Сите денови треба да се отворени денови!

Минатата недела имаше скромна вест, на Алфа ТВ, дека наводно пратениците го одбиле барањето на Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) редовно да учествува на седниците на Комисијата за надзор над мерките за спроведување на следење. Без да навлегувам во точноста на конкретната вест, добив потврда дека ХКЧП се обратил до повеќе комисии на Собранието на Македонија за редовно учество во нивната работа, а добил потврден одговор од две комисии: од Комисијата за еднаквоста на мажите и жените и Националниот совет за евроинтеграции.

Иако со членот 122 од Деловникот на Собранието на Македонија е предвидена можноста да се поканат научни, стручни и јавни работници, претставници на општините и на синдикатите и здруженијата, за изразување на нивното мислење, горенаведената вест не ме изненадува. Пред неколку години на дебата во самото Собрание реков дека почесто сум учествувал во работата на собраниските комисии во социјалистичкиот период – како претставник на студентскиот сојуз во Комисијата за образование и Комисијата за труд и социјална политика, откалку во демократскиов период. Кога по победата на СДСМ во 2002 г. делегација од неколку водечки организации побаравме од тогашниот Претседател на Собранието да ги поттикне претседателите на комисиите да покануваат претставници на граѓанските организации, тој кратко одговори дека нема да го стори тоа и дека „ние победивме и ние сме власт овие четири години“.

Секогаш кога настапувам во „црни тонови“ добивам конструктивна критика од Лилјана Поповска (ДОМ), дека состојбата е подобра. И да, можеби проблемот што веднаш скокаме во слабостите без да ги споменеме и силните страни. Собранието покажа отвореност со прифаќање на повеќе иницијативи. Македонското женско лоби основано од 2000 г. обезбеди интеракција меѓу Собранието и стручните работници и граѓански активисти, што резултира со повеќе законски проекти и секако беше зародиш на сегашната Комисија за еднаквост на мажите и жените, една од најактивните во организација на јавни расправи, како неодамнешната за Националната стратегија за спречување и заштита од семејни насилство 2012-2015. Тука е и примерот на Интерпартиската парламентарна група за лицата со хендикеп основана во 2003 г. со водство на Полио плус, која е исклучителен пример за отвореност и вклучување на граѓанските организации во јавните политики. Таквите поттикнувачки акции водеа во отварањето на Канцеларијата за контакти со НВО во 2004 г. Врвот се постигна основањето на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) во кој се вклучија претставници на поширокото граѓанско општество, како ЗНМ, стопанските комори, верските заедници и граѓанските организации. Впечаток на повеќе активисти е дека Комисијата за европски прашања, НСЕИ и Комисијата за еднаквоста на мажите и жените се водечки во отвореноста, најчесто изразени низ формата на јавна расправа, како ефективен инструмента на граѓанска партиципација. Намерно не го нагласувам Отворениот ден на Собранието, бидејќи сепак тоа е еднодневен и пред се формален настан.

Но тука некаде завршува листата на успеси. Зошто нема повеќе успеси? Вина има на двете страни и на страната на граѓанските организации и на страната на Собранието. И на двете страни им недостасува заемно разбирање и признавање.

Многу граѓански организации, пред се беа фокусирани на градење на социјалниот капитал со донаторите, отколку партнерства со државата и приватниот сектор. И доколку постои соработка со државата често интересот е фокусиран кон извршната власт, а занемарена соработката со Собранието. Иако во Македонија стереотипот дека е влијание може да се оствари само преку моќната извршна власт, има се повеќе факти, од кои некои ги наведов погоре, дека соработката со Собранието е клучна за граѓанското влијание на јавните политики. Еден од пропустите во лобирањето за Законот за спречување и заштита од дискриминација е всушност ненавремено вклучување на пратениците во дијалогот за законот. Втората слабост на страната на граѓанските организации е (не)прифаќањето на ограничувањата на советодавниот статус. Пратениците се носителите на законодавната власт, а граѓанските организации можат само да го дадат своето мислење – до пратениците е крајната одлука. Тоа е тоа, граѓанските организации се за советување, а пратениците за одлучување. Некогаш се заборава тоа и барајќи невозможно се губи можноста за оптимален компромис.

А Собранието? Горенаведениот исказ на поранешен Претседател на Собрание е најилустративен. Многумина наши политичари, чест на исклучоците, ја доживуваат власта авторитарно. Се потсеќаат на лекциите за граѓанска партиципација и демократија само кога се во опозиција, но брзо ги забораваат кога ќе дојдат на власт. И вушност пропуштаат да разберат кои се можностите на граѓанската партиципација. Со вклучување на стручната и граѓанска јавност, Собранието добива бесплатни мислења за подобрување на јавните политики. Мислења и совети кои инаку некогаш се плаќаат скапо. А подобри јавни политики водат кон задоволно граѓанство и зголемени шанси за реизбор. Зар реизборот не тоа што секој пратеник, секој политичар го сака. Така со невклучување на јавноста пратениците работат во „корист на својата штета“. Избегнувајќи да признаат дека суштински се против граѓанска партиципација, одредени пратеници велат „па кого да поканиме, Вас (граѓанските организации) ве има на илјади“. Тоа е всушност е признание на непрофесионалност, бидејќи секој еснаф пратеник, мора да знае кои се релевантните организации од неговото подрачје на делување. Тешко на пратениците на пример од Комисијата за земјоделие, шумарство и водостапанство, како и на нивните стручни соработници, ако не знаат кои се релеватните стручњаци и релевантните здруженија на земјоделци.

Можеме да постигнеме прогрес, ако се разбереме околу овие точки, го унапредиме нашето заемно разбирање и признавање, и ја унапредиме вклученоста на стручната и граѓанска јавност во Собранието, и сите денови да бидат отворени денови.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.