржината на овој блог.
Мојата размисла за блог започна пред две години по првата обука за социјални медиуми која Борис Ристовски, соработник за интернет и нови медиуми, ја организираше за МЦМС. Како добра идеја ѝ требаше одреден период на зреење и секако достапно време за спроведување.
Во созревањето на идејата ми помогна еден настан на Цивил 2010 г. за Дијалогот. На него настапив со тезата дека дијалогот како процес за разбирање и учење на другата страна, во Македонија е ограничен со културата на „апсолутна вистина“ на филозофско и верско ниво. Во таква култура нема простор за дијалог туку за конфронтирачка комуникација и монолози – повторувања на ставовите едни пред други без обид да се разбере и научи. Од другите учесници силен впечаток ми остави Катерина Колозова со Како да се победи партиската ортодоксија? чии ставови се надоврзаа на аргументите од една друга дебата Граѓанските организации и политиката од 2006 г.
Така дојдов до основниот модел на Меѓутоа – блог за дијалог, за размена, разбирање и учење за аргументите и контра-аргументите, преку кој би се постигнале покомплетни и пообјективни согледувања. Покомплетни и пообјективни, ќе бидат колку што повеќе други луѓе ќе се вклучат во дијалогот, бидејќи јас сум свесен за недостатоците на моите знаења и секако за мојата субјективност, за моите вредности, начела и уверувања кои влијаат на моето осознавање на прашањата. Мојот клучен предизвик е да допуштам дека покрај мојата „вистина“ постојат и други „вистини“.
Името на блогот е позајмено од програмата на МЦМС – „Меѓутоа – Страници за меѓусебно разбирање“ чија цел беше подобрување на начинот на кои медиумите известуваат за меѓуетничките односи. Му благодарам на МЦМС за тоа.
Блогот Меѓутоа ќе содржи написи (постови) во следните подрачја: општествено-политички; институционално-организациски и себе-развој. Тоа се заснова на моето уверување за интегрираност на личниот, организацискиот и општествениот развој, односно дека човекот ги создава организациите и општеството според својот лик. Покрај наведените три подрачја постои и посебно подрачје Вредности и уверувања, за написи за моите вредности и уверувања, како изреки и цитати кои битно влијаеле на мојот вредносен систем, како и подрачје Живот, за патувања, доживувања… Блогот секако ќе ги има сите стандардни делови.
Па да започнеме со ново учење!
Сашо Клековски
Da go parafraziram Lao Ce
“I patot do doktorska disertacija – zapocnuva so eden blog!
So sreca
Zvonko
Госп. Клековски,
Убава идеја и убав наслов МЕЃУТОА. Самиот наслов кажува дека има и друго решение, друга идеја, друг пат. Самиот наслов кажува дека има сомнеж во првоискажаното. Интересно ќе биде. Јас кажав.