Окупирај ја политиката [2]

Во „Окупирај ја политиката (1)“ напишав дека сме сведоци на општо губење на илузиите за традиционалната репрезентативна демократија, поради чувството дека избраните политичари не се способни да ги решат најбитните проблеми. А самата (партиска) политиката се избегнува и постојат знаци дека клубот на политичари станува сè повеќе затворен, ексклузивен и клиенталистички. Партиската „одбрана“ на политиката како ексклузивен клуб е поставена во два круга: внатрешен, партиски со висока централизација и надворешен, со поставување пречки за непартиско политичко учество. Како да ги совладаме бедемите и да ја окупираме политиката?

Анонимен автор во „Помалото политичко зло“, објавен во Окно, поставува теза за системот како туѓ, украден од политичките и бизнис-елити, а отуѓувањето на политичката од општествената сфера и комплетната деполитизација се инхерентен производ на системот. Авторот смета дека во неможност да се отфрли системот во целост како неправеден, на граѓанинот му преостанува да биде прагматичен и да избере каде има повеќе материјални и нематеријални добивки. На граѓанинот му преостанува избор на помало политичко зло, избор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, врз основа на нивните политики во економски и општествени прашања. Во отсуство на позначајни, идеолошки, разлики, според авторот, подеднакво легитимно е некој да не може / не сака да го пресмета помалото зло, и да одбива да даде легитимитет на системот. Многу добра анализа, но, за жал изборот го сведува на две крајности: отфрлање на либералната демократија или (не) избор на помало политичко зло. Да, точно во Европа, во Словенија, Бугарија, граѓаните се дигнаа против системот и бараат заминување на корумпираните политички елити, но не нудат решенија. Не е многу позади нас пропаста на претходните обиди за социјалистичка револуционерна промена на системот.

Меѓу двете крајности избор на помалото политичко зло и револуција, мора да постојат достижни меѓурешенија.

Петер Креко, смета дека одговорот на антиестаблишмент движењата треба да вклучува некои од нивните практики и препорачува на политичките партии поблиска ангажираност со гласачите, повеќе идеологија, и помалку (политички) професионализам. Кај него решенијата се во рамките на подобрување на политичките партии како централен дел на политичкиот натпревар. И Звонко Шаврески, своевремено, препорача политички (партиски) ангажман.

Изборот на помало политичко зло, или враќање на слободата и демократијата, како што СДСМ го претставува изборот, не е ни избор, а нема да ги реши ниту најбитните проблеми. Не е избор ниту неизборот и делегитимирање на системот. А револуцијата, претходно пропадна.

Дека има избор меѓу двете крајности на статус кво или целосно отфрлање на системот, всушност мора да погледнеме малку подалеку, географски подалеку. Во сенка на натпреварот на првиот и вториот свет, во Јужна Америка и посебно во Бразил започна општествено експериментирање. Во Порто Алегре, на југот на Бразил, се воспостави партиципативното буџетирање, како начин на вклучување на граѓаните. Во истиот град започна Светскиот социјален форум како антипод на Светскиот економски форум во Давос. Во Бразил државна политика е општествената одговорност на претпријатијата, со развиена алатки на контрола како социјалната ревизија (аудит). Ограничен со мојата евроцентричност и посткомунистичка скептичност, во Бразил можев да се уверам во моќта на новата надеж дека поинаков свет е возможен.

okupiraj-ja-politikata-2

Признанието на политиките во Бразил дојде со воспоставувањето на слични модели и во Европа. Па и во Македонија, со поддршка од Швајцарија се воведуваат „форуми на заедниците“ во општините, како облик на партиципативно буџетирање на локално ниво, преку кој граѓаните се вклучуваат во одлучувањето за локални проекти. Секако, клучно признание за Бразил дојде во септември 2011 година со воспоставувањето на Партнерството отворена влада основано од осум земји: Бразил, Индонезија, Мексико, Норвешка, Филипини, Јужна Африка, Велика Британија и САД, а копретседавано од Претседателите на САД и Бразил, Барак Обама и Вилма Русеф. Отворена влада е глобален потфат за транспарентни, ефективни и отчетни влади, со институции кои им даваат моќ на граѓаните и одговараат на нивните потреби. Самата иницијатива обеледенува дека тоа не е лесно, и дека бара политичко лидерство, знаења, постојан напор и вложување и соработка на меѓу владите и граѓанското општество. И Македонија ја има поддржано иницијативата и толку.

