Пред десетина години, соочен со сопствените здравствени ризици, почнав да одвојувам време за спорт и рекреација, вклучувајќи и пешачење на Водно. Таму почнав да го согледувам порастот на рекреативниот велосипедизам. Но и велосипедизмот како урбан транспорт доживува нов пораст. Пријатно се изненадив од изградбата на паркинг за велосипеди во мојата поранешна организација – МЦМС и дека околу петтина од вработените возат велосипед за работа. Во мое време (звучи како да сум многу стар), велосипедот беше наменет за детска игра (познатиот велосипед „пони“) или за работа, главно користен од работници поради егзистенцијални причини.
Новиот пробив на велосипедизмот не го ценев толку кога пред неколку години холандската амбасада поттикна обележување на велосипедските патеки и возење велосипеди низ Скопје. Уште една холандска лудорија, си мислев. Пред неколку месеци забележав група на велосипеди на бул. Св. Климент Охридски во Скопје. Бидејќи тоа беше во периодот на протести на опозицијата, си помислив нашле иновативен начин на протести. Но набргу дознав дека тоа е „критична маса“ – група велосипедисти што се собираат и возат по улиците на градот. Целосно домашна иницијатива на неформална група на скопски велосипедисти „На точак“, чија цел е подобрување на условите за велосипедисти во урбаниот транспорт.
Критична маса е почната во 1992 година во Сан Франциско, по што се проширува во стотици градови. Во Сан Франциско почнува со 45 велосипедисти, а рекордот е забележан во Будимпешта со 80.000 велосипедисти во една критична маса. Името „критична маса“ е земено од документарецот „Враќањето на велосипедот“ – во Кина велосипедисти мора да се соберат во доволен број, „критична маса“, кога благодарение на својата бројност може да си го пробијат патот од автомобилите и да поминат на крстосниците. Во Скопје првата критична маса е организирана на 30 мај 2012 година и оттогаш се организира секоја последна среда во месецот. Средствата за промоција на акцијата се собираат со прилози на самите учесници. Досега се возени 12 критични маси. На КМ-12 низ Чаир учествувале 320 велосипедисти. Првата година возење ќе биде одбележана со 13-та критична маса идната среда, на 29 мај 2013 година.
Е ваквата целосно домашна иницијатива е за ценење. А таквите иницијативи можеби и не се толку ретки, колку што се фрлени во сенка од конвенционалните организации со доминантно странско финансирање.
Уште повеќе за ценење е дека иницијативата не е за екстремен или рекреативен, тука за велосипедизам како урбан транспорт. Тоа носи нов вредносен систем, кој не е веќе само егзистенцијален туку е и одраз на потребата од самоизразување. Во анкета „Точакољупци, нѐ има доволно?“ е видлива таа комбинација на мотиви за возење велосипеди. Некои граѓани тоа го прават од економски причини, некои бидејќи сметаат дека е побрз начин на транспорт во сообраќаен метеж или, пак, дека е подобар од јавниот транспорт. Но многумина возат велосипед бидејќи уживаат во возењето, дека е здраво и дека е добро за животната средина. Тоа е тој нов вредносен систем што може да понуди многу решенија за нашите постојни проблеми.
Возењето велосипед на работа е економски оправдано. Во САД, годишните трошоци за возење велосипед се околу 300 долари, наспроти 8.000 долари за возење автомобил. И тоа не е важно само во САД. Во Македонија, сообраќајот или транспортот учествува со 8 отсто, а здравјето со 3 отсто во семејните трошоци. Возењето велосипед нѐ прави послободни, бидејќи ја намалува зависноста од енергетските компании. Возењето велосипед на работа како најевтин начин може да ни заштеди дел од парите за транспорт, но и дел од парите за здравје. Да заштеди пари за здравје преку подобрување на нашето здравје. Во Холандија, каде што 25 отсто од населението возат велосипеди, има само 10 отсто со проблеми со дебелина, наспроти САД, каде што само 1 отсто од населението возат велосипеди и имаат 31 отсто од населението со дебелина (обезитас). Само три часа возење велосипед неделно го намалува ризикот за срцеви заболувања за 50 отсто. Со велосипед го чуваме нашето здравје и го штедиме здравствениот фонд. Со велосипед и буквално може да спасуваме животи. Европски студии покажуваат дека со велосипеди значително се подобрува сообраќајната безбедност и се намалува бројот на сообраќајни несреќи и жртви. А во Македонија во сообраќајни несреќи годишно животите ги губат околу 170 лица, најчесто возачи и нивни сопатници (околу 75 отсто), а и другите жртви, пешаци и велосипедисти, се жртви на автомобилите. Покрај што се поекономични, поздрави и побезбедни, велосипедите често се и побрз начин на транспорт. Студија во Лион, Франција, утврдила дека велосипедите се 50 отсто побрз начин на транспорт во часовите на сообраќаен метеж. И, секако, велосипедите ја чуваат животната средина. Ќе ни требаат помали сообраќајници: на паркинг-место за еден автомобил може да се паркираат 20 велосипеди. Над 50 отсто од загадувањето на воздухот (смогот) потекнува од моторните возила. За град како Скопје, кој има проблеми со смогот, тоа е важно прашање. И тоа пак влијае на нашето здравје. Смогот го зголемува ризикот за смрт поради болести на дишните органи.
Придобивките, економски, здравствени, сообраќајни, безбедносни, еколошки и, секако, личното задоволство и слободата се неоспорни. Во продолжението ќе пишувам што се прави и што може да се направи за подобрување на условите за велосипедисти во урбаниот транспорт. А засега, да ѝ се придружиме на критичната маса 13, на 29 мај 2013 година („На точак“ http://natochak.blogspot.com/
Продолжува „На велосипед [2]“
Наместо коментар кратка лична историја на точак
Кога бев мала во далечните 80-ти на 20-тиот век моите имаа еден чуден ред на одење кај дедо ми и баба ми со точаци. Кога потпораснав и почнав да одам на училиште со точак бевме неколкумина што го користеа точакот како превозно средство. На факс и после факс уште помалку луѓе го користеа како превозно средство и не сакав да се делам од остатокот. Кога за малку ќе ме удреше автобус на Рекорд, а јас на точак прв пат многу се уплашив и не возев навистина долго време. После х време заклучив дека редно е да одам на работа со точак, прво со тој за беснеење, а во поново време и со убавицата за низ град. Гледам дека моите биле во право- за низ град користи точак!