Да, отпор, но за чии лаги [3]

Доколку поддршката меѓу граѓаните за демократијата како добар систем е јасна и значајна, дали проблемот е само во досегашниот демократски (не)учинок на лидерот, и во сегашниот избор на тактиката на политичка борба, или тој е подлабок?

Еден дел на проблемот е во досегашниот демократски (не)учинок на лидерот, и во сегашниот избор на тактиката на политичка борба. Како што аргументирав во претходниот коментар, во нација што не сака насилство, СДСМ ќе добиеше многу поголема поддршка од граѓаните доколку се одлучеше за институциско дејствување. И во самиот СДСМ се свесни за проблемот на досегашниот демократски (не)учинок на лидерот. Така поранешна пратеничка на СДСМ упатува повик за поддршка на опозицијата, па откако ќе се сруши „недемократскиот режим“, ќе може да дојде и до смена на водството на СДСМ. И самиот лидер на последниот протестен марш ќе изјави дека не станува збор за неговата кариера, бидејќи кариера имал, туку за демократијата. На прашањата зошто тогаш лидерот не се повлече, одговорот е дека само тој можел да го обедини СДСМ и да го победи Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Е, тука е проблемот. Бранко Црвенковски и СДСМ веќе еднаш, на „15 септември“ (2002 година), добија мандат врз основа на слична нарација за спас на Македонија. Тогаш, по нецели две години, Бранко Црвенковски се откажа од доверениот мандат. Зошто сега повторно би поверувале на таа иста нарација? Втората работа е дека тезата за опозицијата што само под водство на Бранко Црвенковски може да победи е доказ за демократски (не)учинок на лидерот, односно за (внатрепартиската) авторитарност. Основата на авторитарноста е висока концентрација на моќ, во незаменлив лидер, кој политички ги елиминира своите (внатрепартиски) ривали. Доколку не беше така, СДСМ ќе немаше проблем да има ново лидерство.

Но сепак проблемот е подлабок од само авторитарноста на лидерот. СДСМ се развиваше не како политичка партија заснована на идеологија, туку како патрон-клиентелистички систем, кој потоа го пресликаа сите други партии. Тој систем е заснован на принципот „земи таму, дади ваму“ или „систем на размена каде гласачите во замена на политичка поддршка се здобиваат со добивки од јавниот процес на одлучување“. Покрај „земи-дај“ односот меѓу патронот и клиентот, постои и асиметрична моќ меѓу нив, што создава услови за (внатрепартиска) авторитарност. Во тој систем нема судир на идеологии или идеи, нема левици, центар или десница, туку судир околу самата власт, како начин на контрола на јавните ресурси. Во партијата изборите не се одвиваат од членството кон раководството, од „базата“ кон врвот, туку обратно. Раководството ги поставува општинските раководства, ги избира учесниците на партиските конгреси, кои потоа го избираат лидерот. И на пропорционалните листи за пратеници во Собранието се вклучуваат избраните од лидерот, кои му возвраќаат со негова поддршка. Ваквиот партиски клиентелистички систем општо земено го пресликаа сите поголеми и помали политички партии во земјава. Имаше една историска изјава на министер на СДСМ, ми се чини во 2002/03 година, дека „и ВМРО-ДПМНЕ сакале да создадат своја олигархија“. Од 2006 година ВМРО-ДПМНЕ со воведувањето на доктрина на народна или демохристијанска партија е во обид на градење на идеолошки пристап наместо клиентелистички принцип. Ваквиот систем се вклопи во социоекономскиот амбиент на висока невработеност и каде клучниот производ на партиите стана вработување на своите поддржувачи. Клиентализмот, како општо прифатена партиска практика, дури јавно се демонстрира во извештаите за отчетност – за финансирање, каде политички партии ги навеле донациите од партиските членови кои се вработени како државни службеници. На ваквиот систем му се потребни јавни ресурси за одржување, а во нивен недостаток системот се контролира со централизирана моќ.

