„Ние сме сведоци на општо губење на илузиите за традиционалната репрезентативна демократија. Причината за тоа e што се повеќе и повеќе гласачи чувствуваат дека нивните избрани политичари не се способни да ги решат најбитните проблеми. Гласачите ја избегнуваат политиката бидејќи ја перципираат како премногу професионална – во смисла на чувство дека политичките партии стануваат ефикасни машини за собирање гласови, каде што ‘брокерите на моќта’ работат само за сопствениот интерес и ги употребуваат гласачите само како инструмент во нивното настојување да практикуваат моќ. Во исто време, политичките класи сè повеќе се оддалечуваат од патеките на добро етаблираните кариери и постојат знаци дека клубот на политичари станува сè повеќе затворен.“ Ова не е цитат од домашен политички аналитичар, туку од Петер Креко, Директор на Институтот за политички капитал од Унгарија, и иако сосема е применлив на Македонија, се однесува на земјите од ЕУ.
Критики има и тука кај нас дома. Уште покритичен е анонимен автор во „Помалото политичко зло“, објавен во Окно, „Обичниот граѓанин го чувствува системот туѓ, украден од политичките и бизнис-елити, што и не е далеку од вистината. Отуѓувањето на политичката од општествената сфера и комплетната деполитизација се инхерентен производ на овој систем.“ Во 2006 г. кога Звонко Шаврески, претседател на „Полио Плус“, стана кандидат за пратеник, беше „дочекан на нож“ и тој во „Рубикон околу нас – и во нас“, објавен во Граѓански свет, ја образложува својата одлука да не биде „аполитичен и социјално ампутирано суштество“. И пишува: „Има „теоретичари” (кафанско/кулоарски) кои тврдат дека политиката е валкана работа и со неа се занимаваат само валкани политичари и нивните послушковци. Оваа теза обично ја пуштаат оние кои веќе ја ‘водат’ политиката, што во суштина значи „подмочување” на територија и одбрана од конкуренција во нивното трло. Демек: оставете нè нас да се ‘мачиме со олку валкана работа’“.
Во „Да, отпор, но за чии лаги (3)“, напишав „СДСМ се развиваше не како политичка партија заснована на идеологија, туку како патрон-клиенталистички систем, кој потоа го пресликаа сите други партии… Во тој систем нема судир на идеологии или идеи, нема левици, центар или десница, туку судир околу самата власт, како начин на контрола на јавните ресурси“. Ваквиот партиски клиенталистички систем не само што го пресликаа сите политички партии, туку заедно го бранат. Партиската „одбрана“ на политиката како ексклузивен клуб е поставена во два круга: внатрешен и надворешен.
Во внатрешниот или внатрепартискиот круг на одбраната на политиката како ексклузивен клуб, клучна е обратната поставеност на моќта – моќта не е во членството или „базата“, туку во раководството или „брокерите на моќта“. Сите политички партии воспоставија структура во која се одлучува во центарот. Во партијата изборите не се одвиваат од членството кон раководството, од „базата“ кон врвот, туку обратно. Како што можеме да видиме и сега за локалните избори, кандидати за градоначалници ги избираат лидерите или пак извршните и централните органи на партиите, при што општинските комитети најчесто не се ни консултирани, туку веста за изборот на кандидат ја дознаваат од медиумите. А и самите општински раководства се избираат од центрите на моќ на партиите, а потоа истите општински раководства ги избираат учесниците на партиските конгреси, кои потоа го избираат лидерот. Тоа е облик на „само-избор“: лидерите ги избираат делегатите кои ќе ги изберат нив. Предлогот на Владо Бучковски за директни и тајни избори на раководството на партијата од страна на членовите, беше одбиен од партијата. Ваквата концентрација на моќ во лидерите беше цементирана со преминот од мнозински во пропорционален систем. Бегајќи од еден проблем („локални бегови“) влетавме во друг: за пратеници се избираат не тие што ќе ја здобијат довербата на граѓаните, туку на лидерот. И ја губат моќта на претставници на граѓаните, бидејќи стануваат само претставници на лидерот или партијата. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги отфрлаат предлозите за реформи на изборниот пропорционален систем, иако станува јасно дека за разлика на пропорционалниот, мнозинскиот изборен модел на локално ниво води кон позитивна селекција во изборите за градоначалници.
Надворешниот круг на одбраната на политиката како ексклузивен клуб, се состои од низа на неформални и формални пречки за влијание на непартиските чинители врз политиката – означување на територијата. Има и добри примери пред се во воспоставувањето на групи за соработка меѓу Собранието и граѓанските организации како Интерпартиска парламентарна група (ИППГ) на „Полио плус“ или Македонското женско лоби. Ама, со законските одредби, максимално е отежната директната демократија: референдуми и граѓански иницијативи за закони. Ниту една од трите граѓански иницијативи, на „Полио плус“ за лицата си хендикеп, на бранителите и на последната на АМАН, не беа поддржани во Собранието. Илустративен пример е законот за кој „Полио плус“ собра 19.000 потпис, кој Собранието едногласно и со аплауз го одобри во прва фаза на 30 март 2006 година, но потоа никогаш не е дојден на дневен ред за конечно донесување. И во изборниот законик независните кандидати се соочуваат со повеќе пречки од кандидатите на политичките партии. За локалните избори, независните кандидати имаат една недела помалку за кандидатурата од политичките партии и треба да поднесат документи кои политичките партии не треба да ги поднесат. Многу ефикасно средство за контрола на територијата е етикетирањето и нападите со „предавници“, „конвертити“, „колаборационисти“… Всушност во „чувањето“ на надворешниот бедем од самите партии поефикасни се непартиските политички чинители: новинар на новинар, колумнист на колумнист, непартиски чинител на непартиски чинител, му е волк. Нивото на политичка дебата достигна таква валканост, што департизацијата и деполитизацијата се чини како помало зло. Како што ми вика мајка ми, „што ти треба ова синко!“ Патеките на добро етаблираните кариери се разидуваат со партиските и политичките класи и го ослободија патот за тие што во партиите гледаат само биро за вработување. Јас самиот пред 20 години го заменив партискиот ангажман, со граѓански ангажман, кој долги години стоеше настрана од непартиски политички ангажман. Сведоци сме на повеќе неуспешни обиди за партиски ангажман на луѓе со добро-етаблирани кариери. Каде се изгубија многумина со одлична професионална и човечка репутација?
Како да го совладаме бедемите на политичката ексклузивност? Можните одговори во следниот коментар, следниот четврток.
Продолжува во коментар „Окупирај ја политиката [2]“
Браво!