Локалните избори на 24 март беа и поминаа. Доволно време и внимание им беа посветени, па сега по изборната пауза време е да се вратиме во реалноста. А таму нè чека уште една шанса за напредок во ЕУ-интеграциите. Всушност шансата за напредок во ЕУ-интеграциите е пред целиот регион на Западен Балкан: Македонија и Србија, во зависност од пролетниот извештај на Европската комисија се пред одлука до јуни, во оваа претседателство, за започнување на преговорите со ЕУ; Косово за одлука за започнување на процесот на стабилизација и асоцијација… Албанија по донесувањето на клучните закони и изборите може да добие шанса за отворање на преговорите. Секако, секоја земја со својата тежина на исполнување на домашните задачи. Но имаме можност Македонија (и Србија) да ѝ се придружи на Црна Гора во преговорите за ЕУ-членство, можност за сите земји од Западен Балкан да направат чекор понатаму. Можноста не сакам да ја наречам историска, прво зашто кај нас секој чекор е историски и имаме хиперинфлација на значајност, второ и ако ја пропуштиме оваа, ќе има нова шанса. Но доколку не ја употребиме оваа можност, следната можеби ќе ја почекаме неколку години.
Тогаш, ајде да направиме сè што можеме и што зависи од нас да ја искористиме таа можност. Очекувањата од високиот пристапен дијалог и не се многу високи: владеење на правото, слобода на изразувањето, борба против корупцијата и добри меѓуетнички односи. Работи што не ни требаат за Брисел, туку за нас самите. Клучни се очекувањата во однос на добрососедството, чекори за решавање на спорот за името и чекори за постигнување на договор за добрососедство со Бугарија.
На почеток треба да си расчистиме дека добрососедството не е нова пречка на нашата интеграција, туку норма што сите членки на ЕУ ја исполниле. Во основа со тие договори се признаваат меѓусебните граници, страните се откажуваат од секакви територијални претензии и се уредуваат отворени прашања како националните малцинства.
Е да, ама другите немале вакви соседи како ние! Не е баш така. Ама сто стапа по туѓ грб не болат! Секако дека договорот меѓу Германија и Полска не бил ни малку лесен. Или, пак, договорите меѓу Унгарија и Романија и Словачка.
Неколку примери за унгарско-словачкото добрососедство. Во 1995 година под притисок на ЕУ, склучен е договорот за добрососедство. Но историските контроверзии и националните малцинства, околу 500.000 етнички Унгарци или 10%, во Словачка, а многу помалку етнички Словаци, околу 40.000 или помалку од 1%, во Унгарија, се причини за постојани помали проблеми. Во 2009 година Виктор Орбан, тогаш опозиционер, држи говор со иредентистички пораки, а истата година Словачка донесува закон за словачкиот јазик како привилегиран јазик. Словачкиот град Комарно, кој со Дунав е поделен од унгарскиот град Комаром, има слична судбина како Горица и Нова Горица на италијанско-словенечката граница. Во Комарно, август 2009 година, унгарскиот претседател планира откривање на споменик на Св. Стефан Унгарски, но Словачка му издава еднодневна забрана за влез во земјата. Забрана за влез на соседен претседател! Следи напад на амбасадата на Словачка во Унгарија. Во следните години, двете земји го одлагаат издавањето на заеднички учебник за историја, Унгарија донесува закон за државјанство за сите етнички Унгарци. Во 2010 година датумот на договорот за поделба на Унгарија во 1920 година се прогласува за Ден на национално единство. И во 2011 година Словачка се спротивставува на подигање на споменик на Јанош Естерхази во Кошице, бидејќи за нив тој е следбеник на нацистите. И така натаму и така натаму. Е да, ама тие немале идентитетски прашања. Всушност, спротивното. Сегашната словачка осетливост, и на пример фаворизирање на словачкиот јазик, можеби е резултат на некогашната доминација на, во Австро-Унгарија, владејачките Унгарци. Или, пак, немаат постојано меѓусебно навредување и говор на омраза, како што ние тука се навредуваме? Добро, говорот на омраза во нашиот регион, посебно во интернет просторот, е огромен проблем. Но таков речник има и таму. Јан Слота од Словачката национална партија, ги нарекува Унгарците „тумор во телото на словачката нација“ и дека Унгарците се наследници на „грди, јајценоги, монголоидни карактери на одвратни коњи“. Звучи познато, како балкански речник?
Зошто сега се занимавам со Словаците и Унгарците? Па немаме само ние проблеми со нашите соседи, сите ги имаат. За многу од примерите ќе најдеме паралели во нашите простори. Празнувањето на Санстефанска Бугарија на 3 март не е различно од празнувањето на Унгарското национално единство. Државјанство по етничко потекло, а не по граѓанство, го практикува и Бугарија во своите односи кон Македонија, Србија и Молдавија, а го најави и Албанија. Во сите земји си имаме политичари и говор на омраза како тој на Јан Слота. Дали некој е „светец“ или нацистички соработник или терориста, зависи од кој национален агол се гледа. Контроверзии колку сакаш.
Но, наместо да седиме и да тажиме како судбината со вакви соседи ни е тешка, мораме од некаде да почнеме. Како позициите на Грција се крути и се многу оддалечени и во состојба кога во Грција нема доволна политичка стабилност, македонските напори за понатамошна демонстрација на волјата за добрососедство треба да се насочат кон Бугарија.
@sklek хаштаг: #добрососедство
Почитуван Клековски,
Се е ова точно и добро напишано.Набројувате проблеми ( слични на нашите ) и тоа во демократска и цивилизирана Европа.Можам да замислам кои и какви проблеми има во Африка или Латинска Америка (проблемот на Парагвај или Уругвај со името ???0. Но, Вие како аналитичар ги изнесувате проблемите.Врз основа на решението на овие европски проблеми, очекував да дадете и предлиг за решавање на нашиов.Знам дека го имате ама… горе високо долу длабоко.
Во оваа наша држава , поделена на Патриоти и Предавници, тешко дека некој ќе се осмели да го каже своето мислење.А нашето мислење ќе го кажат другите ( како и секогаш до сега ) и ќе биде : Абе ние не сакавме, ни го наметнаа, не уценија – Пиги морално беше. :)
Со почит,
Перо Чиракот
Мала исправка. Унгарија нема закон за доделување на државјанство по етничка основа, туку закон – донесен 2010, а се спроведува од јануари 2011 – кој предвидува олеснителна процедура за оние кои го знаат унгарскиот јазик а чии родители или претци биле унгарски државјани (а можатда бидат етнички словаци, австријсци, хрвати, финци и тн…).