Изминатите денови невообичаен и голем одѕив беше предизвикан од изјавата на Фил Рикер, заменик-помошник на државниот секретар на САД, за спорот за името. Изјавата содржеше две пораки, дека е потребен (јавен) дијалог и дека треба да го следиме примерот на Србија и на Косово. Но таквото чувство за невообичаеност кај мене делумно траеше до проверката на моите претходно објавени коментари. И минатиот јуни имав коментар „За кого работи времето“, на тема на спорот за името. Всушност нема ништо невообичаено пред или по датум за одлука за македонските евроатлантски интеграции да се зголеми нивото на дебата за спорот за името. И покрај тоа што повеќето работи се напишани, сепак неколку аспекти заслужуваат внимание.
Невообичаен беше повикот за (јавен) дијалог за спорот за името. Си велам мора да е грешка, од два аспекти. Првиот аспект, дијалог имало и има. Та да го земам во обѕир мојот придонес. Додека ја водев мојата поранешна организација МЦМС, се објави декларација „И Македонија и НАТО“, и се направија две истражувања на јавното мислење во 2010 и 2011 година. Во врска со спорот на името сум настапил во повеќе ТВ-емисии, а во последната година на моето пишување за „Нова Македонија“ сум напишал десетина коментари посветени на евроатлантските интеграции, добрососедството и спорот за името: почнувајќи „Од нас зависи“, „За кого работи времето“, „(Анти) Американизам“ преку „Најдолгиот пат“ до „И роднини и душмани“. Вториот аспект, разговорите во ОН за спорот за името се во затворен формат. Како што биле и сите клучни договори во светот, регионот, па и кај нас. Не се сеќавам да се водеше јавна дебата за Охридскиот рамковен договор, пред неговото склучување. И по последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц, следеа вообичаени изјави дека двете страни се обврзале да не објавуваат детали од предлогот во интерес на преговарачкиот процес! Тогаш зошто Фил Рикер ни порача дека дијалогот е најважен за спорот за името? И за каков дијалог да стане збор кога не е познат предлогот што е на преговарачката маса? Да водиме дијалог (сослушување на аргументите), врз основа на медиумски шпекулации за тоа што е предлогот?
Втората порака беше за храброста искажана од Србија и од Косово. Неколку работи кога веќе се бара аналогија со српско-косовскиот спор и договор. Прво, српско-косовскиот договор е привремен договор и не се однесува на конечниот статус на Косово, односно од Србија не се бара да ја признае независноста на Косово. Македонија и Грција беа во таа фаза во 1995 година кога ја склучија Привремената спогодба. Понатаму мотивацијата, „и стапот и морковот“, на двете страни и Србија и Косово е приближно еднаква: Србија добива датум за преговори за ЕУ-членство, а Косово договор за стабилизација и асоцијација. Во грчко-македонскиот случај тоа не е така! Но уште една многу важна разлика. Србија, која навидум направи големи отстапки со интеграцијата на институциите во северно Косово во тие на Косово, не направи ништо дополнително од тоа што веќе го преземала како обврска со Кумановскиот договор и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година. Србија презела обврска да поддржи воспоставување на „меѓународна цивилна и воена власт“ во Косово. Од тој момент Србија се откажала од своите надлежности и институции во Косово. И сега договорот е во тие рамки – српските институции во Косово ќе се интегрираат со косовските, без од Србија да се бара признавање на независноста на Косово. За последното, некој ќе рече сега засега. Да примениме аналогија на спорот за името. Тоа што Македонија прифатила е привремена референца за употреба во ОН. Таа референца се употребува од повеќето меѓународни институции, а Република Македонија се употребува во билатералните односи со повеќе земји, како и во внатрешна употреба. Сегашниот предлог на Метју Нимиц, според медиумските шпекулации е „Горна Република Македонија“ за севкупна употреба. Предлогот на маса не е да ја замениме референцата „поранешна југословенска република Македонија“ со ново име за ОН, туку име за севкупна употреба. Од нас се бара дополнително отстапување од тоа што веќе го имаме отстапено (референца во ОН). И тука завршува аналогијата со Србија и Косово. Или пак имаме отстапено нешто повеќе како што тврди Каролос Папуљас, претседателот на Грција?
