Селективен а/теизам

„Што си ти? Атеиста! Прашувам што си, за кои празници не работиш? Ааа, православен христијанин!“ Тоа е една од шегите на релација теисти (верници) и атеисти, сега пред празниците, која ја отсликува состојбата на тензии во меѓусебните односи. Тие тензии беа највисоки во 2009 година, околу воведувањето на религиското образование во државните училишта и околу изградбата на црква на плоштадот, што ескалираше во насилство на плоштадот Македонија во Скопје. Оттогаш наваму како на новите, социјални медиуми, така и во традиционалните медиуми не престанува меѓусебното полемизирање.

Една тема во полемиката е кој повеќе зло нанел. Доколку едните ги наведат злосторствата на другите, селективно ги забораваат сопствените. Тие што ќе ги наведат инквизицијата, крстоносните војни, верските судири во Европа, Нигерија или некоја друга земја, ќе заборават на злосторствата на Сталин во Русија, Мао Це Тунг во Кина, Пол Пот во Камбоџа или Енвер Хоџа во Албанија. Ќе тврдат дека религијата во Македонија не била посебно прогонувана во социјализмот, истовремено тврдејќи дека сега насилно се наметнува религијата. А тепањето на плоштадот се случи, како и што и постоеше непријателски секуларизам и прогон на религијата во социјализмот. Наддавањето за кој донесува повеќе зло е бесмислено, бидејќи екстремизмот – теистички или атеистички е исто зол и опасен.

Второ поле на полемизирање се верските храмови. За тоа пишував во „Струмица напред – Скопје стој (не)доследност“. Додека имаше жестока реакција од атеистите и секуларистите за изградбата на црквата на плоштадот во Скопје, изостана таква реакција за градбата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица или „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. За „(Аеро)Дромци“ се прават шеги за бројот на црквите кои се градат, а имаат четири православни и една католичка црква, на 72.000 граѓани, помалку од претходно споменатите градови. Се критикува власта за градење цркви, а во исто време се премолчува дека ктитори или дарители за црквите се луѓе поврзани со опозицијата: во Радовиш, дарителот за црквата во 2011 година беше кандидат за пратеник на опозициска партија; во Аеродром, дарителот е поранешен пратеник на СДСМ; за Св. Богородица во Скопје, дарителот е поврзан со опозицијата, а за Св. Константин и Елена најголем дарител е една банка чие име често се поврзува со СДСМ. Од друга страна, верските храмови како духовна потреба, теистите ги забораваат, ако се тоа верски храмови од друга, не од сопствената вера.

Така полемиката меѓу фундаменталистите, теистите и атеистите, станува предвидлива и досадна.

selektiven-a-teizamАлен де Ботон, во својата книга „Религија за атеисти“, предлага наместо „земи или остави“ пристап, да се побараат во религијата корисни погледи за прашања како: градење на чувство на заедница, градење на трајни односи, бегство од 24/7 телевизиски свет, подобри добивки од уметност, архитектура и музика, се до започнување нови бизниси за нашите емотивни потреби.

По 1 мај – Денот на трудот и пред Велигденските празници, во меѓупросторот на секуларен празник и верски празник, неминовно се поставува прашањето дали нашиот избор е „или-или“ или постои можност и за „и-и“, дали нашиот избор е само натпревар или е можна и соработка. А кога да се размисли за тоа, ако не во празнична атмосфера? Та дури и најгласните атеисти не поведуваат дебата, или претставка пред Уставен суд, зошто верски празници се празници и неработни денови. Ниту теистите имаат против кога имаат можност да ги „спојат“ двата празника. Всушност, празнувањето и државни и верски празници и христијански и муслимански и други празници е прашање на висока прифатеност и од атеистите и теистите, и од христијаните и муслиманите и…

Но дали само празнувањето не зближува. Всушност овие два празника имаат многу што повеќе заедно.

Во Библијата, во Марко 12:29,31, на прашањето која е најголемата заповед Исус одговара, со мое парафразирање – сакај го Бога и ближниот свој, како што се сакаш себе, или во атеистичка варијанта – сакај ја планетата, животната средина, и ближниот свој, како што се сакаш себе. Заповед која ни укажува дека само-љубовта е неопходен почеток, но не и крај на патот, туку треба да се надгради со љубов кон другите. Вредност толку есенцијална за солидарноста -знакот на Денот на трудот.

Во деновите на строг пост, дали смислата на постот можеме да ја побараме не во консумацијата на растителен кашкавал, туку во нашата само-контрола, во одрекнувањето, во воздржувањето. Всушност дали критериум за строг пост треба да биде воздржување од телевизијата и од консумеризмот. Консумеризмот како централен дел на екстремниот неолиберализам е предизвик еднакво и за постењето и за (не)експлоатација на трудот.

Заповед во христијанството е „Не врши никаква работа во сабота!“ Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи, а седмиот никаква работа не ќе работиш. Во исламот, „денот за собор“, за молитва и за одмор е петокот. Како и да е по толку стотици години на Библијата и Куранот, за многу работници и работнички во Македонија, седмица со ден за одмор сè уште е недостижно, сега во ова време.

Честит 1 мај – Ден на трудот! Честити велигденски празници!

twitter@sklek хаштаг: #религија

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.