Олимписки политики

Зад нас е Лондон 2012 – „радосни и славни Игри“ кои несомнено ќе останат во долго сеќавање поради извонредните спортски натпревари  и  двете спектакуларни церемонии. Модерниот олимпизам се смета дека е осмислен од Пјер де Кубертен, кој е почетно мотивиран од идејата на психофизичко здравје за сите и во олимпизмот ги вградува своите идеали за спортот: вреднување на аматерскиот спорт, улогата на спортот во промоција на разбирањето меѓу културите и на мирот, како и дека „не е важен триумфот, туку натпреварот“. Денес олимпизмот вклучува филозофија за балансирана целина на психофизичките квалитети, а целта е спортот да биде поддршка на хармоничен развој на човештвото, со промоција на мирољубиво општество и заштита на човековото достоинство и недискриминација. Принципите се преточени во акција низ програми како „спортот и развојот“ или интеграцијата на Паралимпик игрите во Олимписките игри од 2008 г., вклучување на лица со хендикеп во Лондон 2012 или постигнувањето на учество на жени во сите национални тимови во Лондон 2012.

Од самото основање до денес, Игрите предизвикуваат контроверзии околу своите принципи како: аматеризмот наспроти професионализацијата (и комерцијализацијата), меѓукултурното разбирање и мирот наспроти политичка (зло)употреба, натпреварот наспроти победа по секоја цена, вклучувајќи со употреба на нелегални средства (допинг, местење резултати).

Олимпизмот со самото дефинирање на мирот како своја цел станува предмет на интерес на политиката. Сепак, клучен фактор на политичкиот интерес е олимпискиот успех. Низ бројки од 14 нации и 241 спортисти во Атина 1896 до 205 нации со околу 11.000 спортисти во Пекинг 2008 и Лондон 2012, Олимписките игри стануваат настан со најголемо влијание. Пекинг 2008 е досегашен повеќедневен настан со најголема глобална гледаност со процена од 4.7 милијарди гледачи или 70% од светската популација. Со такво влијание врз глобалната публика, неминовен е интересот на политичарите. Тој интерес некогаш се демонстрира дискретно пред се преку изборот на локацијата и спортскиот триумф или вулгарно преку бојкот или дури терористички акции. И тоа не е модерен феномен туку е присутно од почетоците на Игрите.

Вклученоста на политиката во Игрите преку политички бојкоти е присутна од самиот нивен зачеток. СССР во 1928 г. основа свои пролетерски игри „Спартакијада“, наспроти „аристократските“ Олимписки игри, и им се приклучува на истите дури во 1952 г. Поради спор за името Кина, НР Кина ги бојкотира Олимписките игри од 1952 г. до 1984 г. и се враќа откако ИОК ја преименува Република Кина (Тајван), во Кинески Тајпеј. Секако најмасовна политичка злоупотреба на игрите се случува на врвот на Студената војна со масовните бојкоти на Москва 1980 и Лос Анџелес 1984.

Олимписките игри иако се спортски натпревар на петте континенти, симболизирани во петте олимписки круга, според нивната локација долго време биле „северноатлантски игри“ – од 27 игри во Европа се одржани 16, во Северна Америка – 6, во Азија – 3 и во Австралија – 2, а досега не се одржани во Јужна Америка и Африка. Олимписките игри стануваат мегапроекти со рекордно високи инвестиции, во Лондон 2012 од 14,8 милијарди УСД или Барцелона 1992 од 11,4 милијарди УСД. Како мегапроекти Олимписките игри стануваат некој вид на меѓународно признание за националниот прогрес и престиж. На пример Токио 1964, Сеул 1988, Пекинг 2008 и Рио де Жанеиро 2016 се признание на изменетата меѓународна позиција на домаќините и новата глобална мултиполарност.

Наспроти Олимписките принципи и статутот на ИОК (член 6.1) кој вели дека игрите „се натпревар меѓу индивидуи и тимови, а не натпревар меѓу земји“, самата иконографија со прогласување на победници со знамиња и химни, или рангирање на земјите според освоени медали, го нагласува значењето на националниот спортски триумф како потврда на сопствената национална, политичка или друга супериорност. Веројатно прв кој гледал таква можност е Хитлер, кој во спортскиот триумф  во Берлин 1936 очекувал потврда на ариевската супериорност. За периодот на Студената војна, Игрите стануваат поле на натпревар на двата блока, а сега соодветно на изменетата геополитика, спортското ривалството се поместува на САД и Кина. Но дури и во презентацијата на успехот (освоени медали) има политика – на фаворизирање на големите сили, и тука им благодарам на Александар Кржаловски и Филип Стојановски, кои ми го привлекоа вниманието кон тоа. Во Лондон 2012, според традиционалниот начин на презентација, најуспешни се САД, Кина, В. Британија, Русија и Ј. Кореја. Но доколку се применат алтернативни модели и бројот на медали се спореди со БДП на земјата, популацијата или бројноста на тимовите, успешноста ќе изгледа многу поинаку. На пример, според БДП, лидери би биле Гренада, Јамајка и С. Кореја, според популација Гренада, Јамајка и Бахами, а според бројност на тимовите Кина, Јамајка и Иран. Очигледно алтернативниот модел гради поинаква слика каде сиромашната и мала Јамајка, а не богатите и големи САД се спортска суперсила. Тука некаде е и пораката дека „силата е во обединетоста“, па така обединетите САД со 104 медали, би биле далеку трети позади обединетите „СССР“ со 162 медали и обединетите ЕУ -27 со неверојатни 305 медали.

Каде е Македонија во еден ваков глобален меганастан? Со историја на успех  со едно злато, две сребра и две бронзи на нашите борачи, Шабан Трстена и Шабан Сејдиу, и боксери, Аце Русевски и Реџеп Реџеповски во времето на СФРЈ, по независноста имаме една бронза во борење во Сиднеј 2000 на натурализираниот Мохамед Ибрахимов. Можеме да бидеме задоволни со досегашниот успех, споредено со Албанија која нема освоено медал. Но може да ни биде поттик успехот на Словенија со 19 олимписки медали и секако нашата претходна успешност во борење и бокс. Затоа треба амбиции за повеќе во Рио 2016 и отсега стратегија како до успехот. А успехот во спортот ни е потребен и за постигнување на национален „психофизички баланс“ и за национална промоција. Од малиот Виборг во Данска преку Шкотска до Хрватска, не сум видел подобар промотор на Македонија од спортот (и културата). Одговорноста за успехот е во Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Агенцијата за млади и спорт (АМС), чија досегашна стратегија за успех преку натурализирани спортисти како што беше Ибрахимов или  националниот тим во ватерполо треба да се напушти како неуспешен. Потребно е понатамошно инвестирање на спортската инфраструктура со проекти како  спортски сали, спортски стипендии и пензии. Но тоа не е доволно. Потребна е стратегија што спортови ни се приоритетни и нивна финансиски поддршка. Пример може да ни бидат Британците, кои од едно злато во Атланта 1996 постигнуваат 29  злата во Лондон 2012, со стратегија за зголемено финансирање, која вклучува и пресметка на цена на чинење по спортови. А финансирањето може брзо да се зголеми со зголемувањето на финансиите од игрите на среќа, како и со даночни поттикнувања. Како што пишува Кире Лазаров, на потег се АМС и МОК, а јас би дополнил и Владата.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.