„Фала ти, ама, да бидам искрен, не го прочитав (м.з. извештајот на комисијата за 24 декември). Мене друго ме интересира: има ли некој проблем што ние сами со разговор, без посредници, можеме да го решиме? Никогаш досега тоа не се случило. Што докажува тоа? Дваесет и две години, сè некој друг ни ги решава проблемите што сами си ги создаваме. И тогаш, кукаме, плачеме, меѓусебно се плукаме кај странциве, за тие да ни го решат проблемот. Што ти кажува тоа?“ Ова беше одговорот на пријател со кого го споделив Извештајот за испитување на настаните во Собранието на 24.12.2012 година. На новите медиуми, коментари како „очигледно (м.з. извештајот) пишуван на англиски јазик, потоа преведуван на македонски“ или „напишан во Брисел, потоа прилагодуван“. Дали овие тврдења се точни? Ако, да зошто е тоа така?
За извештајот за испитување на настаните во Собранието на 24.12.2012 година не треба да се анализираат формулациите, суптилни, вешти, типични за англоамериканската или европската политика, за да се види вмешаноста на странците или поточно Европската Унија, и на политичко и на стручно ниво. Тоа не е тајна, напишано е во самиот извештај. Извештајот во воведот ја наведува основата за работата на комисијата, т.н. Мартовски договор на политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ЕУ. Според формулацијата комесарот Штефан Филе не бил само медијатор во мартовскиот договор, туку ЕУ е страна во договорот. Во воведот се изразува благодарноста на Даниел Тарчус и Петер Ванхут, набљудувачи-експерти од ЕУ кои помогнале во анализата и споредбените искуства. На деветтата работна средба биле нотирани препораките на ЕУ и бил предложен првиот нацрт. Во извештајот има целосен опис за политичкото и стручното учество на ЕУ. На крај потврдено и со прес-изјавата на комесарот Штефан Филе на денот на потпишувањето.
И т.н. мајски договор во 2008 година меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ веројатно е склучен под слични услови, иако тогаш не толку транспарентно, бидејќи договорот никогаш не беше објавен. Ако се вратиме малку наназад, ќе дојдеме до Рамковниот договор од 2001 година. Службената верзија на договорот е на англиски јазик и како гаранти се јавуваат САД и ЕУ. Покрај јасното политичко учество на САД и ЕУ, во рамковниот договор постои и странско стручно учество, што во ниеден напис за рамковниот договор не е споменато. Имено во договорот се вклучени најсовремените сознанија за „мировни договори“ и употребени се споредбени искуства, вклучувајќи избегнати се некои од утврдените недостатоци на Договорот од Велики петок за Северна Ирска од 1998 година или Дејтонскиот договор за Босна и Херцеговина од 1995 година. Уште наназад е Платформата Глигоров-Изетбеговиќ за решение на кризата во СФРЈ, која според домашни и странски извори не е авторство на тогашните лидери на Македонија и Босна и Херцеговина, туку оригиналниот текст бил на англиски јазик и подготвен од меѓународната заедница во последните обиди да се зачува територијалниот интегритет на СФРЈ. На другата страна како домашен резултат може да ја споменам Заедничката декларација со Бугарија од 1999 година, а потврдена како Заеднички меморандум во 2008 година.
Зошто ни се случува да проблемите не може да ги решиме самите без посредници? Проблемот е на две ниво, на вредности, и на знаења.
Конфликтните ситуации се решаваат како резултат на две димензии: наметливост – грижа да се остварат сопствените, личните или групни интереси, и соработливост – грижа да се остварат интересите на другите. Или едноставно колку се грижиш само за себе и колку за другиот. Како резултат на овие две димензии можни се пет модели на справување со конфликт: натпревар (наредување, наметнување), избегнување, попуштање, компромис, соработка. Идеалот е да се грижиш и за своите и за туѓите интереси што резултира во соработка. Но грижата за туѓите интереси, покрај самопочит, бара почит на другиот. Во нашата национална култура, патријахална, маскулина (мачо), има недоволно изградено чувство за интересите надвор од личните, семејните, партиските. Некогаш ни за самите себе. Да го почитуваш другиот не е доблест, туку знак на слабост. Најчесто водиме сметка само за нашиот најтесен личен, семеен, партиски интерес. И не се грижиме, немаме почит за другите, за заедничкиот, за националниот интерес. Та ние во сообраќај не покажуваме грижа за другите учесници, па за нешто повеќе да говориме. Затоа кога има конфликт, спор на две страни кои се грижат само за сопствениот интерес, не можеме сами да најдеме решение. Потребна ни е трета страна, обично перцепирана како помоќна, во анегдотите позната како шумарот, која создава политички притисок за решение на конфликтот, спорот или пак арбитрира меѓу двете страни. И затоа дијалогот е сè почесто баран критериум од ЕУ – внатре во ЕУ ќе треба конструктивно да се договараме и решаваме.
