Кој победи? Како по значаен натпревар, сите со љубопитност (се) прашуваа за победникот во спогодбата за решавање на политичката криза. ВМРО-ДПМНЕ веднаш се огласи дека не попуштиле на политичките уцени, СДСМ дека е постигната целта за предвремени парламентарни избори, та дури и Штефан Филе и Ричард Ховит твитнаа за големиот успех.
И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, во основа направија отстапки од своите почетни позиции. ВМРО-ДПМНЕ отстапи од отфрлањето на секаква вина, за да прифати анкетна комисија за настаните околу донесувањето на буџетот, пред и на 24 декември. СДСМ отстапи од ставот дека вината на власта е видлива без истрага и дека единствен излез се однапред договорени предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ опстои на ставот дека опозицијата со вонинституциско дејствување не може да ги помести локалните избори или да доведе до предвремени парламентарни избори. Секако, договорот од 1 март предвидува разговори за парламентарните избори во зависност од резултатите од локалните избори и од Анкетната комисија. Но дали СДСМ тоа ќе го добиеше уште кога ја имаше понудата за Анкетната комисија, која експресно ја одби? Затоа што со договорот или без договорот, доколку опозицијата добие повеќе гласови од власта на локалните избори и доколку Анкетната комисија утврди значајни прекршувања од страна на власта, СДСМ ќе има поголема јавна поддршка за предвремени парламентарни избори. А придобивки од договорот имаат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Доколку и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ направија отстапки и имаат придобивки, зошто создадената перцепција за неуспех на СДСМ? Тоа толку не се должи на пренагласената комуникација на ВМРО-ДПМНЕ дека останале бескомпромисни. Тоа повеќе се должи на јавно искажаната разочараност на „јастребите“ од „отпорот“. Оцените дека договорот е „поволен за владината ароганција, но е поразителен за опозицијата“, не доаѓаат од провладини извори, туку од поддржувачи на „отпорот“. Доколку ми се случил неуспех на СДСМ, тој се случил многу порано, кога наместо барање на институциско решение, кое ќе добиеше многу поголема јавна поддршка се определи за во јавноста непосакуваниот бојкот на локалните избори. Политичката иронија бараше во Карпош да се судрат Андреј Петров, генерален секретар и еден од носителите на таа политика на СДСМ и Стевчо Јакимовски, сегашниот градоначалник на Карпош, еден од клучните чинители во СДСМ што ја напушти таа политика. Во СДСМ не покажуваат ни малку свест дека политиката на бојкот на локалните избори е грешка и така кампањата во Карпош ја започнаа со негативна кампања против својот довчерашен виден член, а кандидат на СНСМ – коалициски партнер на СДСМ во Сојузот за иднината. Или СНСМ и СДСМ не се повеќе коалициски партнери?
Некои прашањето кој победи, го фокусираа на „судиите“ или во шегите популарно „шумарот“ – меѓународните чинители. Имаше жестоки канонади на критики за неспособноста да ги решиме внатрешните предизвици. Претерана оценка од повеќе причини. И Велика Британија во решавање на конфликтот во Северна Ирска вклучи американски медијатори. Поддршката од пријатели е добредојдена. Од друга страна, не смее да се потцени дека постоеше суштински внатрешен притисок. Големото мнозинство на граѓани не го одобруваа бојкотот на локалните избори и не сакаа локални избори без главната опозициска партија. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го чувствуваа тој јавен притисок. Дали меѓународната тројка беше суштински елемент или можност попуштањето да се објасни пред сопствените симпатизери? Дали Штефан Филе ќе влезеше во репутациски ризик за неуспех, без претходно постигната согласност? Бидејќи констатациите за крајната поларизираност и целосен прекин на комуникациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се демантираа веднаш со јавните изјави за можноста за нивна соработка на локалните избори во Струга, Кичево, Долнени и во Брвеница.
Но зошто воопшто е прашањето за победник во политички дијалог каде целта е да се разберат потребите и аргументите на другиот? Дали до толку е неразбирливо е дека целта на политичкиот дијалог е градење на меѓусебно разбирање и доверба, барањата на решенија кои ќе ги задоволат потребите на сите вклучени страни, а не сведување на прашањето на кој победи?
