Александров, Броз и цар Душан [1]

Минатата недела поврзано со случајот „Конгреси и Манастирит“ (Kongresi i Manastirit) коментирав за меѓусебната поврзаност помеѓу наследството, идентитетот и именувањето на местата. Тогаш констатирав дека именувањата на места може да биде контроверзно во сите општества, но уште повеќе во мултикултурните општества, како македонското, каде наследството и идентитетот и натаму продолжуваат да ја привилегираат етничката димензија, за сметка на другите димензии. И уште не заврши јавната дебата за именувањето на училиштето „Конгреси и Манастирит“, започна јавната дебата околу поставувањето на спомениците на Јосип Броз – Тито и цар Душан.

aleksandrov-broz-i-tsar-dushanДенешните расправи ме вратија назад во 1991/92 година, кога за првпат во независна Македонија се поведе расправа  за наследството, идентитетот и именувањата или комеморацијата на личности и настани. Тогаш градот Скопје направи обид за промена на имиња на улици. Тоа предизвика лавина од јавни реакции, тогаш во одбрана на ЈНА и Црвената Армија. Јавно ја подржав промената на имињата на булеварот ЈНА и Црвената армија, и покрај тоа што служев во едната од нив,  бидејќи сметав дека, и покрај славата на двете армии од Втората светска војна, повоената историја не е славна. Црвената армија ги задушила слободарските барања во Унгарија, Чехословачка… ЈНА во тоа време само што ја ограби Македонија, до вадење на штекери од воените касарни, а веќе до гуша беше во војните во Хрватска и Босна и Херцеговина. За мене славата на ЈНА потона во трагедијата на уништувањето на Вуковар. И промената на имињата, не мора да се заврши со бришење на историјата, Црвената армија може да биде заменета со историската битка за Сталинград. На тој начин се слави доброто од таа историја, без да се глорифицираат и сторените злосторствата.  По многу години, тие улици и и службено добија нови имиња, беа избришани и заменети со нови имиња. Но сега, по повеќегодишна временска дистанца, без протести.

Во сегашните времиња, јавната дебата за наследството, идентитетот и именувањата или комеморацијата, е целосно фокусирана на „Скопје 2014“, и тоа од внатреетнички аспект,  како и од меѓуетнички аспект.

Тоа што доминира во јавната дебата е стремежот кон полемика – победа на сопствените ставови над другите и отсуство на минимелен дијалог – отвореност и сослушување на аргументите на другиот. Како што рекол Фредерик Втори од Прусија или Фредерик Великиот „Јас започнувам со земање. Подоцна треба да пронајдам учени луѓе да го демонстрираат (потврдат) моето перфектно право“. Така и ние, прво заземаме страна, а потоа ги наоѓаме сите аргументи потребни за оправдување на сопствената позиција. Сите страдаме од потврдувачка пристрасност, тенденција да се забележи и запамети информација која ги потврдува сопствените погледи. А кога од различни причини не е политички коректно или полезно да се спротивставиме на содржината, тогаш се полемизира за формата. Демек не се проблем именувањата или комеморацијата, туку кршењето на процедурите или кичот.

Внатреетничката македонска дебата не престанува од 2009 година од започнувањето на „Скопје 2014“. Вредно за забележување е дека СДСМ и про-СДСМ јавни личности веднаш жестоко реагираа на проектот, на самото претставување и тоа на неговата содржина, пред да можеме да станеме свесни за можната корупција или естетските дилеми кои дел од делата ги побудуваат. За наводната корупција и кич сега се говори, тогаш, а и сега проблемот беше самиот проект.

Не случајно при преименувањето на улици во Скопје советниците на СДСМ пред седиштето на Градот Скопје извикуваа „Бугари, Бугари“. И денес критиката на процедурата, односно дивото поставување споменикот на Јосип Броз – Тито, предизвикува лавина обвинувања за „врховистички смрдеи“. И тоа од истите личности што бараат правна акција при диво поставени споменици или, пак, албански знамиња.

На новите медиуми, по одредена комеморација, се обидов да аргументирам дека не е точно дека Тодор Александров се фаворизира повеќе од Ѓорче Петров, бидејќи по Ѓорче Петров е именувана општина, а по Тодор Александров е именувана улица. Не помогна ни тоа дека оваа власт им подигна споменици и на Ѓорче Петров и на Тодор Александров, и тоа со слични комеморациски елементи. Не помага во дебатата бидејќи нема дијалог, туку само полемика. Не е проблемот што се фаворизира Тодор Александров, туку што го има воопшто. Него треба да го нема, да биде избришан, затоа што бил „бугараш“ и „ликвидатор“. Секако како дел од разбирањето дека левицата во ВМРО, на која припаѓал Ѓорче Петров, била национално освестена, за разлика од про-бугарската десница. Тоа што Ѓорче Петров, бил егзархиски учител, според едни службувал во Серез и Драма, според други бил градоначалник на Драма (!?) и бил шеф на  Бугарската агенција за бегалци при Министерството за внатрешни работи на Бугарија, не го прави бугараш. Убиен по нарачка од Тодор Александров, го прави Александров и ликвидатор. Но нарачаните убиства на Борис Сарафов и Иван Гарванов, не го прават Јане Сандански ликвидатор. И кога во дебатата за Јосип Броз – Тито, ќе се проговори за тоталитарниот карактер на системот кој го водеше, за жртвите на тој тоталитаризам, се наоѓаат оправдувања во историските околности, во тоа дека секој режим се бранел итн. Но за Тодор Александров, нема историски околности…

Целта на погоре наведеното не е дека Тодор Александров или Ѓорче Петров се „добрите или лошите“ момци, туку дека можат да се аргументираат и едната и другата и било која позиција. Целта на погоренаведеното е комплексноста на историјата и можноста да постојат два или повеќе различни погледи, толкувања… И дека тоа е нормално како што е нормално постоењето на разноличноста и плурализмот во било кој аспект на општеството и животот. И прифаќањето на постоењето на два или повеќе различни погледи, а не на униформноста, е првиот чекор на патот на помирување, на патот на трансформација на омразата во соработка.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.