Богатите роднини

При крајот на втората недела од мојот престој во Киргистан – земјата од другата страна на империјата, почна да ми недостасува Македонија, но со дополнителна мотивација на читателите ова лето ќе посветам уште два написа, овој и еден во август, на Централна Азија.

Повеќе денови поминав во летното одмаралиште на Централна Азија: Исик-кул езерото, на падините на Тиан Шан. Престојував во санаториумот Аврора, кој го нарекуваат – санаториум легенда. Изграден во 1979 година, слично на неговиот македонски врсник хотел Метропол во Охрид, бил бисерот на брегот на Исик кул. Изграден е во форма на брод и посветен е на славниот руски крстосувач Аврора, Сеуште има задржано од својот сјај, посебно со прекрасната парк-шума од околу 50 хектари. За разлика од македонскиот врсник, Аврора сеуште е во државна сопственост, а во салите сеуште се чуваат собраните дела на Ленин. Како времето да застанало пред 30 г., чувство како враќање во младоста. Но секако дека најголем дел од магијата ја создава самото езеро, околните високи планини и секако киргиско-рускиот ритуал на пливање на изгрејсонце. Враќањето од Исук кул езерото кон Бишкек, првото на 1.600 метри надморска височина, повисока од наш Галичник, а вториот на околу 900 метри, скоро колку наше Водно, поради температурните разлики од 6-7 степени, многу ме потсеќа на враќањето од свежиот Охрид кон жешкото Скопје. Бишкек како и Скопје има “изгор лето, кочан зима”.

Бишкек, како и други поранешни советски градови, фасцинира со големиот број на паркови и споменици. Тука се Панфиловиот парк, Ала-То плоштадот, плоштадите на Мајката Револуцијата и на Победата. Во градот постои музеј на болшевичкиот лидер Фрунзе, кој по потекло е од Бишкек и чие име градот го носи до 1991 г. Само пред неколку години споменикот на Ленин на централниот плоштад е заменет со споменик на националниот обединитеп Манас, а еден дел од главно руските имиња на улици се заменети со киргиски имиња. Бишкек е двојазичен град, а доминатниот ислам, не е одразен во културата на градот.

Бројот на Руси во Бишкек е во постојано намалување, што може пред се да се должи на киргиската сиромаштија. Со сиромаштијата може да се објасни и скоро целосното иселување на германската заедница и од Киргистан и од Казахстан. Но, намалувањето на бројот на Русите во двете земји може да се објасни и со чувството на загрозеност на губењето на статусот на мнозинство (во СССР), слично како Србите во поранешна СФРЈ. Дополнителен притисок создава масовната миграција од запоставените рурални подрачја, на кои системот во СССР не им обезбедувал мобилност, кон поголемите урбани средини и создавањето на “новостројки” – нови населби со рурални Киргизи и Казаси.

Економијата на Киргистан зависи од извозот на злато, а во Бишкек многумина својота заработувачка ја прават во Дордој – веројатно најголемиот пазар во Централна Азија, со над 7.000 продавници – контејнери и над 20.000 работници. Дордој е главна дистрибутивна точка за кинески производи за Централна Азија и сибирскиот дел на Русија. Во километрите контејнерски продавници се продава се, а продавачи и купувачи има од секаде. Веројатно најголема пречка за развојот е сеприсутната корупција, вклучувајќи на пример и при издавање на виза, кога може ем да не добиете сметка, ем да бидете поткраднат, ем што е најстрашно – да добиете несоодветна виза. Секако голема важност имаат околу еден милион или 20% Киргизи, кои работат како “гости” кај своите богати роднини Казасите и Русите.

Казасите и Киргизите, како и Узбеците, Туркмените и други народи во Централна Азија, Русија, Иран, Кина се роднини – сите припаѓаат на турските народи. Секако како сите блиски народи, понекогаш ја нагласуваат посебноста, на пример турското “не” – “јок”, е киргиско “џок” и казахстанско “жок”. Всушност Киргизите и Казасите, се многу блиски, во културна, јазична и секоја смисла. Двата народи ги споделуваат и сонцето и орелот како свои национални симболи. Но ресурсите не се поделени подеднакво и Киргистан станува зависен од своите богати роднини Казасите. Казахстан покрај тоа што е една од најголемите и најретко населени држави на светот, е десет пати побогат од Киргистан.

И парите можат да отуѓат многу блиски луѓе и народи. Богатството како јаз меѓу браќа најдобро можев да го согледам на границата меѓу двете земји. Од Бишкек кон Алмати патував со автомобил, затоа што киргиско-казахстанската граница е на само 20 минути возење од центарот на Бишкек, а до Алмати нема повеќе од 200 км. Втората причина за патување со автомобил е дека ниту една киргиска авиокомпанија не ги исполнува европските стандарди за безбедност. Граничниот премин меѓу двете земји Акџол/Кордој повеќе личи на железна завеса отколку на братска меѓа. Патниците со целиот личен багаж мора да излезат од автомобилите и се упатуваат кон систем на ходници налик на кафези кои водат на другата страна, при што се подложни на редица контроли. На тој начин Казахстан сака да го сопре или барем контролира приливот на своите јужни посиромашни браќа. Со иста цел Казахстан има рестриктивен и комплициран виза режим.

По повеќе поминати километри во Казахстан не можев да видам зошто Казахстанците се богатите роднини. Но по извесно време патот премина во автопат и како се приближивме кон Алмати, поранешниот главен град на Казахстан (до 1997 г.), разликите стануваа се повидливи. Поквалитетни патишта и улици, големи градилишта во самиот град, реконструирани клучни јавни објекти како Универзитетската клиничка болница или Операта, и на крај близу скандинавските цени ми потврдија дека тоа се богатите роднини. Алмати иако не е повеќе главен град, е најголемиот град во Казахстан, со над еден милион жители и придонесува со 20% во БДП на Казахстан. Алмати е финансискиот центар на Централна Азија, со амбиција да стане главен деловен центар. Алмати е веројатно и најмултикултурниот град во Централна Азија со половина население Казаси, третина Руси и петина десетици други етнички групи.

Во Алмати и во Бишкек, сум имал и имав едно од тие доживувања со шанса еден на милион. При мојата дамнешна посета на Алмати во 1998 г. таму затекнав роднина, ангажиран на реконструкцијата на Операта. Сега, во Бишкек во локална украинска “корчма” Тарас Буљба, налетав на познат Македонец! Средбите со Македонци, во Бишкек и Алмати, се случајност, но можат да бидат знак на можностите кои постојат таму.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.