А, Македонија? Многу рано за оцена, но првично може да се оцени дека Македонија е добитник. Не само поради нормализацијата на политичкиот живот и повторната реафирмација на евроатлантските интеграции, туку пред сè поради отфрлањето на бојкотот на институциите или бојкотот на (локалните) избори како начин на политичко дејствување и натпревар. Договорот е јасна порака дека за сите предизвици политичките партии решението треба да го бараат во институциите. Тоа не исклучува протести и други облици на политичко дејствување, но само заедно со институциско дејствување. Тоа отвора голема надеж за завршување на еден подолг период на практикување на бојкоти во Собранието. Доказ е и дејствувањето на ДПА. Тие демонстрираа незадоволство и ја напуштија седницата на Собранието, но се откажаа од најавениот бојкот.
Но Македонија, може и да ги зацврсти придобивките, ако ги искористи можностите од договорот од 1 март. По нормализацијата на политичкиот живот, клучната придобивка покрај изборниот роковник, се реформите кои го вклучуваат функционирањето на парламентот, изборната реформа и слободата на изразување. И покрај несреќниот старт на договорот во смисла дека измените на роковите за локалните избори не обезбедија еднаквост на независните кандидати и политичките партии, а продолжениот рок за пријавување се коси со други рокови определени со закон, не смееме да ја испуштиме шансата што ја имаме. За тоа е потребна анкетна комисија со кредибилитет и интегритет. Потребна е комисија со стручни лица, а не само партиски претставници. А имаме такви личности. Однапред им се извинувам ако им ја нарушувам приватноста, но да споменам неколку: Игор Спировски, поранешен генерален секретар на Собранието и поранешен уставен судија, Тони Десковски, професор на Правниот факултет и дел од правниот тим за спорот за името, Јово Вангеловски, врховен судија, Владо Камбовски, претседател на МАНУ… Анкетната комисија треба да ја утврди и уставноста на настаните пред и на 24 декември. Ова има можно ограничување, бидејќи Уставниот суд е орган кој ја штити уставноста. Затоа е неопходно да има повеќе добро срочени претставки пред Уставниот суд. Ако ЗНМ веќе поднел претставка за заштита на слободата на информирање, добро е да има и претставки за други елементи.
И на крај, изборните реформи, не треба да се сведат на примена на препораките на ОБСЕ/ОИДХР, туку на посуштинска реформа на пропорционалниот модел и на враќање на правото на граѓанинот покрај партијата, да го изберат својот претставник во Собранието.
Pocituvan g-din Klekovski,
Mislam deka i vie znaete deka nema golema neophodnost od nekoja kojznae kakva komisija koja bi trebala da UTVRDUVA DALI POSTOELE USTAVNI PREKRSUVANjA VO DOBRO POZNATITE NASTANI. Sepak dokolku i treba formiranje na takva za onie “na koi ne im e jasno sto vsusnost se slucuvase” vo toj slucaj mislam deka e vo najmala mera licemerno a i pretenciozno od vasa strana da go predlagate spisokot na mozni nejzini clenovi, bidejki vo potpisaniot dogovor se spomenuvaat NEZAVISNI (veruvam i nepristrasni) clenovi, a vo vasiot predlog bas i ne prepoznavam takvi,no zatoa gledam i takvi koi se vo tesni odnosi so nekoi od glavnite protagonisti i organizatoti na tragicnite i karikaturalni nastani na 24 Dekemvri.
So vakvite vasi predlozi bi mozele da go narusite vasiot NEZAVISEN IMIDz.
Pozdrav Bende.
Почитуван Клековски,
Коментар на вашава колумна? Незаависни кандидати? Вероватно јас сум живеел во друга галаксија, па не ги познавам предложениве од Ваша страна”независни”членови.
Друго што далеку повеќе ме замисли. Тоа е во делот од колумната, цитирам :
“Бидејќи констатациите за крајната поларизираност и целосен прекин на комуникациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се демантираа веднаш со јавните изјави за можноста за нивна соработка на локалните избори во Струга, Кичево, Долнени и во Брвеница.”
Мене ова дефинитивно ми личи на НАШИТЕ ПРОТИВ ВАШИТЕ.Тој што ќе победи – НЕГОВО Е (ова е за прв пат албанските коалиции против македонските коалиции ). Можда грешам , дај Боже да грешам.
Со почит
Точно, враќање на правото на граѓанинот!