Но невообичаеноста на одѕивот на пораките на Фил Рикер, беше и во нешто друго. Имаше вообичаени дневнополитички пресметки. Од типот на изјавата на поранешен амбасадор дека во Брисел бил изненаден дека Македонија го отфрлила предлогот на Метју Нимиц? Во што би било изненадувањето ако предлогот е име за севкупна употреба и јасно искажано барање од Каролос Папуљас, за „откажување од македонизмот“, а црвената линија на Македонија е „неменување на уставното име, и заштита на националниот идентитет, култура и јазик“. Но тоа што беше невообичаено беа жестоките реакции од радикалите во двата табори. Два поранешни амбасадори на двете спротивни страни ги отфрлија пораките на Фил Рикер. Од една страна очекувано од „јастребот“ на десницата да ги квалификува изјавите како барање за „капитулација“. Но од друга страна „чеканот“ на левицата сосема неочекувано го квалификува Фил Рикер, пријателот на Македонија, како неуспешен и невлијателен амбасадор, поради отсуството на притисок врз власта. Што ги вознемири двете страни? Веројатно сознанието дека колку и да е неправедно се очекува Македонија да направи отстапка, но дека за САД тоа е билатерално прашање и нема да вршат значаен притисок.
Од таквата позиција е веројатно инспириран и повикот на Фил Рикер за (јавен) дијалог. И со целосно разбирање на ставот на Антонио Милошевски, пратеник, дека јавен дијалог може да ја поткопа преговарачката позиција на Македонија, тоа не го исклучува политичкиот дијалог. Повикот на премиерот Никола Груевски за национално единство, каков што беше упатен и минатиот јуни, мора да се заснова на политички дијалог, која за да не биде само празен повик мора суштински да го вклучи СДСМ. И како што напишав минатиот јуни иницијативата треба да ја преземе Ѓорѓе Иванов, претседателот на републиката, со свикување средба на релевантните лидери на политички партии или Собранието со свикување на затворена седница.
@sklek хаштаг: #СпоротЗаИмето
Почитуван Клековски,
Многупати имаме дискутурано на тема- промена на името.
Која е причината заради која се бара од нас да го промениме името? Причината е едноставна : Македонија бара влез во “клубовите“ кои се викаат НАТО и ЕУ. И едната и другата организација се клубови во кои владеат правила на игра. Играта и во двата случаи се вика – консензус во одлучувањето.
Значи, Македонија е таа што бара влез во организациите.
Бидејќи се соочуваме со блокада од една членка во двата клуба, за жал невиден во историјата на организираните општества, ние имаме две солуции:
1. Да прекинаме со барање за членство во овие клубови.
Ако го прифатиме ова решение , тогаш мораме да направиме стратегија во кој правец ќе одиме? Каде ќе се најде Македонија во услуви кога го одбира патот на Норвешка ?
Ја има ли Македонија економската моќ на Норвешка?
Може ли некој да даде одговор на прашањето: Каде ќе се најде Македонија во овој случај?
Ве молам само одговорот да не биде БРИК – фала.
2. Да продолжиме со барање за влез , но тогаш ќе мора да се прифатат правилата на игра кои се воспоставени во тие организации.Еден наш Амбасадор во НАТО, пред неговото заминување на таа функција ( Госп.Мартин Треневски ) , вети дека со неговото одење на Амбасадорската функција во НАТО , ЌЕ ИНСИСТИРА на промена во начинот на гласањето во оваа воена алијанса. Не слушнав дека таков предлог е ставен на разгледување , а камоли на гласање.Или можеби не сум информиран? Или можеби тој не е таму?
И на крај да прашам : А кој е предлогот што го нуди Госп. Нимиц ( ама званичен предлог ) ? Сето ова што го слушаме се само нагаѓања и претпоставки- барем јас го немам слушнато.