еМагазин: Секоја мака на почеток, носи повеќе добивка потоа

full1Сашо Клековски, аналитичар, пораснал во скопската населба Автокоманда, во мал стан во кој што живееле две генерации.

„Во тој период Автокоманда беше маало на Егејци. Сите мои комшии беа Егејци. Растев дома, бидејќи не сакав во градинка. Тоа беше моето прво одбивање на авторитет. Во градинка одбив да јадам салама и добив ќотек од воспитувачката…“, раскажува Клековски, кој и самиот има потекло од Егејска Македонија, по татко му, кој е родум од леринско.

Неговата мајка Убавка, работела во „Комерцијална банка“, а татко му Панде во „Електро Скопје“ (ЕСМ).

„Од денешна перспектива се восхитувам како моите родители и покрај многубројните обврски успееа добро да ме воспитат и насочат.“

Дедо му Тасе (од страната на татко му) бил парализиран и се движел со количка.

„Уште од мал станав осетлив за ранливите групи. И покрај тоа што беше во количка, дедо ми излегуваше надвор и си ги извршуваше сите обврски. И баба ми Роса и дедо ми беа големи борци и се грижеа нивните две деца да можат да се образуваат. Од тоа сфатив дека единствено со вложување во образование можеш да оствариш одржлива социјална промена“.

Баба му Анѓа и дедо му Апостол, од страната на мајка му живееле во Гостивар.

„Тие имаа мала фарма со кокошки, мисирки и куче. Одењето кај нив ми беше интересна можност да запознаам и друг начин на живеење. Сите овие искувства од детството, постојаното среќавање со различноста придонесоа да го осознаам повеќекратниот плурализам во едноумието…“.

Во периодот на основно училиште го менува местото на живењее. Неговите родители обезбедуваат услови за сопствен стан и се селат во скопската населба Карпош 4.

„Во тоа време голема дилема ми беше дали попуштањето е добро или не. Моите ме воспитуваа дека попаметниот секогаш попушта, но значи ли тоа дека со светот владеат глупите? И јас решив кога сметам дека сум во право да не попуштам“.

По 13 години растење како единец, Клековски го добива братот Владимир.

„Имав некои од типичните карактеристики на единец. Понекогаш бев себичен и арогантен на моменти, но важно е да ги препознаеш тие карактеристики и да работиш на нивна промена. Раѓањето на брат ми беше шок, во прв момент се чувствував дека мојот статус на единец е загрозен, но тоа брзо се промени. Влатко ми е многу драга личност и сме во одлични односи“.

Како дете сонувал да биде пожарникар, архелог, а и доктор.

„Го гледав на телевизија Ксенте Богоев, тогашен гувернер на Народната банка на Југославија. Бидејќи го преставуваа како доктор, си мислев дека е по медицина, а не по економски науки“.

Средното образование го продолжува во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.

„Поголем дел од другарите се запишаа таму, па по автоматизам и јас. Интересно за периодот на средно образование е што тогаш почнав да учам што е одговорност. Се дружевме во големи мешани групи и многу се радував кога моите заминуваа некаде за празниците и ме оставаа сам дома. Ми годеше што имаа доверба во мене, но и сфатив дека слободата која ми ја даваа, носи и одговорност. За да ме остават повторно сам, по собиранките кај мене, морав работите да ги вратам во ред. Никогаш никој не направи некоја штета. Мајка ми знаеше дека кај мене доаѓаа другарите и пријателите, кога тие не беа дома. Се шегуваше дека станот е посреден и почист од тоа каков таа го оставила. Тие ми беа значајни денови во годината и беа добра лекција за мене: „ако сакаш да ја зачуваш слободата, мора да си одговорен““.

Во средно вели дека бил солиден ученик, а поради тоа што имал проблем со авторитетите на некои од професорите, некои од нив го сметале и за недисциплиран.

