Демохристијани и социјалхристијани

Јавната расправа за (законот за) абортус, е темата на која повторно се судруваат две различни идеолошки гледишта. Претходните години тоа беа веропоуката во државните училишта во контекст на секуларна држава, а во последниот период и ЛБГТИ заедницата, односно сексуалната ориентација. За многумина, и последната расправа за абортусот е изненадување, бидејќи станува збор за стекнато право. Најверојатно изненадувањето е и demohristijani-i-sotsijalhristijani-1поради инерцијата на поранешниот еднопартиски систем и соодветно еден идеолошки поглед на општествените прашања. Но таа инерција на еден идеолошки поглед се обидува да ја прекине ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година наваму, кога ВМРО-ДПМНЕ настапи со повеќе идеологија, презентирана во „Доктрина – вредности на ВМРО-ДПМНЕ“, според која конзерватизмот и народните и демохристијански традиции се основниот стожер на партијата.

Крајно поедноставени двата идеолошки концепти на левицата и десницата може да се дефинираат како либерални или прогресивни и конзервативни или традиционални концепти. Либералниот концепт е идеалистички, насочен кон иднината, клучни вредности се еднаквоста и солидарноста, фокус е општеството. Конзервативниот концепт е прагматичен, насочен кон минатото, клучна вредност е слободата, фокус е индивидуата. Разликите во двата концепти се одразуваат во економијата и општеството. Во економијата десницата е насочена кон дерегулација и намалување на даноците. Но во услови на неолиберален капитализам и намалување на разликите во идеолошките пристапи во економијата, понагласени се разликите во ставовите за општеството. demohristijani-i-sotsijalhristijani-2Левицата се залага за заедница заснована на етика, инклузивна, мултикултурна  и која се развива. На другата страна заедницата е заснована на морал, ексклузивна, етаблирана, националистичка. Концептите се разликуваат во  однос на семејството, вредностите кои детето треба да ги научи дома, како и ставот кон религијата. Од тука на глобалната политичка сцена најчесто идеолошките разлики се видливи околу прашањата за абортус и истополови заедници.

Идеолошките концепти кај нас се преточени во доктрините на ВМРО-ДПМНЕ и донекаде СДСМ, додека кај ДУИ и ДПА сè уште не се јасни. ВМРО-ДПМНЕ во својата доктрина говори за нација, пазар, приватна сопственост, култура на законитост, семејство, традиција и вера. Стратешките приоритети за ВМРО-ДПМНЕ за 2011-2015 година се: економски раст и вработеност, евроатлантски интеграции, борба против корупцијата и криминалот, добри меѓуетнички односи и Охридскиот рамковен договор и општество базирано на знаење. СДСМ пак во „Решенија за Македонија“ за свои идеолошки принципи ги одредува развој на демократијата и слободата, еднаквост и солидарност, дијалог и толеранција, одговорност, корпоративно управување и ново партнерство, социјално одговорна пазарна економија, регионални интеграции и меѓународна соработка. СДСМ тврди дека имаат решенија за: економски развој, развој на демократијата и човекови права, континуирано хармонизирање на меѓуетничките односи, владеење на правото и успешност на европските интеграции. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат многу слични цели-приоритети засновани на различни идеолошки начела. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ напишале убави програми.

Но, политичкиот простор е определен, ограден со македонските општествени вредности. А кои се тие? Според истражувањата тоа е една мешавина на егалитаризам, национализам и социјална конзервативност. Егалитаризмот е изразен преку мнозинската поддршка на граѓаните на еднаквоста, да нема општествена обесправеност и да не бидат силни разликите меѓу социјалните класи. Национализмот е изразен преки високата нетолеранција и малата спремност да се гласа на избори за кандидати од друга етничка припадност. А социјалната конзервативност е изразена преку малата поддршка или оправдување развод, абортус, случаен секс или хомосексуалност.

Во вака определениот простор, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прават компромиси со сопствените идеолошки концепти. ВМРО-ДПМНЕ како добра конзервативна партија воведе рамен данок и ги намали даноците, но има егалитарен пристап кон (не)разликите во платите, во пензиите или пак субвенциите во земјоделството. Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ добро се снаоѓа со национализмот и социјалната конзервативност, на прашања на пример како хомосексуалноста, а таму каде што има отстапувања, како на пример разводите на високи функционери, тие се затскриваат.   СДСМ со олигархиското наследство и приватизацијата како камен темелник на социјалните разлики во Македонија, слабо се снаоѓа во социјално одговорната пазарна економија. А ја нема храброста да се спротивстави на национализмот и социјалната конзервативност. Не само што мултикултурата не е одразена во партијата, туку СДСМ кокетира со национализмот на пример со поддршката на Законот за бранителите или коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Струга и Кичево. Слично е со социјалната конзервативност. Како партијата ќе се залага за недискриминација на основа на сексуална ориентација, а во својата програма го избегнува тој израз и говори за лични животни стилови или пак има исти став за истополови заедници како и десницата. Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош, истовремено и генерален секретар на партијата, изборната кампања ја започна во црква, со изјави кои поттикнуваат дискриминација на родова основа и старосна основа. А новоизбраниот лидер на партијата на мојот коментар за ставот за (изградба на) цркви, одговара како добар демохристијанин. И како што имам претходно коментирано има повеќе левица во здруженија на граѓани, отколку во партијата која тврди дека е левичарска. Вклучувајќи и на последниот пример на прашањето на абортусот, каде бранители на правото се здруженија и интелектуалци, со релативно мала мобилизација на СДСМ. Дали е тоа поради преокупираноста со конгресот или пак поради свесноста за малата поддршка на абортусот меѓу симпатизерите на СДСМ ќе видиме наскоро.

И поради таквата практика во Македонија, каде партиите не го предизвикуваат постоечкиот вредносен систем, не може да говориме за идеолошко профилирање на партиите, може да се говори за демохристијани и социјалхристијани.

twitter@sklek хаштаг: #политика

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.