Македонска фудбалска репрезентација

Денот на народното востание, 11 октомври, ми овозможи мал одмор од пишувањето коментари. Ама паузата од две недели ми создаде и проблем, што да биде мојот фокус во овој коментар. Ова недела е означена со два меѓународни дена: 16 октомвриСветскиот ден на храната и 17 октомври – Меѓународниот ден на искоренување на сиромаштијата. Но откако, неделава, во интервју за „Актив“ одговорив дека одѕивот на граѓанското општество во борбата против сиромаштија не е толку ефективен како порано, станав свесен дека ми треба повеќе време за анализа која ќе понуди одредени решенија. Така таа тема отпадна засега. Втора можност беше да му одговорам на мојот читател Тоде кој мојот последен коментар „(Не)знаеме колку (не)знаеме!“, го оценил како одлична анализа, но дека без препораки може да се перцепира како нихилистички. Тоде, биди сигурен, можеби сум многу други работи, но нихилиста не сум, и најмалку еден следен коментар ќе биде посветен на подобрување на образованието.

Но тоа нема да биде овој коментар! Ми се случи нешто што во споменатото интервју за „Актив“ реков дека не ми се случува – дека за коментарите ми треба неколкудневни подготовки, што не ми овозможува да реагирам дневно. Но ете, ноќеска, по навивањето на фудбалскиот натпревар Македонија-Србија (1-0), си дозволив да реагирам импулсивно и планираната тема за образование да ја одложам за тема која не е моја – спортот и фудбалот.

Не è моја тема, бидејќи сум рекреативец – потпросечен во повеќето спортови, а гледам натпревари главно ако игра Македонија или македонски тим. Сепак спортот го препорачувам секому и поради психофизички баланс и поради можноста за социјализација – дружење со фудбал е подобро од гледање ТВ. Но натпреварот Македонија-Србија ме поттикна на поглед од друг агол.

Прво, да му го признам визионерството на Љубчо Георгиевски, кога на почетокот на 1990-тите, побара македонска фудбалска репрезентација. Во тоа време кога многумина навива за југословенски клубови, како што и јас навивав, покрај Вардар и за Партизан, во тоа време кога и тврдокорните националисти не се охрабруваа јавно да говорат за независна Македонија, не сум сигурен дека и јас, а богами и Љубчо Георгиевски, беше свесен за големината на идејата за македонска фудбалска репрезентација.

Идејата за македонска фудбалска репрезентација, на моменти беше кутнувана на земја и понижена. Не говорам за понижувања како поразот од Андора. Јас посебно тешко го доживеав поразот на Македонија од СР Југославија на 8 септември 1999 година. Тогаш скратената Југославија не победи со 2:4. Што нè победија дома, и тоа на нашиот Ден на независноста и не беше толку страшно – СРЈ тогаш беше прва во групата. Тоа што го доживеав понижувачки беше што дел од публиката незадоволна од нашиот национален тим почна да навива за скратената Југославија. Тогаш си реков никогаш повеќе нема да гледам македонска фудбалска репрезентација.

Ми требаа десет години да се вратам на стадион. Во 2009 г., мој пријател Американец ме покани заедно да го гледаме пријателскиот натпревар Македонија-Шпанија. Не сакајќи да одбијам пријател странец кој сака да ја гледа Македонија (и Шпанија секако), си дозволив да си го прекршам зборот и појдов на стадион. По 2009 г. „повлеков нога“ и ги следев националните тимови во ракомет во Задар и Белград и во кошарка во Познан. Исклучителни доживувања, и тоа не само кога победуваме! Десет години беа доволни да забележам одредени промени. Тоа ги изразив во изјава за Нова Македонија, во 2011 г. во новогодишниот број во „Колку нè измени 2011-та, што да направиме во 2012-та?“ говорев за новиот оптимизам и меѓу другото реков: „За мене големо симболично значење имаше доизградбата на фудбалскиот стадион во Скопје, кој со децении беше споменик на македонската неспособност да се завршат работите.“ На минатата 2011 г. секако посебна магија ѝ даде националниот кошаркашки тим, со својата борбеност до последен момент. Една интернет страна таа моја изјава ја прогласи за глупост од која „боли глава“. Но за (не)исправноста на мојот став, како и за идејата за посебна репрезентација, да оставиме одредена временска дистанца, ќе биде појасно.

Секако дека може и да сме незадоволни и да очекуваме повеќе! Нормално е да очекуваме македонскиот фудбал да е барем 40-тина места повисоко на ФИФА ранг листата! Нормално е да очекуваме победа и против далеку подобро рангираната Хрватска! И нормално е да сме лути бидејќи не победивме. Но во незадоволството секогаш да оставиме простор за надеж, за оптимизам, за задоволство. Задоволство што и со ваков фудбал, тој е најчестата причина зашто некој во Ирска чул за Македонија. Задоволство зошто кога и да се видиме со мојот соработник Санди Бојл, Шкот, говори за натпреварот Македонија-Шкотска. Од друга страна, не е нормално да се поттикнува деструктивност, особено од луѓе и професии што имаат далеку помали постигнувања од нашите спортисти. Некои луѓе и медиуми ќе бидат легитимни критичари кога самите ќе имаат постигнувања вредни за спомнување.

И да се вратам на Македонија-Србија. Прекрасна атмосфера на стадионот, и покрај претходниот пораз од Хрватска, и покрај работниот ден и врнежливото време. Прекрасна атмосфера не само поради величественоста на стадионот, ниту поради тоа што, конечно, ја победивме Србија и се демантираа гласините за „шиткање на утакмицата“. Честитки за селекторот Чедо Јаневски и националниот тим! Се чувствував прекрасно и поради отсуството на нефер и навредливо навивање од типот „клетите Ш****ри“. Со неколку етнички Албанци во нашиот национален тим, и секако со новата ѕвезда Агим Ибраими, дополнително револтирани од српските навивачи кои развеа знаме на Грција, за момент почувствував национален дух каков што ни треба. За етничките Албанци, има место во Македонија, не само со квоти, туку со квалитет. Нешто што можеби претходно беше невозможно се случи! Беа исвиркани политичките скандирања на српските навивачи како „Косово је Србија“, а доминираше фер и спортско навивање. Ова е одличен момент домашните навивачки групи да постигнат согласност, за почеток барем на натпреварите на националните тимови, да ги отфрлат етнички навредливите навивања.

И на крај да ги споменам придонесите на нашите национални тимови, како и клубовите во ракомет и кошарка, чии успеси треба да бидат пример за фудбалерите. Како што напишав во „Олимписки политики“ ни требаат амбиции за повеќе и стратегија за успех, кој ни е потребен и за постигнување на национален „психофизички баланс“ и за национална промоција. За почеток да им ја дадеме целата потребна поддршка за соодветни подготовки, на нашите ракометарки и ракометари во претстојните првенства!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.