Балкан е ова, бе!

За крај на годината, нема коментар за сумирање на годината, темата за денешниов коментар се наметна. Темата се наметна, а се мислев за насловот помеѓу овој и „ММЕ кој прв почна“, „Враќање во иднината“… Пред се, длабоко жалење за трите повредени пратеници и за 18 повредени граѓани на 24 декември. Насилство не може да се оправда ниту со една политичка цел. За среќа, Скопје 2012 не беше повторување на Тирана 2011 година, кога погинаа три луѓе. Затоа сега ќе ги коментирам случувањата во Собранието, а за пред Собранието, само еден коментар, дека во рамките на очекуваното, „нашите“ доброволно, спонтано се собраа, а „другите“-„туѓите“, беа дојдени по наредба, директива, по неколку примени смс.

balkan-e-ova-be-1Вистините за „нашите“ и „туѓите“ протестанти, секако водат до проекција на „наша“ и „туѓа“ вистина, водат до две вистини: една за „обид за државен удар“ и втората за “диктатура која си ги покажа рокчињата“. И едната и другата вистина, се повикуваат на факти, фотографии… На сликата кога обезбедувањето го
извлекува Трајко Вељановски, претседателот на Собранието и Горан Минчев, СДСМ, „триумфално“ седнува во претседателската фотелја, или кога обезбедувањето на сила ја одвлекува Радмила Шеќеринска, СДСМ, од собраниската сала. На сликата на тегнењето на Насер Селмани (ЗНМ) или пак на насрнувањето врз Александар Спасовски (Сител).

balkan-e-ova-be-2

„ММЕ кој прв почна“, затоа што секоја од страните, потсвесно ЗАСРАМЕНА од тоа што се случи, бара изговор, оправдание во нешто што другата страна претходно го направила. Радмила Шеќеринска е на сила отстранета од салата, зошто Горан Минчев на сила седна во спикерската фотелја. А тој пак го бранел Собранието, зошто Трајко Вељановски ја ставил точката за Буџетот за 2013 година на дневен ред на собраниската седница. А овој пак го направил тоа зошто опозицијата го блокирала буџетот. А таа пак идејата ја добила од ДУИ за блокадата со амандмани на Законот за бранители, и од ВМРО-ДПМНЕ блокадата на Буџетот за 2004 година итн. Кој и да почна, јасна е спиралата на ескалација на конфликтот, каде секој следен чекор се оправдува со претходниот чекор на партиските ривали.

„Враќање во иднината“ зошто дел од сликата од максималното обезбедување пред Собранието, ако ме држи сеќавањето добро, ме потсети на протестите по првиот изборен круг во 1994 година, кога ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија (сега ЛДП) го обвинија СДСМ за изборен фалсификат. По тоа следуваше бојкот на вториот круг на изборите од ВМРО-ДПМНЕ/ДП, а СДСМ си продолжи како ништо да не се случи и сам си владееше во периодот 1994-1998 година. Бидејќи тешко учиме од минатото, сега можниот развој ќе биде повторување: СДСМ ќе го напушти и бојкотира Собранието, што можно ќе води во бојкот на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ сам ќе си владее ….

Тоа се двете вистини. Но почекај, има и трета и четврта вистина.

Третата вистина, за која најмалку има информации во моментов е таа на етничките Албанци и на нивните политички партии – ДУИ и ДПА. Посебно таа на опозициската ДПА, која учествуваше во донесувањето на Буџетот (гласаа против). Ако за ДУИ како дел од власта може да се претпостави видувањето, многу ме интересира тоа на ДПА.