Но нели тоа е основната критика на ВМРО-ДПМНЕ? Да, но што е разликата кај СДСМ? СДСМ го воспостави клиентализмот како начин на партиско организирање и има сличен пристап на ВМРО-ДПМНЕ во повеќето прашања поврзани за демократија и човекови права. СДСМ не бара развој на демократијата туку нејзина суспензија, со постојано посакување на „експертска власт“ и со оспорувањето на основниот концепт на претставничката демократија, а тоа е владеење на мнозинството. Да, СДСМ, практикува партиципативна демократија во Националниот совет за евроинтеграции, кога е во опозиција, но кога беше на власт, Претседателот на Собранието во 2002/2003 година ја отфрли иницијативата на водечки граѓански организации на системски начин да ги вклучи граѓанските организации во работата на парламентарните комиси со една реченица „ние ја освоивме власта, и ни се сме одговорни следните четири години“.

da-otpor-no-za-chii-lagi-3Бевме потсетени на граѓанската иницијативност, за референдумот за територијална организација во 2004 година година, кога СДСМ повикуваше на апстиненција. Но не беше само тоа чекор за умртвување на граѓанските иницијативи. Веднаш потоа во 2005 година СДСМ донесе нов закон за референдум и граѓански иницијативи, со кој значително ги ограничи можностите за директна демократија: се укина можноста за предлагање референдум со 10.000 потписи, во општините се постави невозможен праг за собирање потписи за локални референдуми од 20%, се отежнаа процедурите, се скратија роковите. Со свој камен по своја глава – кога се покрена иницијативата за референдум за Скопје 2014, набргу иницијаторите разбраа дека е многу тешко да се соберат потписи од секој петти граѓанин, односно во општина со околу 40.000 гласачи, да соберат 8.000 потписи. Владата на СДСМ во 2005/2006 година не ги утврди (и не ги донесе) законот за здруженија и фондации и законот за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи „не било време“.

Некој ќе рече аман веќе со „историски“ примери од пред владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Еве неколку посвежи. Бев присутен на промоцијата на „Решенија за Македонија“ програмата на СДСМ, во Универзалната сала, 2009 година, заедно со гостите од граѓански сектор. Претставничката на женските организации забележа „се мажи во црно“- дека нема жени во раководството, друг забележа дека нема малцински групи. Трет забележа дека нема никој од синдикат или од работничко потекло. Веднаш ја пребарав програмата и таму нема ништо за развој на граѓанското општество.

Всушност, уназадувањето на демократијата во Македонија започна во 2009 година, кога СДСМ се одлучи, наместо со демократија, да се натпреварува со ВМРО-ДПМНЕ со популизам од типот „и ние сме против истополови заедници“. Тоа го поместува ВМРО-ДПМНЕ се подесно на скалата на политичкиот спектар.

И не, СДСМ кога ќе се врати на власт, нема да владее авторитарно, поради авторитарниот систем што го воспоставил ВМРО-ДПМНЕ или поради траумите што ги доживеал од нивната власт, што е посебна приказна кој кого трауматизирал од типот на „ММЕ кој прва почна“, туку едноставно зошто немаат (внатрепартиска) демократска култура. Или како на твитер некој добро илустрира, проблемот на СДСМ е дека „има премалку Шеќерински, а премногу Црвенковски“.

Па доста бе, со БЦ и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е на власта веќе седум години. Зошто СДСМ, што сум се фатил за СДСМ? Од две причини. СДСМ прв го воспостави таквиот (клиентелистички) систем, СДСМ мора прв да го напушти тој систем. И второ, СДСМ треба да биде левица, да промовира агенда заснована на човекови права. Јас од републиканците, од Буш, очекувам милитантност, незаконски киднапирања (како тоа на Масри во времето на влада на СДСМ) итн.. Од демократите, од Обама, очекувам поинаква агенда за човекови права.

Затоа како што заклучив во „Идиоти, неутрални, независни“, СДСМ треба да ги преиспита своите политички цели, пристапот кон демократијата и секако лидерството на партијата која треба да ги оствари тие цели. Промените во Македонија може да дојдат со промени во СДСМ. Инаку со ваква опозиција, ќе имаме ваква власт. И еден претходен чекор, во кој се согласувам со проопозициските чинители, промените ќе дојдат ако граѓаните бараат јасна агенда за човекови права.

Претходен коментар: Да, отпор, но за чии лаги (1); Да, отпор, но за чии лаги (2)

twitter@sklek  хаштаг: #демократија

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.