„Добрите и лошите страни на средното образование ги согледав на факултет. Предметите кои порано ги имав кај построгите професори во средно, на факултет ги поминував добро, без многу труд. Имав проблем со области, кои ми ги предавале „полабавите„ професори. Тоа ми го промени ставот кон строгоста. Научив дека жртвата сега, во иднина значи добивка. Секоја мака на почетокот, носи повеќе добивка потоа“.

81Факултетското образование одлучува да го продолжи на Медицинскиот факултет.

„Татко ми ме убедуваше да станам електроинжинер, бидејќи сметаше дека тоа е прагматично решение, област во која тој може да ми помогне. Беше строг и имаше барања, но беше праведен. Секогаш ги почитуваше моите интереси, па се запишав на Медицински факултет“.

Пред одење на факултет, служи војска во ЈНА во Земун, Белград, Србија.

„Сакав да одам во војска, подалеку, но разделбата со моите ми падна потешко од колку што мислев… За прв пат во животот во војска се соочив со авторитети, кои не даваат објаснување зошто одредени барања или наредби се такви какви што се. Таму немаше прашување зошто, туку само направи што ќе ти се каже, ако не ќе го чистиш вецето. Од друга страна во војска прв пат видов што значи физички напор и физичка култура. Покрај физичката култура добра страна на служењето војска е тоа што бев во Белград, кој беше центар на сите културни и забавни случувања. Гледав многу концерти, големи натпревари на ЈНА и на Маракана, кошаркарски дуели меѓу вечните ривали „Партизан“ и „Цибона…“

По завршувањето на војска започнува со факултетот.

„За да се вклопам во новата средина на Медицински факултет пропушив цигари. Дури по 15 години сфатив дека пушењето и не е баш добар начин на социјализација… Научив нови работи на факултет. Осознав дека секој пациент е едно мало истражување. Научив да не размислувам и гледам на работите површински и секогаш да си го поставувам прашањето што е причината на тоа што го гледам. Научив и дека одлучувањето има и временска рамка. Мораш да одлучиш во вистинското време, со тие информации што ги имаш“.

При крајот на студирањето ги губи илузите дека здравството е за да им помага на луѓето.

„Бев одличен студент со просек 9.7. Но не можев емоционално да се дистанцирам од болката на пациентите, често роднини и пријатели, на кои ќе треба да им соопштувам и лоши вести. Кога татко ми претрпе штета по здравјето поради лекарска грешка, веројатно се скрши желбата во мене по медицината.“

Во време на студирањето влегува активно во студентските организации, најпрво во Сојузот на студенти по медицина на Македонија, каде како што вели научил што е тимска работа и колку може да се постигне со тимска работа, а по извесно време стигнува и до претседателската функција на Сојузот на студенти на Универзитетот „Кирил и Методиј“.

„ Луѓето ги делам на две главни групи: трговци и општественици. Во студентски организации разбрав дека сакам да бидам општественик. Во тој период го бранев правото дека сите ние имаме право на политички ставови, а прашањето е дали до нив си дошол сам или ти ги наметнал некој. А партиите и тогаш се обидуваа да ги дисквалификуваат луѓето за нивните ставови.“

Како преседател на Сојузот на студентите е еден од организаторите на студентските протести за поддршка на независност на Македонија во февруари 1992 година.

„Сакав да имаат поширок  легимитет, да не се претворат во партиски митинг. Ми значеше што Универзитетот „Кирил и Методи“ застана зад протестите и што се почитуваше договорот да се вејат само државни знамиња…“.

Вели дека до 1995 година, студентите и работниците биле сериозно третирани од политичките гарнитури.

„Во една прилика кога протестиравме за студентскиот стандард не прими лично и Кљусев и четири министри. Власта тогаш имаше респект кон студентите и работниците… Добар дел од тоа што значи демократија и како се гради консензус научив со активизмот во Сојузот на студенти. Воведовме непосредни избори, наместо делегатски. Но таму научив и дека се си има крај и дека еден ден ќе треба да си заминеш од функцијата, што пак ми помогна понатаму во животот да не гледам трагично на тоа…Во студентските денови патував  низ Европа со интерреил, а работев неколку месеци се и сешто од кујна до фарма во Грција. Патувањата и работата во странство многу влијаеше на мене“.