Четвртата вистина ја имаше најмногу на новите медиуми изразена преку пораки како таа „Двете групи со извици ја пееле химната на Македонија, а Македонија кутрата ене ја у ќош плаче …“ или „дека нема доволно метли … за да го исчистат срамот“. На 24 декември се погази врвната вредност на нашата национална култура – ненасилството.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на прашањето на Буџетот се одлучија за манипулација со општествената сигурност (societal security), двете заиграа на ширење страв. ВМРО-ДПМНЕ на ширење страв дека ако не се донесе буџетот ќе престанат исплатите, а СДСМ дека ако се донесе буџетот „Македонија ќе банкротира за шест месеци“ (Зоран Заев во Фокус). Тоа добро го изрази Бранко Тричковски со „Опозицијата тврди дека народот ќе умре ако не штеди, а власта тврди дека народот ќе умре ако штеди. Така што смртта ни е загарантирана“. А вистината е дека редовните исплати ќе можеа да се финансираат и без донесен буџет за 2013 година, со привремен буџет, но не и расходите како тие за локалните избори или за зголемувањето на пензиите, и дека Македонија нема да банкротира со овој степен на задолженост.

Но Балкан е ова, бе! – позајмено од твит, како резиме на начинот на водење на политика во мојот мил Балкан, каде теснопартиските интереси најчесто се ставаат пред пошироките јавни или национални интереси. И каде политиката е во мачо-стил, со цврсти, агресивни потези и каде секоја умереност се смета за слабост. Во таква мачо-политика, да бидеш балансиран, умерен, не е само слабост, туку стануваш главна цел. И тоа според потребите. Така Насер Селмани го тегнеа тие што го фалеа, а стана херој на тие што го исплукаа на прашањето на клеветата.

Како што веќе претходно коментирав СДСМ, соочен со можен пораз на локалните избори, се „рамизира“, според Еди Рама кој истовремено ја консолидира (или апсолутизира) власта во својата Социјалистичка партија и кој примени блокада на политичкиот систем како стратегија против Владата на Сали Бериша. СДСМ блокадата на политичкиот систем ја започна со буџетот. Таа е легална-законска, согласно е со деловникот, но прашање е дали е и легитимна, бидејќи мнозинството во Собранието има право да донесе буџет согласно сопствените програмски определби. Но буџетот беше само повод или почеток. Доколку СДСМ стравуваше единствено од тоа дека заемот од Светска банка ќе биде употребен за изборни цели, понудата од Владата за употреба на заемот по локалните избори требаше да биде можност за компромис. Но СДСМ не сака компромис, туку блокада на политичкиот систем. „Одиме до крај“ беше нивното мото деновиве. До кој крај (цел) и со кои средства, одговорот ќе го добиеме во следниот период.

Ова не го кажувам за да го оправдам ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, сметам дека одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија е многу поголема од таа на СДСМ. За спроведување на легитимното право на донесување на Буџетот за 2013 година, ВМРО-ДПМНЕ не смееше да остави и најмал простор за сомнеж во легалноста-законитоста на постапката. Зошто нема цел што ќе оправда кршење на закон. Но тоа не беше сторено: со нејасноста дали е почитуван законот, и нејасноста, и секако со неразумната бруталност, на применета на деловничкото право за отстранување на пратеници, и никаквото право за отстранување на јавноста. А стручњаци велат дека постоеле други решенија за донесување на буџетот.

Со тоа ВМРО-ДПМНЕ се надоврза на спиралата на ескалација на конфликтот. А веќе следува нова ескалација-одговорот на кој повикуваат СДСМ и опозициски активисти и симпатизери, не е владеење на правото и соодветно на тоа барање на судска заштита, туку нова блокада/и и рушење на власта. Иако, од СДСМ и ЗНМ, се најавени кривични пријави, разрешница не се бара во Уставниот суд, местото надлежно за заштита на Уставот. Можната незаконитост, не може да се реши со земање на законот во свои раце, со прескокнување на судската власт. А судските одлуки ги почитуваш и кога не ти се допаѓаат.

Но Балкан е ова, бе, судството е прифатливо само во случаи кога одговара. Во спротивно, кога не одговара, „се прифаќа само судот на (сопствената) партија“.

Сите загубивме, и допрва ќе губиме, доколку сите страни не ја прекинат спиралата на ескалација на омразата и конфликтот. Има ли институција, од Јавниот обвинител и Народниот правобранител до сите други, што ќе започне постапки за можни кршења на законот, од било чија страна? Има ли лидер што ќе престане со „мачо“ политика, и ќе ја прекине ескалацијата?

Среќни празници!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.