Влегуваме во завршницата на локалните избори кои ќе бидат едни од најневообичаените избори досега, бидејќи се одржуваат во контекст на разврска на политичката криза, на прва голема коалиција на лутите ривали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Струга и Кичево…
Овие локални избори имавме и најдолги (од 2012-та) и најкратки кампањи. Додека сè уште говориме за предвремен почеток на кампањата, влегуваме во поинаква, во континуирана кампања, која нема почеток и крај. Дали влегуваме во период во кој од политичарите ќе се очекува континуирана активност на социјалните медиуми, на Фејсбук, на Твитер, и во контактите лице во лице? Всушност, дали како општество и како граѓани сакаме 20 денови кампања, со еден куп непотребни реклами и мегамитинзи, или пак секојдневна достапност на политичарите и директно и на социјалните медиуми? Дали тие континуирани трибини и дебати во интернет-просторот се одреден облик на партиципативна демократија?
ВМРО-ДПМНЕ во кампањата е како часовник, со сите детали од програми и интернет страни, до боја на вратоврската. СДСМ се одлучи за кампања која нема да биде медиумска туку повеќе лице во лице. Се случија и дуелите меѓу кандидатите во Карпош, први по повеќе години. Сепак, влијанието на кампањата е релативно скромно и на скала од 1 до 10 (многу ми влијаеше), е оценето со 4.8, а само кај 5,3% од граѓаните влијаела да се одлучат за друг кандидат.
А кога сме кај кандидатите, демонстрираме релативна конзервативност – во повеќе регионални центри, кандидати се постоечките градоначалници што се борат за втор или трет мандат. Како пријатни изненадувања се појавија Никола Бакрачевски во Охрид и Хари Локвенец во Прилеп. Иако позната политичарка, изненадување е и кандидатурата на Теута Арифи за Тетово, колку што се сеќавам прв заменик-премиер кандидат за градоначалник. Но со толку многу кандидати кои се борат за втор или трет мандат и можен нивен избор, на следните локални избори во 2017 година ќе се соочиме со потреба за големa промена во клучните градови во Македонија.
Доколку во 2009 година малку кандидати имаа свои програми, сега во сите поголеми градови водечките кандидати имаат програми, а овие избори и ДУИ има програми за своите кандидати. Колку во медиумите да се истакнуваат некои од „веселите“ елементи на програмите, сепак програмите се клучен чекор напред, бидејќи ќе можеме да донесеме информирани одлуки и за четири години ќе можеме да мериме ветено-остварено.
Со политичката криза во позадината на овие избори, како и изострениот натпревар во повеќе општини императив е овие локални избори да бидат целосно фер и демократски. Само така сите ние ќе бидеме победници.
Во однос на резултатите на изборите, најверојатно без големи поместувања. На дилемата дали граѓаните ќе се одлучуваат национално или локално, ќе бидат двете одлуки. На советничките листи, јасно е дека граѓаните ќе се одлучат за партија и во тој избор ќе влијаат и националните агенди. За градоначалници изборот ќе биде локален, кој кандидат најдобро ќе ја раководи општината.
Jас лично се одлучив за локален избор. Прво, бидејќи својот национален избор ќе можам да го направам на парламентарни избори – предвремени или во редовниот рок. Второ, бидејќи иако започнаа со национални агенди, сепак како се приближуваат изборите доминираат локалните агенди. Повторно би потсетил на начелото дека нема територијални решенија за етнички прашања, доколку причина за големата коалиција во Струга и Кичево се можните негативни последици од развојот на односите меѓу Србија и Косово.
И како што ветив, јавно ќе го искажам мојот избор. Јас сум избирач во Карпош и Скопје. Во Карпош има избор на исклучителни кандидати: Јагнула Куновска, Андреј Петров и Стевчо Јакимовски, секој со свои квалитети. Во Карпош мојот избор е Стевчо Јакимовски. Мојот избор е заснован на делата: подобрена сообраќајна инфраструктура, повеќе паркинг простор, обновени училишта, воведување на енергетската ефикасност. Неговата најголема грешка е мостот Влајко, скап мост кој никој не го употребува. Стевчо Јакимовски, според Вистиномер, од 36 приоритетни
проекти за 2009-2013 година целосно реализирал 50 отсто, делумно 13,9 отсто, а неисполнети се 33,3 отсто. Сега клучната критика е дека е „предавник“, дека ако го предал СДСМ, ќе ги предаде и граѓаните. Стевчо Јакимовски во партиска смисла беше предавник од 2009 година, кога ја напушти ЛДП и премина во СДСМ. Но во граѓанска смисла предавство е ако не се исполнат изборните програми. Од тука, чувствувајќи ги подобрувањата, како и ветено-остварено, не сум предаден.
Во Скопје, иако има повеќе кандидати изборот е меѓу Јани Макрадули и Коце Трајановски. Мојот избор е Коце Трајановски. Негов најголем резултат е булеварскиот прстен од центарот кон периферијата на Скопје. Негова најголема дамка е нетранспарентноста на изведбата на оградата на мостот на Вардар кој чинеше 1.8 милиони евра. Некој може да каже дека успехот не е негов успех. Дека тој ги имаше средствата што Ристо Пенов ги немаше и ја имаше политичката поддршка што Трифун Костовски ја немаше. Точно Коце Трајановски ги имаше и средствата и политичката поддршка, но сметам дека со неговата посветеност на работата даде личен белег. Мојот глас за него е глас за реализација на подземната сообраќајница меѓу булеварот Илинден и комплексот банки, клучен проект за исток-запад комуникацијата во Скопје. Мојот глас за Коце Трајановски не е глас и за панорамското тркало и за ски патеките на Водно. Овие два проекти не смеат да се реализираат без оценка на влијанието и без суштинска јавна расправа. И со можен втор мандат Коце Трајановски треба многу да поработи на подобрување на транспарентноста.
На советничките листи ќе гласам за ДОМ, како поттик на самостојниот настап и мал чекор надвор од галопирачкиот бипартизам.
Надвор од моето избирачко право, сакам да истакнам уште еден кандидат. Тоа е Аце Коцевски, кандидат за градоначалник на Велес. Јас секако немам право да им кажувам на велешани, што постигнал, што не постигнал, самите тие подобро знаат од мене. Но Аце Коцевски спаѓа во не толку честиот вид на политичари, кој покрај високата посветеноста на својот град, е чесен и има висок интегритет, и опстојува на своите начела. Кога беше градоначалник, со своите иновации и нови модели во Велес, можеби не ги реши сите проблеми на Велес, но воспостави примери кои понатаму ги преземаа многу други општини.
На крај, како што во разговор заклучивме со Хари Локвенец, по 24 март, доаѓа 25 март. И покрај сите наши разлики во политичките погледи, кои на моменти поларизираат, и без разлика кој ќе победи или изгуби на изборите, ние мора да ги зачуваме и унапредуваме нашите социјални, човечки, професионални и сите други односи.
@sklek хаштаг: #мојотизбор