По искуството со Сојузот на студенти има краток „излет“ во политика. Дел е од десната партија МААК кога претседател е Анте Поповски.

„МААК беше импресивна партија според членовите на раководството. Една од идеите која ме привлече е идејата за демилитаризација на Македонија.“

Во 1993 година одлучува сепак да продолжи во друг правец. Дел е од тимот кој ја основа невладината Македонски центар за меѓународна подршка (МЦМС), станува директор на МЦМС и на таа позиција останува 18 години. Работењето во МЦМС му ја долувава и вистинската слика за Македонија.

„Видов што е навистина Македонија и дека не е само скопска шема-Охрид и Маврово. Бев во над 200 села, во некои од нив немаше основни услови за живот, немаше вода, генерациска несолидарност… Се сочив со реалноста и видов колку беда има низ земјата. Видов колку многу пари се потрошиле на индвидуални решенија, кои би чинеле многу помалку пари доколку биле заеднички решенија. Ми се срушија многу митови за нашата љубезност и гостопримливост, за тоа дека сме учена нација…Ги согледав големите регионални разлики…“

Работењето во МЦМС е значаен период во неговиот живот.

„Исклучително значаен период во мојот живот. Многу научив од холанѓанецот Херт Јан ван Апелдорн, кој ми беше ментор. Организациите кои го поддржуваа МЦМС вложија многу во нашата обука, студиски посети. Многу нови искуства и знаења. Тогаш уште повеќе ги проширив видиците. На пример се соочив со мојот „расизам“ дека нема ништо што да се научи во Африка, Јужна Америка или во Азија. Разбрав во основа дека колку се послични луѓето, толку до послични решенија ќе дојдат и дека убавината е во различното, бидејќи носи различни решенија. Запознав многу луѓе, фасцинатен микс од селанец од Липково, до норвешкиот крал. Од сите можеш памет да купиш… МЦМС ми е како дом, а колегите како пошироко семејство. Но морав да се повлечам. Мојата идеја од секогаш била да го пренесам моето искуство на следните. Бидејќи многу верувам дека сопствениот успех го мериш по успехот на следната генерација: децата треба да ги надминат родителите, студентите професорите, а соработниците директорот“.

Како поборник на доживотно учење запишал МБА на УАЦС, каде покрај нови знаења за менаџмент, е импресиониран и од новите наставни методи. По напуштањето на МЦМС пред две години одлучува да се испроба во неколку работи. Моментално пишува колумни во „Нова Македонија“, почнува да ги запознава новите медиуми, а заработува како консултант.

„Општата состојба во Македонија моментално не е најповолна, и за започнување на бизнис, и за вклучување во политика…. Но имам уште 15-тина продуктивни години пред себе, сакам старт-ап, да поддржам нови иницијативи и сакам да остварам уште барем една голема работа“.

За да бидеш успешен во деловниот свет, како што вели Клековски, треба да имаш и рамнотежа со социјалниот живот, (за дружење), со семејниот живот и со личниот живот. Тоа го научил од повозрасните другари.

„Мораш да имаш време за семејството. Семејството е пристаништето, во кое се укотвуваш по немирното море, по кое пловиш во деловниот свет. Додека работев во МЦМС првите години не одев на годишен одмор, но потоа сфатив дека треба да дозволувам и други работи да ми се случуваат“.

Клековски е 16 години во брак со Ана, со која имаат две деца, Ангелина (15г.) и Никола (12г.).

„Не сакам да се радувам на внуците, туку на тоа што ми се случува сега. Затоа поминувам колку што е можно повеќе квалитетно време со Ана и моите деца.Но мора да издвоиш и време само за себе. Бидејќи ако не одвоиш време само за себе, не вложуваш во себе, не се цениш самиот себе. Издвојувам време за рекреативно спортување, за фитнес, за читање, за здравје …“.

ИЗВОР: еМАГАЗИН [16 август 2013, Петре Димитров]

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.