Секуларност да, по мера на општеството

Минатиот месец Норвешка, одлучи да стане секуларна држава. Не е грешка, веста е точна. Норвешка, како и другите скандинавски земји, перцепирани како најсекуларни општества, до минатиот месец беше несекуларна држава, каде што кралот е врховен поглавар на црквата, државата ги именува бискупите…

Појдовна точка е разјаснувањето – секуларна држава и секуларно општество, се различни концепти. Во првиот случај, секуларна држава, тоа е доктрина со две начела: првото, секуларност – државата (институции, политики и практики) и верските заедници треба да бидат одвоени и независни едни од други и второто, слободата на вероисповеста. Во вториот случај, секуларното општество е поврзано повеќе со секуларизацијата како општествен процес, отколку со раздвојување на црквата и државата. Секуларното општество не прифаќа еден поглед на светот и на улогата на човекот во него, е плурално, толерантно, решавањето на проблемите е рационално… Секуларизмот е движење кон модернизација, за усовршување на човекот и општеството, и е критичен на верската правоверност. Додека секуларната држава добива поддршка и од црквите „на кралот – кралевото, на Бог – божјото”, верските заедници се против секуларизацијата на општеството, гледајќи закана во моралниот релативизам. Но и доколку се прифати дека секуларизацијата е модернизација, таа како критика на верската правоверност, самата не смее да стане догма: „Секуларноста не вели дека нема светлина на други места (м.з. во религијата), но тврди дека има светлина и во секуларната вистина”.

Различни концепти на секуларност, од пријателска до непријателска, и различни контексти, даваат различни исходи. САД во западниот свет се првата секуларна држава, но спаѓаат во земјите со јаки традиционални-религиозни вредности, односно имаат „јасна раздвоеност и актуелна соработка”. Франција (од 1905 г.), и Турција (од 1928 г.) се два најчести примери за помалку пријателски концепт – во лаиците има одредено ограничување на јавното искажување на религијата. Примерите на секуларни општества во доскоро несекуларни држави веќе ги споменав. Во Јужна Америка има јако влијание на црквата врз политиката и тоа влијание не е негативно, напротив, теологијата на ослободување е основа на позитивната социјална трансформација која е во тек во Јужна Америка. Расправата за секуларноста не е затворена. Контроверзиите, во Европа се околу јавното носење на марама, ограничувањата на градба на џамии и право на религиозен избор во образовните услуги, а во САД за школската молитва и креационизмот.

Македонија во социјалистичкиот период имаше непријателски став кон црквата, засновано на марксистичкиот став дека секое верско влијание е негативно. Кај нас, посебно во нерелигиозните кругови, се отфрла постоењето на репресија врз религијата во тој период. Но фактите се поинакви. Државата активно ја маргинализира религијата и јавното изразување на верата се репресира. Се намалува бројот на верски објекти за молитва – храмовите се трансформираат во културно историски споменици. Имотите се национализираат, свештените лица се прогонуваат и судат за контрареволуционерни дела. Марксизмот го заменува верското образование во училиштата, верските празници како Божиќ, се заменуваат со секуларни празници како Нова Година, гробовите се означуваат со петокраки наместо со верски симболи. Крајната цел не е раздвојување на државата и црквата, туку раздвојување на општеството и црквата – целосна маргинализација и изолација на религијата.

Од 1991 г. Македонија е дефинирана како секуларна држава, но напуштен е претходниот непријателски модел и направени се чекори за реституција: верските објекти се вратени на верските заедници, извршено е делумна денационализација… Од друга страна се зајакнува секуларноста – во 2001 г. со воведување во Уставот на петте историски цркви и верски заедници и гарантирање на еднаквоста, а во 2007 г. со воведувањето и на исламски и други верски празници покрај христијанските православни празници. Прашањето кое предизвика многу контраверзи – веропоуката во јавните училишта, се реши со воведување на етика на религијата, запознавање со религиите и класична култура, со што се овозможи плурализам и еднаквост за сите религии и за хуманистите.

Македонија мора постојано да е во потрага на својата хармонија и мера за секуларност. Постоењето на повеќе религии во Македонија бара цврст нагласок на секуларна држава каде е гарантирана еднаквоста на сите верски заедници. Потребно е да се справиме со перцепираната предност на побројните цркви и верски заедници во прашањата како правната регистрација, државното финансирање и денационализацијата или учеството во јавниот живот, вклучувајќи и осветување на јавни објекти. Како земја со традиционални-религиски вредности, каде четири од пет граѓани (80%) се сметаат за религиозни, Македонија, треба да практикува „активна соработка“ и поголема интеграција на верските заедници, осебено во јавните политики и интеграцијата на верските образовни институции. Клучен чекор е направен во 2007 г. со вклучувањето на петте историски верски заедници, покрај другите чинители на поширокото граѓанско општество како коморите, синдикатите и граѓанските организации, во Националниот совет за евроинтеграции, со цел постигнување на „заедничка согласност и координирано дејствување“ во ЕУ интеграциите. Сега верските заедници треба соодветно да развиват капацитет за новата општествена улога и истата одговорно да ја практикуваат.

 


Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.