Збогум Никола Младенов!
***
Заврши првиот дел од едни од најневообичаените избори досега, карактеризирани со контекст на разврска на политичката криза, со измената на територијалната организација на Кичево… Со политичката криза во заднината беше горлива потреба овие локални избори да бидат мирни и најефикасно спроведени. Во стручната јавност доминираа оцени за мирни избори, со висок одѕив, со одредени нерегуларности. Црна дамка се десетината изборни места кои се непреброени два дена. Оцените не ги споделува опозицијата, која најави поднесување на неколку стотини претставки. Можеби е поважно фокусот да се стави на проблемите надвор од денот на изборите и тука се издвојуваат три проблеми. Првиот е нетранспарентноста на финансирањето на кампањите и партиите воопшто. И на овие избори големите партии имаат нереални извештаи, некаде празни, некаде со огромни диспропорции меѓу приходите и расходите. Вториот проблем е нераздвојувањето на државата, и на национално и на локално ниво, од партијата. И третиот проблем е пристрасноста на медиумите.
Резултатите на овие најневообичаени избори исто така беа доста невообичаени за многумина набљудувачи. Прво еден поглед на резултатите на локалните избори од друг агол. Најголеми губитници на овие избори се „другите“, односно партиите надвор од „големата четворка“: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Од околу 30 отсто колку што освоија другите во 2009 година, на овие избори вклучувајќи неколку етнички партии како НДП, ДПТ, СНС и СРМ, се сведоа на 14,1 отсто. Овие избори најверојатно значат крај за Нова Демократија, чии гласови се редистрибуираа во ДУИ и ДПА. Најверојатно ќе бидат крај и за НСДП, ВМРО-НП, и за ПЕИ, која беше само трета во Маврово-Ростуше. Можат да бидат крај и за ЛДП, која можеше да биде најголем добитник доколку останеше на политиката „ниту со ВМРО ниту со СДСМ“ на поранешниот лидер Јован Манасиевски. Недостигот на понуда од „другите“ може да е причина за околу 50.000 неважечки ливчиња. Токму храброста на ДОМ да за првпат настапат самостојно на локални избори им донесе околу 18.000 гласачи (1.6 отсто). Добитници се и повеќе независни листи, осебено во помалите општини населени со етнички Македонци. За истакнување е дека ќе добиеме и две или три градоначалнички, што е многу скромно, но далеку подобро од срамните ниедна градоначалничка во претходниот мандат. И една необичност, за првпат високо верско лице е избрано за градоначалник. Досегашниот муфтија Ружди Љата е избран за градоначалник на Дебар со поддршка од сите верски и етнички групи.
Односите пак во големата четворка, покажаа различни трендови. Односот меѓу ДУИ и ДПА (1.75) не се промени од тој на изборите во 2011, но за ДПА е подобар од локалните избори во 2009 година, најверојатно поради привлекување дел од гласачите на Нова Демократија. Односот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на овие избори е 1.27, што е подобар резултат за ВМРО-ДПМНЕ од тој во 2011 година (1.19), а тешко споредливо со 2009 година бидејќи тогаш СДСМ настапи со НСДП и ЛДП во многу различни општински коалициски комбинации.
Едно од најчесто поставуваните прашања е зошто не се повторија резултатите од парламентарните избори? На ова прашање има повеќе можни одговори.
Првиот, дека политиката не е аритметика, односно дека политичкиот капитал на Сојузот за иднина не е збир на поединечните политички капитали на коалициските партнери, посебно во случај кога тие се идеолошки различни и се пример на арх-ривали.
Вториот, дека поделбите во СДСМ, имаа силен негативен ефект. Колку што можев да проверам, за првпат во историјата на локални избори во Куманово и Карпош, ВМРО-ДПМНЕ има подобри резултати од СДСМ. Во Куманово ВМРО-ДПМНЕ освои 33,7 отсто наспроти 31,4 отсто на СДСМ, а во Карпош 34,1 отсто наспроти 32,5 отсто. И тоа исклучиво како резултат на делбите – во Куманово независната советничка листа на исклучените сдсмовци освои 6 отсто. Покрај исклучувањата, немерливи се штетите од премислувањата, од цик-цак политиката на СДСМ, бојкот-небојкот, поради разочарување на двете страни и на тие против бојкот и на тие за бојкот, и секако поради неподготвеноста на СДСМ за локалните избори.
Третиот, дека ова се сепак локални, а не парламентарни избори, и затоа не можат да се споредуваат. За жал, тешка е споредбата со локалните избори од 2009 година, поради многуте различни коалиции на локално ниво. Но главната карактеристика на локалните избори е изборот на градоначалник – избор кој кандидат најдобро ќе раководи со општината. За потврда на тоа има повеќе примери. Ако ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи* добил 417.135 гласови, на градоначалничките добил 487.593 гласови или привлекло дополнителни 70.000 гласа. СДСМ, пак, на советничките листи добил 328.540 гласа, што е повеќе од тоа што добиле нивните кандидати за градоначалници (311.061). Мојата анализа од ноември 2012 година, беше дека Јани Макрадули е добар пратеник, но тешко ќе биде перципиран како добар градоначалник, и дека е добар за СДСМ симпатизери, но не и за независните. Тоа се потврди и Јани Макрадули има помалку гласови од СДСМ (79.751/80.700), за разлика од Коце Трајановски кој има повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ (136.056/121.881). Примери на кандидати за градоначалници кои ја надминале својата партија има повеќе: Стевчо Јакимовски во Карпош, Аце Коцевски во Велес, Никола Бакрачески во Охрид, Марјан Ристески во Прилеп, Теута Арифи во Тетово… Затоа не е сеедно кој е кандидатот.
Поради сето тоа на овие локални избори доживеа дебакл политиката на раководството на СДСМ, кое се однесува како без компас. Јас како „шуша“ не можам да го советувам СДСМ. Но имам два совети за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ да си стави кочници, бидејќи волку власт не ќе биде на арно. ДУИ и Али Ахмети по нивната победа во Кичево, имаат шанса да демонстрираат дека се за Охридскиот рамковен договор и начелото дека нема територијални решенија за етнички прашања. Како што на национално ниво очекуваат учество во власта и очекуваат етнички Албанци да вршат највисоки државни функции, така во Кичево да обезбедат учество во власта и да обезбедат етничките Македонци и други етнички групи да вршат највисоки општински функции.
*резултатите на изборите на национално ниво ги вклучуваат сите општини, вклучувајќи ги и општините во Скопје, но не е вклучен град Скопје
@sklek хаштаг: #мојотизбор
Почитуван Клековски,
Како почнала работава, ќе се вратам во младоста 20 сетина и повеќе години наназад.Сепак нешто позитивно. :)