Честит Светскиот ден за разновидност на културите, за дијалог и развој!
Дваесет и први мај е прогласен за светски ден од ОН во 2002 г., што следи по Универзалната декларација за разновидност на културите на УНЕСКО од 2001 г. Со декларацијата се прогласува дека „културната разновидност е неопходна за човечкиот род“, се говори за „културниот плурализам“ и дека „есенцијално е да се обезбеди хармонична интерактивност на луѓето … и волја да живеат заедно“. На овој ден се промовира културната разновидност, како и свесноста за вредноста на јазичната разновидноста.
Културната разновидност не е само неминовност во ерата на глобализација, мултикултурата постоела отсекогаш и насекаде. Денес во светот само 11% од државите може да се сметаат за монокултурни. Мултикултурата постои дури и во Европа, перцепирана како дом на етнолингвистички хомогени национални држави, каде што клучни политички лидери ја прогласуваат мултикултурата за пропадната. Во Европа се говорат 234 јазици, а сите држави имаат меѓу 3 и 42% немнозински етнички заедници, а две држави немаат мнозинство. Мултикултура постоела и во Берлин кој во 1700 г. имал 20% Французи, а ѝ сега Германија признава пет јазици како малцински јазици. Добра илустрација за мултикултурата е видеото Европа во стои бои кое неделава кружи низ интернет.
Како македонското општество се справува со мултикултурноста? Македонија има разновидност на културата, која ги надминува песимистичките изјави за двонационалност, или стандардните описи за седум јазици што се говорат или неколку религии што се практикуваат. Нашата мултикултурата е многу повеќе од тоа, на пример 22 дијалекти се прогласени за културно наследство во 2011 г., а планирани се мерки за заштита на гагаускиот и мегленскиот јазик кои се во опасност од изумирање. Но според едно истражување, граѓаните се поделени околу тоа дали Македонија е подобро место поради многуте култури, односно имаат дилема дали мултукултурата е проклетство или богатство. Од каде е таа дилема? Иако меѓуетничките односи се подобруваат по 2001 г., повеќето граѓани сметаат дека тие се воздржани или ривалски. Предрасудите и недовербата се високи, висока е перцепцијата на етничка дискриминација, а етничките тензии се водечка причина за делби во општеството – живееме еден покрај друг, а не еден со друг. Мултикултурноста во Македонија е на дното на 4 Д скалата: разновидност, разлики, поделба и спор (Diversity, Difference, Division, Dispute), односно се движи меѓу поделеност и спорови (конфликт). Хајделберг институтот за истражување на меѓународните конфликти меѓуетничките односи од 1991 г. наваму ги класифицира како отворен конфликт (2) и криза (3) во скала од латентен конфликт (1) до војна (5). Македонија е заробена во општествената (социетална) безбедносна дилема – „на Македонците (на кои Македонија им е се што имаат) за опстанокот на државата (и нацијата), а на Албанците дека ќе бидат маргинализирани во таа држава“. Тоа е дополнително комплицирано со непризнавањата од соседите, и се надоврзува на постојната перцепција дека (несправувањето со) мултикултурноста е причина за распадот на СФРЈ. Тоа ја намалува поддршката за мултикултура и дел од етничките Македонци, мултикултурата ја оценуваат како самоуништување на Македонците и се залагаат за национална држава, а што на другата страна ја засилува подршката на етничките Албанци (ДПА, НДП) за двонационална држава. И така во затворен круг.
За да биде национално богатство, треба да ја прифатиме мултикултурата и да ја разбереме како вредност. За да биде национално богатство, мултикултурата не треба да биде заснована само на нашата етика и човекољубие и треба да биде повеќе од политика и уставно-политички систем, мултикултурата треба да има економска вредност и да придонесува кон економскиот развој и благосостојба од која можат да имаат добивка сите граѓани. Мултикултурата придонесува во економските постигнувања не само на земји како Австралија, туку и во ЕУ и Германија, дури дефинирана е и нова – интеркултурна компетентност. Добивките се од пристап кон нови пазари до јакнење на човечки и институциски капитал. А пак добивките од повеќејазичноста се од индивидуално ниво, со подобрување на креативноста, до општествени и економски добивки – компетитивноста поради повеќејазичноста создава до 10% од БДП.
