(Анти)aмериканизам

Реакциите кон САД се движат до двата екстреми: од сатанизација до величење.

САД како глобален чинител, неминовно предизвикува реакции поврзани со настани, во кои нивното учество се перцепира како клучно. Реакциите се движат до двата спротивставени екстреми: од сатанизација до величење. И Македонија не исклучок во тоа, а последните бран на реакции започнаа од Самитот на НАТО во Чикаго, а зачестија по настанот во Слупчане. Коментарите се движеа од „ЕУ и САД две децении водат валкана војна против Македонија“ до „безалтернативна Македонија“. Меѓутоа, дали работите се толку црно-бели?

Амбасадорот Кристофер Хил, од амбасадор на САД при нападот на Амбасадата на САД во 1999 г. до добитник на орденот „8 септември“ во 2008 г., е одличен пример на подемите и падовите во македонско-американското партнерство, подеми и падови какви што има во секое партнерство.

Антиамериканизмот во Македонија не е единствено движење, туку се состои од повеќе правци. Историски, од социјалистичкиот период, тоа е поткрепено од генерациите за кои САД и Западот беа идеолошките непријатели и за кои „Америка и Англија ќе бидат земји пролетерски“. Како анегдота се раскажуваше дека неколку години по приемот на Македонија во Партнерството за мир, нашата армија сè уште употребувала „плави“ ознаки за непријателите, а „црвени“ за сојузниците, а не обратно, според НАТО-стандардите. Модерниот антиамериканизам вклучува и левичарски – антимилитаристички и антиглобалистички групи, и исламистички групи, како и десничарски македонски национални групи. Понатаму ќе се задржам само на последниве.

Основниот поттикнувач на македонскиот национален антиамериканизам се фрустрациите предизвикани со спорот со Грција и од тоа предизвиканиот застој во евроатлантските интеграции. Ставовите се дека Македонија сторила доста за САД, од поддршката на интервенцијата во СР Југославија, до учеството во НАТО-мисии, а за возврат добила одложено признавање и контроверзен прием во ООН, одолжени евроатлантски интеграции, наместен воен судир во 2001 г. и промена на уставно-политичкиот систем, непринципиелна територијална организација.

Тоа е еднострано гледање и ја негира поддршката од САД која постои во сите клучни историски периоди: илинденскиот, конституирање на (НР) Македонија и независноста. Неколку примери. Во САД постои позитивно јавно мнение во илинденскиот периодот и посебно при аферата Мис Стон, како и политичка поддршка за време на американскиот претседател Вудро Вилсон и неговата политика за самоопределување на нациите. САД го следат конституирањето на (НР) Македонија, кога е присутна американска мисија при Главниот штаб на НОВ, како и англиската мисија. Не случајно на Првото заседание на АСНОМ, покрај југословенското и советското знаме, биле поставени и американското и британското знаме. И на крај САД имаат улога во независноста на Македонија. Со воспоставувањето на УНПРОФОР во 1992/93 г. и распоредувањето на американска војска, според пишувањето на „Нова Македонија“, САД го спречуваат наводниот српско-грчки план за интервенција во Македонија. САД се битни и за интеграцијата на Македонија во меѓународните организации по блокадата во 1992 г. со Лисабонската декларација на ЕУ за бришење на Македонија од името. За 2001 г. потребна е поголема временска дистанца за пообјективно согледување.

Погоре наведениот пример од 1992 г. укажува дека геополитичката рамка е комплексна. САД и ЕУ не се едно, ниту, пак сите земји на ЕУ имаат иста политика кон Македонија. И влијанието на САД не е како што било, со крајот на униполарноста на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 г. Понатаму самите САД може да имаат политики, кои се позитивни или негативни за Македонија. Нема едноставни црно-бели слики. На пример, веќе споменатиот Вудро Вилсон кој добива Нобелова награда за Лигата на народите, истовремено е подржувач на расната сегрегација во САД.

Сосема друга димензија добиваат македонско-американските односи, (зло)употребени за партиски цели. САД се претставуваат како арбитар во внатрешните работи и партиите се во постојан натпревар за демонстрација на поголемата посветеност кон САД. На тоа се надоврзува јавната комуникација на амбасадата на САД, која понекогаш е на граница на мешање во внатрешните работи, за разлика на дискрецијата на В. Британија или други земји. Истовремено и македонската десница и левица сметаат и на македонските национално ориентирани гласачи. Така добиваме паралелни партиски политики и на блискост кон САД и на блискост кон национално ориентираните гласачи. ВМРО-ДПМНЕ го промовира стратегиско партнерство со САД, Турција и Израел, а премиерот Груевски јавно го критикува лицемерството за приемот во НАТО. На другата страна, СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ отстапува од евроатлантските интеграции, но за случајот Слупчане, не го прифати ставот на амбасадата на САД за „храбро лидерство“ на Министерот Бесими и настапи со став за „паралелизам во безбедносниот сектор“, директно поттикнувајќи недоверба дека етнички Албанци можат да водат безбедносни сектори.

На крај граѓаните се тие кои одлучуваат за стратешката ориентација и партнерства на Македонија. Според Галуп, мнозинството на граѓани во Македонија, го подрржуваат глобалното лидерство на САД и таа поддршка расте од 46,6% во 2006 г. на 54,6% во 2011 г., што е повисока поддршка од, на пример, таа во Хрватска или повисоко одобрување од било која друга голема сила, а бројот на тие што не се согласуваат се намалува од 45,1% во 2006 г. на 19,8% во 2011 г. САД како пријателски или неутрален за Македонија го перцепираат големо мнозинство на граѓаните, од 83% во 2006 г. до 86,6% во 2011 г., што е попријателска перцепција од таа во Хрватска, а граѓаните кои САД го доживуваат непријателски се незначително малцинство кое од 10,3% во 2006 г. се намалува на 4,7% во 2011 г. И според истражување на МЦМС и ИДСЦС од јули 2012 г. поддршката за евроатлантската ориентација на Македонија од 61,4%, заедно со стратегиско партнерство со САД, Турција и Израел од 6,5%, далеку ја надминува поддршката за стратегоско партнерство со БРИК од 10%.

Македонија и САД имаат меѓусебни пријателски односи, а ставовите на граѓаните потврдуваат дека билансот на македонското-американско партнерство е позитивен, иако тој не смее да се поедноставува во една или друга крајност. Свесни дека сме далеку помалиот партнер, во зададената геополитичка рамка, од нас зависи, со решителност и мудрост, да го надградиме досега постигнатото.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.