Време е за „Окупирај ја политиката“ и за партиски и непартиски политички ангажман. И јасно е дека ниту едно од решенијата не е инстант, туку решенија на средни и долги патеки. Дел од решенијата се во рушење на „надворешниот бедем“ во развој на непартиски политички ангажман, во развој на граѓанското општество, во развој на партиципативна демократија, во развој на директната демократија (граѓански иницијативи, референдуми)…

Но мора да се соочиме со „внатрешниот бедем“ или внатрепартиската авторитарност. За да се стремиме кон отворена влада, прво треба да имаме отворени партии. Применливи се европски мерки како поблиска ангажираност со гласачите, повеќе идеологија, и помалку (политички) професионализам. Но кај нас предизвикот на отворени партии е пофундементален. Нас ни треба рушење на авторитарноста, ни треба партиска децентрализација, ни треба враќање на моќта на членовите на партиите. Потребни се реформи во законите за политички партии што ќе ја гарантираат внатрешната демократија. Дали тоа ќе биде избор на партиското раководство на директни и тајни избори или друг модел треба да расправаме. Потребно е вклучување на компетентните во партиите. Потребна е реформа на изборниот, пропорционален, систем која ја зацврсти власта на лидерите. Граѓаните мора да си го вратат правото покрај партиска листа, да имаат право да ја изберат личноста која сакаат да ги претставува во Собранието. На тој начин мора повторно да се воспостави врската меѓу граѓаните и пратениците, која сега се остварува исклучиво со посредство на лидерот и партијата.

Достоинство размислува за граѓанска иницијатива за референдум за изборот на Талат Џафери за Министер за одбрана. АМАН размислува за собирање потпис за референдум за нивната иницијатива за Законот за енергетика. Да, референдумите се граѓанска иницијатива, во вториот случај и е непартиска. Но во првиот случај референдум не само што нема да го обедини граѓанството, туку граѓаните ќе ги подели на припадници на етнички групи. Во вториот случај, тој на АМАН, референдумот ќе реши суштествено прашање за граѓаните. Но сепак со ограничен домет, бидејќи ќе третира политика, но нема да го измени структурно начинот на кој се донесуваат политиките. Затоа поради противењето и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, можеби е потребно да се обединиме околу граѓанска иницијатива за референдум за реформи на политичките партии и на изборниот, пропорционален модел.

Претходен коментар „Окупирај ја политиката (1)

twitter@sklek  хаштаг: #политика

2 thoughts on “Окупирај ја политиката [2]”

  1. Почитуван Мој,
    Проблемот во оваа наша држава е што Народот ( тука мислам на сите што живееме во Македонија ) НИТУ ЕДНАШ не докажа дека е газда во сопствената држава.Се додека е така се додека Народот се однесува како слуга на одредена политичка партија или партии, состојбата НЕМА да се промени. Владеењето на Народот во еднонационална држава е определено, меѓу другото, и со 10.000 Долари ЏДП. Во мултинационалните држави ЏДП сумата е 13.000 Долари. Овие суми обезбедуваат материјална слобода, од која, по мое мислење , произлегуваат и сите други слободи. Македонија има цца 5.000 УСД по глава. Државите кои имаат помеѓу 5.000 до 10.000 УСД се извонредно погодни за секакви манипулации , да не употребам потежок збор.
    Затоа и досега Народот не го кажува својот збор.Гладен е, несигурен.Ти многу подобро знаеш каква е социјалната состојба на огромен дел од населението.
    Со почит

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.