Државотворни партии или граѓани

Предилинденски беше објавен напис „Македонските комунисти ја создадоа современата македонска држава“. Сега пред денот на востанието го препрочитував написот. Во написот носечки се неколку тези, дека „учеството на македонскиот народ во борбата против фашизмот, го отвори патот за создавањето на современа македонска држава“, „предводени од комунистите,…, дадоа преку 25.000 илјади жртви… Така се оствари вековниот сон на македонскиот народ – создавање на сопствена држава“ и дека „ако на 2 август 1944 година не беше формирана македонска држава…, нова објективна можност … немаше“. „Современата македонска држава ја создадоа македонските комунисти“ и „во име на нашата иднина, мора јасно и гласно да се кажува дека носители на проектот, во 1944 година беа комунистите“, а дека заслуги имаат и српските комунисти, кои како власт во Србија се откажале од Версајскиот договор и го признале правото на Македонците на своја држава. Во написот се разграничува разликата меѓу создавањето на современата македонска држава и претходното постоење на македонскиот народ. „Прогонот на сите борци за независна и целосна Македонија, … се тешки злочини“, но не смеат да бидат причина за сметање на државноста од 1991 година, односно „за да не се споменат комунистите, да се жртвуваат 47 години сопствена македонска држава“.

drzhavotvorni-partii-ili-graganiИако не е до крај јасно со кого аргументира авторот, дотука сè е јасно и неспорно, за мене и сметам за огромно мнозинство на граѓаните. Да, македонските комунисти ја поведоа народноослободителната борба и антифашистичката борба, која во АСНОМ резултира со создавање на македонска држава. Тоа е признаено и во историјата и во секојдневната историја – на пример преку државните празници: го прославуваме 11 октомври Денот на народното востание и 2 август – Денот на Републиката, а 8 септември е Денот на независноста. За мене тезите се неспорни бидејќи не се исклучиви „или/или“, туку се вклучувачки „и/и“.

Но за да биде напишан овој коментар, мора да има точка за несогласување, со една теза во споменатиот напис. И самиот автор е контрадикторен, од една страна пишува дека се бореле „Македонците, заедно со Албанците, Турците, Власите, самите Срби и други жители“ и “придонес имаа и илјадници поединци, кои немаа многу допирни точки со комунистичката идеологија и се бореа од чисто патриотски мотиви“, а од друга, „заслугата е исклучиво“ на комунистите. Сите се бореле, а заслугите се само на (дел од) комунистите! И тука, во исклучивоста, во ексклузивноста на заслугите за македонската држава, настанува проблемот. Спорно е кој создава држави, кој е државотворен, што ја чини сувереноста? Партија или граѓаните? Државотворни не можат да бидат партиите, државотворни се граѓаните, тие се носители на суверенитетот. Зошто државата почива на општествен договор, согласност на граѓаните. И затоа македонската државност почива на АСНОМ – собрание на граѓаните, а не на пленум на КПМ. Карактерот на НОБ е јасен антифашистички и народноослободителен. АСНОМ го рефлектира таквиот карактер на борбата. АСНОМ е договор за „Македонија на Македонците!“, заснована на начелата на Крушевската република за вклучување на „сите народности“. Тоа е договор за Демократска Македонија! Дали АСНОМ е договор за социјалистичка револуција и воспоставување на тоталитарна Македонија? Не! Тоа е јасно од говорот на Панко Брашнаров, од документите на АСНОМ каде што се вели  „АСНОМ го образуваат народните представители, без разлика на народност, вероисповедание, пол, раса и политическо-партијска припадност, кои се дали доказателство, оти ја прихваќат борбата за самостојателност и слобода на народот на Македонија“, тоа е јасно од учество на делегати од Костур, Кукуш, Петрич, или пак свештеници.

Колку што е јасно дека комунистите ја предводеа народно-ослободителната борба, толку е јасно дека заслугите за АСНОМ, за создавањето на македонската  држава, се и нивни, но не и исклучиво само нивни. Исто така толку треба да е јасно дека македонските комунисти, поточно еден дел од македонските комунисти  веќе, во 1945 година извршиле узурпација на државотворноста и националниот мит. Исклучени се дел од македонските комунисти, исклучена е граѓанската десница, исклучени се етничките Албанци. Симболи за тоа се Панко Брашнаров, Методија Андонов – Ченто и Неџат Аголи.

Не сум историчар, и не би пишувал сега за ова тема, ако нема последици по поблиското минато, сегашноста и иднината. Првата последица со која се справуваме е формирање на националниот мит, каде има место само за Македонци (кој чул за Неџат Аголи?) и само за комунисти, и тоа дел од комунистите, не за сите. Повеќе од дваесет години по независноста сè уште се бориме со тоа. Донекаде Охридскиот рамковен договор и проектот „Скопје 2014“ година се одговор на узурпацијата на државотворноста и националниот мит од страната на една партија. Така, деновиве по повод на најавеното поставување на споменик на Неџат Аголи, допрва ќе осознаваме кој е тој човек? Дебарчанец, завршил право во Рим, комунист, учесник на НОБ, учесник и потпретседател на  АСНОМ, прв македонски министер за социјална политика, починал на Голи Оток според една верзија, убиен пред својата куќа според втора верзија. Фрлен во заборавот!

Втората последица е дека СДСМ, партијата наследник на КПМ/СКМ, ја продолжува таа политика, отсликано во ставот дека „СДСМ е државотворна партија“. Таа теза ќе ја најдете во говорите на минатите лидери како Бранко Црвенковски и Владо Бучковски, во сегашното раководство во говорите на Зоран Заев, во говорите на идната генерација лидери, во СДММ.

Македонските комунисти го поведоа народното востание, ја предводеа народно-ослободителната војна, заслугите за државноста се и нивни, но не и исклучиво само нивни,  бидејќи нема „државотворни партии“, државотворноста ја чинат граѓаните! Колку побргу се прифати тоа, толку подобро за сите.

Честит 11 октомври, Денот на народното востание!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.