Да, отпор, но за чии лаги [1]

По 24 декември се разви расправа во јавната сфера за статусот на демократијата во Македонија. Интересот ми го привлекоа: „Треба да ѝ се даде отпор на лагата“ од универзитетски професор, во „Граѓански“, „Реинсталирање на нормалноста“ од уредник, во „Глобус“, „Живееме во ретро-комунистичко општество“ од експерт за човекови права и „Проблемот со македонската недемократија“ од активист, двете во Радио Слободна Европа.

Сумирано, основната теза е дека Македонија од демократски систем се насочува кон „тоталитарен систем“. Мнозинството грубо владее со малцинството, со повеќе ситуации на надгласување, односно „овој центар (м.з. ВМРО-ДПМНЕ) исто така, мисли дека го претставува народот, само затоа што го вклучува повремено на изборите, а во меѓувреме му ја одзема сета индивидуална и групна слобода на влијание на јавните работи“. Се придвижуваме кон „тоталитаристичко општество“ во кое „центарот наметнува идеолошки идентитет… ги монополизира сите, речиси сите институции и општествени сегменти…“, или „ретро-комунистичко општество… општество во кое многу институции и… модели потсетуваат на најголемите деформации на комунистичките општества“. Централен пример за наметнување идеолошки идентитет и монополизација на јавниот простор е „Скопје 2014“. Спомнуван пример се протестите и контрапротестите.

Ваквиот тренд, уредникот го гледа како „радикален дисконтинуитет во политичката пракса на демократска Македонија“, додека експертот за човекови права има дилема меѓу тапкање во место во целиот период по независноста, или ретрограден процес. Уредникот загатнува и прашање дали воспоставувањето на новиот тоталитарен модел најмногу одговара на политичките, културните, социјалните… капацитети на нашите луѓе.

Соодветно, „смената на режимот може да се случи со надворешна интервенција или како резултат на внатрешни експлозии“, а тоа треба да започне со „уривање на медиумската инфраструктура што го овозможува непреченото владеење“. Во таа борба „неутрална позиција нема“. Уредникот има стравувања дека „една нова власт нема да биде во состојба да ги совлада (автократските) предизвиците што ги отвори режимот“. Активистот се плаши дека „дискурсот на исклучување ќе биде следен од СДСМ, доколку дојде на власт“, правдајќи го тоа со трауматизацијата на политичкото малцинство (СДСМ).

Само уредникот смета дека додека доминира сегашното појавно ниво на конфликтот како борба на Црвенковски против Груевски, нема да може да се случи внатрешната експлозија. Тој, исто така, смета дека јасно се гледа дека главната цел на опозицијата е да ја задржи централната позиција на отпорот, и по цена на пораз, и бара повлекување на сегашното водство на опозицијата поради соодговорноста за состојбите.

Доста подрачја за расправа од статусот на демократијата, преку идентитетот, протести и контрапротести, национална култура поддржувачка за авторитарна власт, промена, неутралност итн. Темата за протестите и контрапротестите ја допрев во интервју за „Актив“, а за неутралноста пишував минатата недела во „Идиоти, неутрални, независни“. Овој пат за статусот на демократијата и промените (подобрувањата).

Но најпрво една нитка-нитката на постоење на „една вистина“, а другото е „лага“, која само го потврдува градењето на „наша“ и „туѓа“ вистина. Оттука и насловот, тоа што е вистина за едни, за други е лага, и обратно. Во „Апсолутни вистини, доверба, толеранција и капитал“ пишував за релацијата на апсолутната вистина, (не)довербата и (не)толеранцијата и дека во Македонија имаме национална култура на апсолутна вистина на верско и идеолошко ниво, ниска доверба, висока нетолеранција и „логика на правоверност“, со малку простор за дијалог. Проблемот со ваквиот став „една вистина“, а другото е „лага“ не оди во прилог на посакуваниот плурализам. Поради тоа (правоверноста) може да се провлечат такви контрадикторности како таа дека „тоталиризмот… е тотална деполитизација и застрашувачка пропаганда на нормалноста“, а излезот е „реинсталација на некаква нормалност“. Очигледно има повеќе од едно разбирање (вистина) на нормалноста?

Кој е статусот на демократијата во Македонија? Ќе употребам надворешни извори претпоставувајќи нивна поголема објективност. Показателите на владеење на Светска банка, во соодветниот показател „гласност и одговорност“ ги опфаќа перцепциите за тоа колку граѓаните можат да учествуваат во изборот на својата влада, како и слободите на изразување, на здружување и на слободни медиуми. Според тој показател Македонија е во постојани подобрувања од 1996 година до 2007 година, од 34,6 (во скала 0 до 100) во 1996 година, до 55,3 во 2007 година, а потоа се намалува на 49,8 до 2011 година. Таа оценка во 2011 година сè уште е повисока во споредба со периодот на владата на Владимир Бучковски (47,6/2005) или пак на Бранко Црвенковски (45,7/2003). Фридом хаус, во „Нациите во транзиција“ ја оценува Македонија како „полуконсолидирана демократија“ во друштво со Црна Гора, Србија и Хрватска. Консолидирана демократија има во Словенија, и покрај насилните протести, и во Романија, и покрај неуставната суспензија на претседателот. Хибридни режими, меѓу демократски и автократски има во Албанија и БиХ, а во Косово има полуконсолидиран автократски режим.

da-otpor-no-za-chii-lagi

За споредба на скала од 1-консолидирана демократија до 7-консолидирана автократија, Македонија има оценка 3,89, а Хрватска 3,61, помеѓу Словенија со 1,89 и Белорусија со 6,68. Врвот е постигнат во 2010 година со оценка 3,79, а оценката од 2012 година е иста како во 2005 година, а подобра од 2003 година кога била 4,29. Фридом хоус ја оценува слободата на медиумите како „делумно слободни“ од 2003 година наваму, но тоа е единственото подрачје со постојано влошување сите овие години и состојбата се приближува кон оценката „неслободни“. Во сите други показатели, како избори, антикорупција, правосудство и други оценките во 2012 година се подобри од тие во 2003 година.

Заклучокот е дека Македонија е полуконсолидирана демократија, споредлива со Хрватска. Критична е состојбата со слободата на медиумите. Тоа е далеку, не од тоталитарен систем сличен на нацистичка Германија, какви паралели често сакаат да се повлечат, туку од автократскиот систем на Белорусија. Македонија има назадување од 2009-2010 година, но тоа е далеку од воспоставување на ретро-комунистички режим, бидејќи оценките се подобри не од тие за 1991-1992 година, туку од тие за 2003-2005 година. Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ не може да се гледа како „радикален дисконтинуитет во политичката пракса на демократска Македонија“, бидејќи сите показатели укажуваат дека тој е споредбено подобар од претходниот период. Дополнително прашање е зошто истата партија ВМРО-ДПМНЕ испорача подобрување во периодот 2006-2009 година и назадување потоа?

Македонија од полуконсолидирана демократија, со движење на медиумите од делумно слободни кон неслободни, треба да направи чекори за постигнување на консолидирана демократија. Но разликите во оценките на состојбите и причините водат и до разлики што е потребно да направиме.

Продолжува во коментар: Да, отпор, но за чии лаги [2]; Да, отпор, но за чии лаги [3]

twitter@sklek  хаштаг: #независни

1 thought on “Да, отпор, но за чии лаги [1]”

  1. Све у циљу што по КОНСОЛИДИРАНО, скоријег и свеобухватнијег посрбљавања македонаца.
    Сам се лажеш или не знаеш?

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.