Покрај вредности, справувањето со конфликти бара знаења за справувања со конфликти, како медијација, фацилитација. Каде се нашите медијатори, Комората за медијација, кои постојано се жалат дека не се барани? Ете толку многу конфликти, а никој не скока и вели – јас можам да бидам медијатор. Тука не е проблемот само во искуството на нашите медијатори, туку и фактот дека во случаите на партиски конфликти, поради претходно кажаното, потребни се медијатори кои се перцепираат како моќни. Така всушност тоа повеќе наликува на арбитража, отколку на медијација. И на крај, јасно е дека во вака мала земја како Македонија често ни недостигаат стручни споредбени знаења – како другите ги решиле сличните предизвици.
Да, се вратам назад на извештајот. Да, со цело залагање на комисијата тој беше возможен со политичката и стручната поддршка од ЕУ. И тоа дека ни недостасуваат знаења за справување со конфликти или споредбени искуства, не треба да ни биде срам. Во ред е да не знаеш и побараш помош. Треба да ни биде срам од неспособноста да се грижиме за другиот, за заедничките, за националните интереси, наспроти теснопартиските или личните интереси.
И многу бргу пред нас ќе имаме нов предизвик – Мартовскиот договор го вклучува изборниот календар кој вклучува дијалог за времето на одржување на следните парламентарни избори. Ајде да пробаме, барем да пробаме, сами, без посредници, да се договориме за тоа!
За специфичниот случај за 24/12 (иако може и пошироко да се земе и за други случаи) отсуствува и изградена институционална противтежа на вакви инциденти.
Во овој случај јавниот интерес по службена должност требаа да го одбранат и јавното обвинителство и Уставниот суд. Ниту една од институциите не го направи тоа. И двете институции имаат мандат да работат и по свое видување. Дополнително, во Уставен суд, од граѓанскиот сектор, има пристигнато претставка по повод случајот.
Во такви услови можеби и немаше да има потреба од Комисијата. По мое мислење инцидентот не требаше да биде предмет на медијација туку на истрага. На тој начин може да се отвори и втора димензија на гледање на случајот.
Ако првата димензија е дека медијација морало да има за да СДСМ се врати во Собрание, тогаш во отсуство на институционална противтежа, медијацијата може да се чита и како заобиколување на институциите. Во таа арена, дури и да се страните повеќе фер една кон друга, невидливата, но основна претпоставка е дека тие не се рамноправни. Или, поинаку кажано, мора да се излезе од полето на прописи (каде сите по теорија сме еднакви) за да може да се реши проблемот. Но што е проблемот? Дали проблемот е што СДСМ не беше во Собрание или што беа прекршени прописи? Ако првото е резултат на второто, а институциите се силни да ја завршат работата, тогаш медијацијата требаше да заврши во март.
На тој начин, штом има медијација за тоа кој го прекршил правото, тогаш сме надвор од рамноправни позиции по дефиниција, не според културолошки предиспозиции.
Рефлектираш на состојбите екс-пост 24 декември. Да, точно е дека правосудството треба да одлучува за судир на извршната и законодавната власт. Добро е што има претставка пред Уставен суд бидејќи тој е единствениот надлежен да утврди кршење на Уставот (и ќе мора да постапи по претставката). Инаку Комисијата се вика Комисија за испитување (на англиски ad hoc Commission of Inquiry). Така што е истрага.
Медијација не е заобиколување на институциите туку барање решенија за решавање на проблем. Вклучувајќи го формирањето на ад хок комисијата. Без медијација не ќе беше возможно да се формира оваа ад хок комисија. И медијацијата е применлива колку екс-пост, толку и екс-анте на 24 декември. Еден од заклучоците е дека координацијата на Собранието не функционира како што е замислено. Тоа не може да го решат правосудните органи туку политички партии спремни за соработка.
Јас мислам дека медијацијата во овој случај е заобиколување на проблемот. Бидејќи постои прекршување на закони и Устав а предолго не постои истрага од надлежни органи.
Исто така се сомневам дека формирањето на Комисијата ќе делува превентивно за некој иден случај. Зошто? Бидејќи медијацијата во овој случај е како сунѓер при акробација – се фрлаш и знаеш дека ќе те дочека медијација а не јавниот обвинител и судијата. Можам да се согласам дека сите нешто научија од овој 24/12, од Комисијата и слично. Но покрај добрите лекции мислам дека една е дека и при некоја следна какашка ќе долета медијација и пак нема да се понесе одговорност а некој ќе се обиде со некоја акробација да добие „народен аплауз“.