И Македонија и евроатлантски интеграции!

Пред некое време надворешен соработник на „Дневник“ ме праша дали сите надворешни соработници на „Нова Македонија“ се против промена на името. Не сум ги погледнал работите од тој агол, но за мене лично можев да одговорам, да, јас сум против промена на името Република Македонија. Но од друга страна се залагам за евроатлантските интеграции на Македонија. Дали овие два стремежи може да коегзистираат во сегашниов контекст?

Првиот став, против промена на името, е одраз на моето право на  самоидентификација и културен идентитет. Таквиот мој став е вкоренет во традицијата, да запаметиме кои сме и од каде доаѓаме. Кога говорам за традицијата, говорам за опстојувањето, за „предците, за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија“. И жртвите, барем за мене, не се апстрактни и далечни. Тие се конкретни и блиски.  Семејството на мајка ми, Апостоловски од село Леуново, мавровскиот крај, изгубиле сè кога целото село и нивната куќа  се запалени во 1943 година. Семејството на татко ми, Клековски, од село Прекопана, до планинскиот врв Вич, леринскиот крај, изгубиле сè кога целото село и нивната куќа  се запалени во 1947 година. Ја жртвувале својата благосостојба за нивниот избор – слободна Македонија! Да го заборавам тоа е како да плукнам на гробовите на моите предци! И ова повикување на традицијата не е само вмровско – и двете семејства, како и селата, биле партизански, биле слободарски. Така ме учеа и југословенските комунисти, најдобро илустрирано со слоганот „Боље гроб, него роб“, од протестите против пактот со нацистите во 1941 година.

i-makedonija-i-evroatlantski-integratsiiНо ставот против промена на името, не е вкоренет само во традицијата. Тој е заснован и на неприкосновеното право за самоидентификација. Тоа право модерните држави го гарантираат за малцинствата, па како може да се оспори на цел народ. Но како постојано ме потсетува еден пријател, слободата не се добива, за нејзе треба да се избориш. Мора да го изодиме „најдолгиот пат“ на градење на независна нација. Мора да истраеме, да опстоиме! Како што опстоивме кога беше донесена Лисабонската декларација во 1992 година. Или кога во 2004 година Советот на Европа се обиде да ни го смени идентитетот, на што сите заедно одговоривме „Кажи Македонија – Не ме фиромирај!“.

Што значат евроатлантските интеграции? Огромната поддршка може да се толкува на начин дека евроатлантските интеграции се синоним за просперитет, за добри меѓуетнички односи, за демократски и економски развој. Но за просперитетот, како и за слободата, треба да се избориш, никој нема да ни ја поклони благосостојбата. Македонската приказна за успешна државностод нас зависи! НАТО и ЕУ можат да помогнат, но не можат да нѐ заменат. И ова не е анти-евроатлантска реторика, јас сум повторно за евроатлантските интеграции. Без да пишувам надолго и нашироко, евроатлантски интегрирана Македонија и Балкан без граници, ќе воспостави трајна основа за мир и стабилност во регионов.

Како да се постигнат двата, навидум, конфронтирани стремежи. Како да се постигне национално единство? Како со национална соработка да постигнеме најмногу што можеме за името, за Македонија и за евроатлантските интеграции? Да, во името на национално единство треба да се бара начин за акомодација на двата стремежи! Две препораки, кои не се однесуваат на македонските црвени линии, туку на процесот на постигнување договор: сплотеност и одложена примена на договорот до моментот на членство на Македонија во ЕУ.

Како прв чекор да постигнеме сплотеност на нацијата, да се справиме со расколот или стравот од раскол во нацијата, кој нè блокира во моментот. Иако во повеќе наврати го имам напишано истото, важно е и ќе го повторувам понатаму.  Треба да бидеме одлучни во тоа што го сакаме и повиците за национално единство да ги преточиме од зборови во дела. Поделбите на патриоти и предавници мора да престанат. Како што минатата година  кажа Премиерот Груевски „не смееме да се делиме дека едните сме повеќе за името и за идентитетрот, а другите сме повеќе за НАТО и за ЕУ, треба сите да сме и за едното и за другото“. Примарната одговорност за тоа лежи кај премиерот Груевски, Владата и ВМРО-ДПМНЕ. Мора да престанат обвинувањата кон опозицијата. Од друга страна и опозицијата не може истовремено да охрабрува решение на спорот за името и да ја напаѓа власта за попустливост. И тука, повторно, уште еднаш, недостига акција на претседателот на републиката, кој низ политички дијалог со „големата четворка“, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, ќе дефинира што сакаме да постигнеме. Да, Република Македонија – ерга омнес, но кога тоа не е резултат на политички дијалог, туку изјава во ноќно шоу, ја нема потребната сплотеност, ја нема потребната силина. Било каков договор за спорот за името не може да се постигне доколку претседателот на републиката не ја преземе тежината на својот грб, подржан од главните политички партии. Слично на рамковниот договор во кој  претседателот Борис Трајковски, го обезбеди потребното водство, а соодговорноста ја понесоа четирите клучни партии.

Потоа мора да разбереме дека покрај сплотеноста околу македонските црвени линии, мора да постигнеме договор дека македонските интереси може да бидат заштитени само ако Грција нема повеќе позиција на надмоќ да нè блокира и уценува. Во ситуација кога на сите нас ни е јасно дека Грција сака да се откажеме од македонизмот, да се откажеме од себеси, сака да не нема, ќе биде невидена глупост, ќе биде самоубиство да прифатиме договор за спорот за името, во ситуација во која Грција ќе може и понатаму да не блокира и уценува. Со непримената на Привремената спогодба за поддршка на членството во меѓународните организации под привремената референца и со непримената на одлуката  од судот во Хаг, Грција покажа дека не може да ѝ се верува. Така тоа не е само имагинарен македонски страв, туку сурова реалност, дека Грција нема да се придржува на договореното и постојано ќе бара нови и нови отстапки, сè до уништување на македонскиот идентитет. Затоа колку што се важни нашите црвени линии, уште поважно е да било каков договор не стапи во сила сè дури Грција има позиција на моќ да нè блокира и уценува, да не стапи во сила до моментот на членство на Македонија во ЕУ.

***

Честит 2 август – Илинден!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.