Нема територијални решенија за етнички прашања

Во јануари оваа година, кога советниците на СДСМ учествуваа во советот на една општина, разговарав со кандидатот за градоначалник на СДСМ од таа општина. Го прашав дали учеството на советниците на СДСМ на седницата е знак на попуштање и прекин на вонинституциското дејствување. Добив одговор што ме збуни, дека СДСМ нема политика на бојкот на работата на општинските совети. Ме зачуди таа контрадикција, меѓу однесувањето на национално и локално ниво, и возвратив со прашањето дали тоталитарен режим имаме само на национално ниво, но не и на локално ниво. Секако не со намера да укажам дека треба да се бојкотираат и локалните институции, туку да укажам дека е контрадикторно да се тврди дека имаме „тоталитарен режим“  и тој да не се бојкотира на локално ниво.

За ова контрадикторност претпоставувам биле свесни и „јастребите“ на „отпорот“, па оттука и цврстото инсистирање на бојкот на локалните избори, како дел од сеопфатниот „отпор“ кон „ненародната власт“. Затоа и договорот за решавање на политичката криза од 1 март, кој го обезбеди учеството на СДСМ на локалните избори, опозициските „јастреби“ го доживеаја како предавство.

Уште несоземени од договорот за решавање на политичката криза, следеше договорот за коалициски настап на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Струга и Кичево. Овој коалициски договор има и партиско,  внатреетничко, меѓупартиско значење и меѓуетничко значење.

nema-teritorijalni-reshenijaНа партиско ниво, СДСМ поништи добар дел од политиката на „отпорот“. Како понатаму ќе се говори за „фашистичката ВМРО-ДПМНЕ“, „тоталитарниот режим“ и слични работи, а истовремено се коалицира во Струга и Кичево. Кој сега е „колаборационист“, по толку етикетирања за „конвертити“ и „колаборационисти“ на секој што сметаше дека вонинституциското дејствување на опозицијата не е соодветно. Како СДСМ планира локалните избори да ги претвори во „референдум“ против „ненародната власт“, кога за коалицијата во Струга и Кичево изјавува дека се воделе од локалните потреби. Па ако во Струга и во Кичево локалните потреби се пред националните прашања, зошто да се бара и очекува од граѓаните во другите општини на локалните избори да не им дадат приоритет на нивните локални потреби? СДСМ ги стави во ризик и можните гласови од етничките Албанци, кои според аналитичари-етнички Албанци, незадоволни од политиките на ВМРО-ДПМНЕ, пред се од „Скопје 2014“, и начинот на кој партиите на етничките Албанци се справуваат со тие политики, би гласале за СДСМ. По салтото на СДСМ од меѓуетничката коалиција со ДПА до внатреетничка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, многу веројатно е дека СДСМ ќе ги загуби симпатиите меѓу одредени гласачи-етнички Албанци.

Но ова не значи дека ги осудувам таквите чекори од аспект на меѓупартиска соработка. Тие чекори, дополнети со кодексите за фер избори, со ракувањето на Јани Макрадули и Коце Трајановски, кандидатите за градоначалници на Скопје, со посетата на Андреј Петров, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош на штабот на Јагнула Куновска, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, се секако за поздравување. Во една вжештена атмосфера, овие цивилизирани постапки, ќе помогнат во намалување на меѓупартиските тензии. Охрабрување и до другите кандидати да преземат вакви чекори.

Секако секое внатреетничко меѓупартиско зближување, може да влијае на меѓуетничките односи. Внатреетничките коалиции на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Струга и Кичево, добија високо значење. Поради изедначениот однос меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека коалицијата во Струга е случајност, резултат на опозицискиот бојкот, затеченоста на СДСМ и истакнување кандидат за градоначалник од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кој е заемно прифатлив.

Од друга страна, внатреетничките коалиции во Кичево беа неминовност. На локалните избори ќе се реализира новата територијална организација предвидена со законот од 2004 година, која ДУИ многу ја туркаше, а на која ВМРО-ДПМНЕ многу се спротивставуваше. Сега, на локалните избори ќе кулминира тоа ривалство. Исто така, внатреетничките ривали СДСМ и ДПА немаат солидни позиции во Кичево, па нивната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е и прагматичен чекор.

Етничките коалиции претставуваат чекор назад. Клучно за развојот е формирањето најмалку две ривалски партии меѓу етничките Македонци, етничките Албанци, Турци итн. Клучно е ривалството меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, меѓу ДУИ и ДПА, бидејќи на тој начин се создава нов јаз, нов расцеп, нова делба, која го релативизира етничкиот јаз и делба. Како пост-комунистичко општество, кое допрва гради повеќепартиска демократија, некогаш ги доживуваме партиските делби како уништувачки за нацијата. Но здраворазумските партиски делби ги релативизираат етничките делби. А сите можеме да се согласиме дека етничките делби имат поголем деструктивен потенцијал за Македонија од партиските делби. Токму постоењето на партиски делби и потребата да се придобијат гласови од другите етнички заедници, го прави системот поумерен и постабилен. Тоа го покажуваат одредени позитивни примери на меѓуетничка соработка во Гостивар и во Куманово.

Со ризикот да бидам разбран етноцентрично, ќе ја посочам одговорноста на ДУИ за развојот на настаните. Како роден крај на Али Ахмети, Кичево доби значење што инаку не би го имало. А однесувањето на Фатмир Дехари, кандидатот на ДУИ во Кичево, е неодговорно. Дополнително, ДУИ со коалициските маневри со Фиат Цановски и ПЕИ во Струга и Маврово-Ростуше, како и шпекулациите за меѓусебна поддршка со Неждат Мустафа и ОПЕ во Шуто Оризари и во Кичево, ги раздразни дополнително етничките Македонци и потикна спирален одговор.

Сега сите имаме одговорност, и етничките Македонци и етничките Албанци, и власта и опозицијата, и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да ја запреме можната спирала на меѓуетнички ривалитет. Бидејќи го признавале или не Охридскиот рамковен договор, неговото начело за непостоење на територијални решенија за етничките прашања е универзално.

twitter@sklek хаштаг: #мојотизбор

2 thoughts on “Нема територијални решенија за етнички прашања”

    • Здраво Новица, некои влади веруваат, некои не веруваат дека има демографски решенија за етничките прашања. На пример во Израел веруваат во демографски решенија на нивните внатре-етнички или религиски прашања. За мене демографските решенија (од аспект на етнички прашања) се тесно поврзано со територијалните решенија, така што јас не верувам во такви решенија.

      Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.