Како резултат на комплексни фактори, кои сигурно ја вклучуваат мултикултурата, Македонија е перцепирана како пријателска или неутрална земја од граѓаните на сите земји на Западен Балкан, од Хрватска (87%) до Албанија (94%), повеќе од било која друга земја од регионот. Тоа ја прави Македонија одлично место за регионален бизнис, регионален туризам (вклучувајќи и здравствен) и регионални студенти. Нашите културни и јазични вештини и мрежи можат да бидат основа за експанзија на нашата регионална трговија и инвестиции, но и на трговијата со Истокот и халал-пазарот. Уверен сум дека една поинаква Македонија, каде мултикултурата е разбрана како национално богатство, е возможна. Со стратегиски пристап можеме да ги направиме следните чекори и преку дијалог и развој да го постигнеме посакуваниот просперитет и благосостојба.
Почитуван Госп. Kлековски,
Согласен сум со Вас дека мултикултурното општество е богатство на една држава. Во секој случај мултикултурната држава е многу побогата од монокултурната. Постојат многу теории,насоки,законски регулативи кои го третираат начинот на функционирање на мултикултурното општество. Многу се зборува за него и многу се инсистира на спроведување на правилата за соживот во мултикултурните општества.
Да се навратам малку за состојбата кај нас во Македонија. Ние сме мултикултурно општество,мултикултурно во вистинското значење на овој збор. Измешани национално,верски, јазично,културно…
Проблемот кај нас произлегува од двете најголеми етнички групи-Македонците и Албанците. Убаво велите дека едните (Македонците) ја имаат само оваа држава додека другите ( Албанците) имаат уште две опции (Албанија и Косово). Каде јас го гледам проблемот во заедничкиот соживот на овие две заедници?Меѓусебната состојаба ја познавам уште од 1968 г.(големите демонстрации на Албанците во тогашна СФРЈ) па до денес.Никогаш до сега,ама баш никогаш, не сум бил сведок на демонстрации организирани од Албанската заедница,а да се однесувале на економски,социјален или друг друг проблем надвор од нивниот основен и едонствен проблем (по нивна проценка),а тоа е нивните загрозени човекови права.Ве прашувам Вас, сте виделе ли некогаш на собир на Албанците да се вее Македонското Знаме или да се пее Македонската Химна ? Јас не.А Вие?
Се согласувам со Вас деке се се решава преку дијалог,но за дијалог се потребни двајца. Мое е мислењето дека тука ние водиме дијалог на глуви. Во 2001 г. со Охридскиот Договор ги дефиниравме односите помеѓу етничките заедници во Македонија. И , се промени ли нешто во тие односи, идејата за приклучување на делови од Македонија кон Албанија и сега најново кон Косово исчезнаа? Не. Доволно ми кажува фактот дека Република Албанија не нема признаено под уставното име.
Да се разбереме, јас сум за дијалог, јас сум за соживот, но со полна искреност и желба да се реализира тоа вистински,а не само декларативно.Дијалогот да се води меѓу нас самите, а не после секој одбиен предлог (често пати неразумен) да се трча кај Американскиот Амбасадор и ЕУ , за да им помогнат и се накодошат Македонците за нетолерантност. Во овие 40 тина години се изнагледав едно исто клише за обесправеност.
Бев ЛИЧНО присатен на нивните последни демонстрации пред Владата на РМ. Господ да ме убие ако сватив за што всашност протестираа. Помалку разбирам и Албански,но ништо на сватив. Сватив само едно, а тоа е прашање-кај живеам јас?Да се скандираат други држави,да се плука по мојот Премиер (кој е и нивни),да ме нарекуваат со погрдни зборови мене и мојата татковина…Од очите на присатните на овој собир им гледав омраза,желба за нешто друго што нема никаква врска со соживот и толеранција И, каде е тука соживотот,желбата за дијалог и толеранција??? Каде се Албанските интелектуалци да изледат со осуда на ваквиот вокабулар?
Има ли решение?
Со почит,
Перо Чиракот
Нема решение секој може да кажи што сака да прави