(Де)вмроизација на СДСМ

Промената на раководството во една политичка партија по низа на изборни неуспеси е многу добра можност за преиспитување на партиската доктрина, стратегија и програма. Во јавната дебата, по промената во СДСМ, се појавуваат три правци: првиот правец кој бара да не се преиспитува наследството на претходното раководство (статус кво опција), вториот правец дека е потребна вмроизација на СДСМ, и третиот правец е дека е потребна либерализација на СДСМ. Првиот не заслужува внимание – ако се изгубени низа на избори, статус кво е невозможно, мора да има промени.

Најгласен застапник за вмроизација на СДСМ е Саше Ивановски, уредник на Мактел, кој заслужува внимание поради својата неортодоксност и покрај неговата површност и вулгарност. Се препорачува вртење на СДСМ кон конзерватизмот: национализам и социјална конзервативност, со малку егалитаризам. Оправдувањето е дека тоа е моделот со кој ВМРО-ДПМНЕ победува, кој граѓаните го препознаваат и кој може да донесе победа на избори на СДСМ. Вртење кон национализмот треба да се направи во однос на спорот за името и за меѓуетничките односи, како и раскинување на коалицијата со ВМРО-НП и Љубчо Георгиевски, доколку не го смени својот став за Бугарија. Вртењето кон социјалната HHконзервативност ќе се постигне со истакнување на семејните вредности, поддршка на црквата („да се слика како пали свеќи“) и да се дистанцира од либерални теми, како ЛБГТ-правата. За истакнување на егалитарноста потребно е да се истакне скромноста (а не брендирана облека) и поддршка на политиките за сиромашните класи како субвенциите во земјоделието. Единствено што отстапува од конзервативниот авторитарен модел (на строг родител) е препораката да се вратат исклучените членови и да се дозволи фракционерство. Иако и тоа не отстапување, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ по 2006 година ги врати назад сите отцепени партии со исклучок на ВМРО-НП и Достоинство.

Од друга страна во „Како да се ослободиме од монструмите“, Никола Гелевски, публицист, нуди странски искуства како либералите поефикасно да им се спротивстават на конзервативците. Клучна препорака е градење на сопствената етичка перспектива, бидејќи прогресивните политики следат од прогресивни вредности. Соодветно тоа би значело повеќе егалитарност и демократија, а помалку национализам и социјална конзервативност.

И покрај разликите и двата правци поаѓаат од истата теза, а тоа е дека СДСМ е либерална партија. А СДСМ тоа не е, тие се социјалхристијани! СДСМ не промовира егалитарност и солидарност, напротив, со приватизацијата го поставија аголниот камен на денешната социјална нееднаквост. СДСМ го формира „мачо“ ставот за спорот за името („да го видиме мажот кој ќе го смени името“), а и ги игнорираше барањата на етничките Албанци и употреби прекумерна државна сила (знамињата во Гостивар, Универзитетот во Тетово). За социјалната конзервативност, и за односот кон црквата и за семејството, пишував повеќепати. СДСМ во 2005-6 година не го донесе законот за заштита од дискриминација. И новиот претседател на СДСМ е и претседател за на иницијативниот одбор за изградба на црква во Струмица, која треба да биде најголема во Македонија. И додека ВМРО-ДПМНЕ, го врати назад и Марјан Ѓорчев, директниот ривал на Никола Груевски, СДСМ влезе во обратен процес. Вмроизацијата на СДСМ кулминираше по 2009 година и посебно во последната година. Во 2009 година промовираното раководство немаше жени, малцинства и работничка класа. Генералниот секретар на СДСМ ја започна својата кампања за локалните избори со палење свеќа. Амин, поголема вмроизација на СДСМ од оваа во моментот.

И самиот промотор на вмроизацијата на СДСМ, после неколку дена се демантира со коментарот „кога ќе почнеме да гласаме за она во што веруваме“ и го критикува „гласањето за владеење“ и бара “гласање за идеологизација“. Тогаш е јасно дека правецот за вмроизација на СДСМ е погрешен бидејќи е гласање за владеење, а не за идеологизација. Но е погрешен и бидејќи е поразен на избори повеќе пати. Од едноставна причина – не може СДСМ да го победи ВМРО-ДПМНЕ на „домашен терен“, на терен на конзерватизмот. Колку и да лицемерство има на сите страни, секако граѓаните повеќе ќе веруваат во палењето свеќа на Никола Груевски од тоа на Андреј Петров.

И тука Никола Гелевски е во право, треба да се напушти конзервативната рамка и јазик, потребни се прогресивни вредности за прогресивни политики. Во таа насока охрабрувачки е изјавата на Зоран Заев за новиот пристап кон меѓуетничките односи, и покрај неговата јазична несмасност. Но и тука има ограничувања. Една од тезите во написот на Никола Гелевски е дека луѓето гласаат за својот идентитет и за своите вредности. Според студиите за македонските општествени вредности генерализирано тие се: егалитарност, умерена демократија, национализам и социјална конзервативност. Како СДСМ да промовира либерални вредности кога 90% од граѓаните не одобруваат хомосексуалност? Како да гласа против законот за абортус, кога симпатизерите на СДСМ, на скала од 1 – целосно неоправдано до 10 – целосно оправдано, се позиционирани на 4.3 (тие на ВМРО-ДПМНЕ на 4.1)?

Угоре високо, удолу длабоко. Да не звучам како консултантот во анегдотата, кој имал уште толку добри идеи, а на фармерот му умрела кравата, но СДСМ мора да се одлучи меѓу вмроизација и либерални вредности. Меѓу вмроизација со кој пристап ги губат изборите во низа, и ќе продолжат да „играат на домашен терен“ на ВМРО-ДПМНЕ. И либерални вредности, кои поради македонскиот вредносен систем, би значеле сигурно загуба на следните избори, а можеби и уште еден изборен циклус потоа, но шанса за придобивање на новите, младите генерации, како што ВМРО-ДПМНЕ ги придобиваше од 1997 година наваму. Изборот е на СДСМ.

#политика

П.С. Дедо Кирил, живот посветен на возобновувањето на автокефална МПЦ. Вечен ти спомен!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.