Во мојот коментар од минатата недела „Добрососедство“ пишував за добрососедските проблеми, кои сите ги имаат, преку примерот на Унгарија и Словачка. Но кога се расправа за темата за добрососедството, покрај сите аргументи, дека нашите, македонски проблеми не се разликуваат од туѓите добрососедски проблеми, постои реакција дека не е исто, другите немаат соседи како нашите, кои не ги признаваат.
Сепак е исто, само не е споделено. Терминот „маѓаризација“ (унгаризација) се употребува за процес започнат во 19 век, во кој унгарскиот јазик, унгарските имиња на места (топоними) и унгарски имиња и презимиња се наметнуваат на Словаците, Хрватите, Србите, Романците, Русините, дури и на Германците и Евреите. Слично како и со „русификацијата“. Та дури и во сега мирољубивата Скандинавија, Норвежаните говорат за „400 години темнина“ за време на нивната унија со Данска. Тоа се последиците на создавање на држави – нации во 18 и 19 век.
И кога говориме за непризнавањето од соседите, да употребуваме факти. Два наши соседи, Србија и Албанија, признаваат македонско малцинство во своите држави. Ама, едните црквата не ја признавале, другите со БЈРМ комуницирале. Да, има проблеми, но нацијата ја признаваат и на нас е да работиме да ги надминеме проблемите. Од другите три соседи Косово, Бугарија и Грција, само Грција во целост ја оспорува Македонија, Македонците и македонскиот јазик.
А Бугарија? Од 1999 година, од потпишувањето на Декларацијата за добрососедство, и Бугарија е во процес на индиректно признавање. Декларацијата, и договорите по декларацијата се склучуваат на македонски јазик според Уставот. „Бугарската политика спрема Република Македонија“, издадена од фондацијата „Манфред Вернер“во 2008 година, во Македонија се дочека на нож, поради фактот дека ја застапува тезата дека Македонците се творба на Тито и Коминтерната. Но и во тој текст може да се видат поместувања. Публикацијата е издадена на англиски, македонски и бугарски јазик, и со тоа е чекор на признавање на посебноста на македонскиот јазик. Понатаму се признава дека по 1944 година постои македонски народ, посебен од бугарскиот. Јасна е намерата постоењето на
македонскиот народ да се ограничи територијално и временски. Да се ограничи територијално на Република Македонија, со тоа да се отстрани ризикот од постоење на македонско малцинство во Бугарија. Да се ограничи временски на периодот од 1944 година (АСНОМ), со тоа да се отстрани ризикот по „сопственоста“ на историјата и дејците од Македонија – „најромантичниот дел од бугарската историја“. Тоа не е доволно, но сепак е чекор напред. Дури и барањата за права на Бугарите во Македонија, односно на права на бугарското малцинство во Македонија, имплицитно значи признавање на постоење на македонска нација во Македонија. Чекор понатаму темата за постоење на бугарското малцинство во Македонија и за посебна македонска нација, создава рамка и за можно македонско малцинство во Бугарија.
Од ваквите позиции на Бугарија, произлегуваат нивните разбирања за потребата од напредок во „добрососедството“. Поради територијалното ограничување, важно прашање се националните малцинства, македонското во Бугарија и бугарското во Македонија. Секако, Бугарија се обидува да ја наврти водата на своја воденица и стартува од позиција на негација на македонското малцинство во Бугарија, истовремено со барања за бугарско малцинство во Македонија. Поради временското ограничување, важни прашања се заедничкото прославување личности и настани, бугарските (воени) гробишта во Република Македонија, и секако, заедничките книги за историја. И на крај, секако е барањето за обесхрабрување на говорот на омраза, особено во медиумите.
Пишував дека да се опишат соседските односи на Балканот, може да се употребат описи од двата екстрема од сестрински до душмански. Но за разлика од главниот негативец во филмот „Трето полувреме” кој вели дека на Балканот народите се „или роднини или душмани”, јас велам не „или“ туку ни сме „и роднини и душмани“. И да, тој предизвик за добрососедство е асиметричен, бидејќи ние не оспоруваме ниту еден сосед и ниту негов идентитет. За разлика од некои кои сметаат дека Македонија самата од сите соседи создава непријатели, јас сметам дека ние и се трудиме повеќе: Македонија е перцепирана како пријателска од повеќето земји од Западен Балкан и во Македонија не доминираат анти-соседски чувства. Да, поради асиметричноста, неправдата, смееме да биде лути. Но лутината не смее да ни биде пречка да размислуваме рационално. Да, мора да опстоиме, но треба и да размислиме што ние можеме повеќе да направиме за добрососедството. За да бидеме само роднини, а не и душмани. Тогаш ќе бидиме и добри соседи.
Но со вакви соседи како е тоа возможно? Возможно е со добра волја. И тоа не само во Скандинавија, туку и тука во срцето на Балканот. Одличен пример се македонско-турските односи. Јас сум пораснат со филмовите како „Мис Стон“, „Македонска крвава свадба“, „Републиката во пламен“, „Најдолгиот пат“. И не е само мојата генерација порасната со тие филмови. Тие сè уште се актуелни, се сеќавам за време на посетата на еден турски претседател, на ТВ се прикажуваше „Републиката во пламен“. Како османлиите се презентирани во овие филмови не треба да опишувам. Би разбрале Бугарите дека „Трето полувреме“ е доста благ кон нив. А погледнето го сега македонско-турското пријателство и соработка. Што би рекле нашите револуционери? Ако е тоа возможно во пријателството со Турција, после „пет века ропство“, зошто не е можно со нашите соседи.
@sklek хаштаг: #добрососедство