… Македонија падна на 132 од 153 места во 2011 година, со што се најде за 41 место подолу во споредба со 2010 година … Драматично, кој е индекс е тоа, дали е „слобода на медиумите“, „индекс на корупцијата“ или, пак „доинг бизнис“? Не ќе да е. Веста објавена на 25 април 2012 г. скоро не предизвика внимание: немаше партиски прес конференции, ниту уреднички коментари или расправа по социјалните медиуми.
Да, веста за Светскиот индекс за добротворство помина незапазено. Индексот вклучува три критериуми: донации на пари на организација, волонтирање во организација и помагање на непознати. Светскиот индекс за добротворство во 2011 г. вклучува 153 земји, а на врвот се наоѓаат англоамериканските земји, а понатаму следуваат скандинавски и северно европски земји. Земјите од Југоисточна Европа се при дното на листата, а Македонија е подобро рангирана од повеќето земји од регионот. Ваквите состојби се потврдени и со други истражувања како Индексот на граѓанското општество и Општествена одговорност на граѓаните.
Тоа е тогаш одговорот, станува збор за не толку важен индекс, односно не толку важно општествено прашање. Но дали е тоа така. Индексот вклучува прашања кои се суштествени за граѓанскиот ангажман, за граѓанското општество. Алексис де Токвил во своите студии за Демократијата во Америка говори за „демократски состојки“ од кои за најважна го смета здружувањето (associations). Тој смета дека активното здружување е услов за демократија и слобода. „Граѓанско општество без граѓани“ е оксиморон – граѓанското општество не е возможно без активни граѓани, без граѓански ангажман. Затоа, Светскиот индекс на добротворство укажува на битен општествен предизвик.
Кои се причините за таквата состојба на добротворството? Македонија има неповолна социокултурна околина за добротворството со недоверба во институциите и ниска вклученост на граѓаните. И социо-економската состојба, со распостранета невработеност, е неповолна. Сепак студии покажуваат дека е погрешен митот дека донираат богатите – често посиромашните донираат повеќе, бидејќи самите можат да имаат потреба или бидејќи познаваат луѓе во потреба. И една каректеристика за пост-комунистичките земји – и во Македонија сè уште постои етатистичка свест и очекувана одговорност на државата, а не на граѓаните или приватниот сектор, за решавање на проблемите. Еден добар пример за етатистичката култура беше снегот изминатата зима – никој не запраша зошто граѓаните не се волонтерски самоорганизираат за чистење на снегот или што прават општинските власти. Заборави волонтерство, заборави децентрализација, бараме силна и сеприсутна држава. Уште една последица на државниот социјализам е дека заедно со репресијата врз верските заедници, потисната е добротворната работа заснована на вера. Поради сите ограничувања тешко ќе може да се споредуваме со англо-американските земји, но мора да бараме решенија за напредок.
Државата има своја улога, но еден суперхерој не е доволен, потребна е плурализација на херои, потребни се секојдневни херои. Покрај државата, секој чинител и граѓаните и приватниот сектор и организациите и треба да го преземат својот дел од одговорноста.
Ние, граѓаните, мора да ја преземеме својата општествена одговорност. Нема кој, ниту може да има некој да не замени во нашата одговорност и солидарност кон заедницата и општеството.
Ретки се претпријатијата, вклучувајќи ги и најголемите, кои си поставуваат не само цели за добивка, туку и цели за вложување во општествена одговорност. Претпријатијата треба да се охрабрат да преминат од ад-хок активности, во воспоставување и на социјални цели, на пример процент од приходите или добивката кој претпријатијата ќе го вложат во општествената одговорност, а потребно е воведување и на „социјална ревизија“.
Граѓанските организации, бидејќи тие треба да го институционализираат, се клучни во развојот на добротворството. Долг е патот до поголем граѓански ангажман и потребни се комплексни мерки, меѓу другите за зголемување на довербата, отчетноста и транспарентноста, како и за вклучување на младите и новите медиуми.
Црквите и верските заедници треба да ги реафирмираат принципите на социјална работа – на ѓаконија или на зеќат и „садаках“ (милосрдие). Потребно е да се мултиплицираат добрите примери како „Ѓаконија“, Ел Хилал, Македонски Каритас, Дијаконија Македонија / Мис Стон центарот или Ла Беневоленција. Организациите засновани на вера се важен дел од добротворната работа и верските и јавните политики треба да бидат поттикнувачки. Треба да се охрабрат чекорите на јавно-приватно партнерство, како народната кујна во Велес.
Владата, ова и било која друга, треба да ја напушти улогата на суперхерој. Со својата сеприсутност само ги поттикнува очекувањата од државата и не создава услови за понатамошен развој на општествената одговорност на претпријатијата и граѓаните. Владата во својата про-бизнис ориентација ги намали даноците и придонесите што може да го намали капацитетот за услуги кои ги обезбедува државата. Тој процес не го следи суштински процес на зголемување на одговорноста и капацитетот на другите чинители. Потребна е понатамошна суштинска примена на стратегиите: за граѓанскиот сектор, за волонтерство или пак суштинска плурализација на социјалната заштита. Прв следен чекор со кој Владата треба да демонстрира волја, е суштински даночни поттикнувања за добротворството.
Потребни се многу секојдневни херои, потребни сме сите ние!