Без капитен во финалето

Се случи првото поголемо изненадување во предизборието 2014 година – Зоран Заев, лидерот на СДСМ, нема да ја предводи кандидатската листа на СДСМ на предвремените парламентарни избори на 27 април 2014 година. Изненадувањето можеше да се види пред сè во проопозициските редови, наслови на проопозициски медиуми како контроверзна одлука, втора постава и слични, а во новите, социјални, медиуми, неверување, а објавата на кандидатската листа на СДСМ за пратеници помина без еуфорија и ентузијазмот кој што беше присутен при објавата на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата.

bez-kapiten-vo-finaletoСекако не е изненадување отсуството од листите на кандидатските листи  на пратениците кои го означија претходниот период, бидејќи подолго време се најавуваше дека на листите ќе ги нема Јани Макрадули, Горан Минчев … За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое влегува во овие избори со хомогено раководство и партија, СДСМ на овие избори треба да го консолидира раководството и партијата. Затоа за СДСМ очекувано и неминовно  е дека во  натамошната консолидација на раководството и партијата мора да дојде до промена на пратеничката група.

Изненадувањето е отсуството на раководството на СДСМ од кандидатските листи, или поточно отсуството на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска. Одбраната на вака поставените кандидатски листи е дека тоа се најдобрите кандидати поддржани од членството и проверени и со повеќе анкети, дека се неутрализира негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, и дека се докажува прекинот со претходното лидерство на СДСМ.

Покрај отсуството на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, не држи констатацијата дека ова е втора постава, ниту дека е листа на анонимуси. Да не именувам некои од раководството на СДСМ, на пример од потпретседателите кои се по анонимни отколку некои од носителите на листи. На пример Ренета Тренеска Дескоска е одличен професионалец, но поаѓајќи од фактот дека носител во изборна единица 1 досега бил лидерот на СДСМ, има хендикеп дека подготовката и нејзината промоција не е започната порано. Има и други личности, особено надвор од Скопје, кои се почитувани во своите заедници. Позитивен чекор е делумната локализација на листите, но и таа делумна бидејќи не сите листи ги водат кандидати кои живеат во своите изборни единици.

Во овој момент не може да се донесе конечен заклучок дали кандидатските листи СДСМ се  целосен раскин со претходниот период. Секако е значајно што истакнати пратеници кои го означија претходниот период не се на кандидатските листи.  Сепак, оставањето на историјата зад себе го пропушти Зоран Заев на интервјуто на МРТ кога не се огради од претходниот период.

Тоа што се забележува дека потегот на СДСМ не е координиран со коалициските партнери ЛДП и НСДП кои си ги кандидираа старите и проверени кадри на добитничките места на листите. Додека раководството на СДСМ го нема на листите, раководството на ЛДП си се кандидира.

Не е многу убедлива аргументацијата на Заев дека овие кандидати се најдобрите, што е посебно видливо во изборната единица 1 и 2. Ќе биде интересно СДСМ да ги објави рејтинзите на кандидатите во изборната единица 1 и 2.

Едно од објаснувањата е дека со ваквата одлука на СДСМ се избегнува  негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ „На Заев не може да му се  верува“, како што велат некои од проопозициските коментатори „ќе им пропаднат на ВМРО-ДПМНЕ негативните спотови“. Тоа е далеку од точно. Негативната кампања за носителите на листите започна истиот ден кога ги објавија нивните имиња. А и Зоран Заев вели дека тој е следниот премиер на Македонија, што значи дека останува и негативната кампања поврзана со него. И не знам како ќе биде изненаден политичкиот ривал кога СДСМ ги објави листите една недела пред рокот што му остава на ВМРО-ДПМНЕ, доволно време да анализира и одговори соодветно.

Кандидатските листи на СДСМ имаат силни и слаби страни, како секоја листа, како секој тим, но да се вратам на тоа што е изненадување – отсуството на на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска од кандидатските листи. Имаше објаснување дека тоа е неочекуван потег во ненормална состојба (ќе треба појаснување што се мисли под ненормална состојба), но лидерство е потребно најмногу кога има големи предизвици. Капетанот останува последен на бродот со големи предизвици. Или да употребам спортска аналогија тимот СДСМ се подготвува да игра во финалниот меч, и капитенот вели: „Девојки и момци, вие ќе играте во финалето, а јас, здрав и прав, ќе седам и ќе ве бодрам од клупата. А ако победиме победничкиот пехар ќе го примам јас“. Не оди тоа така.

Отсуството на лидерите на кандидатските листи само ги продлабочува збрката и хаосот во јавноста за лидерството на СДСМ. И досега во јавноста е проблем да се препознае кој е лидер на СДСМ, поради поделбата на политичката доверба на повеќе личности. СДСМ неколку изборни циклуси се мачи со тоа да понуди кредибилен и препознаен кандидат за премиер, кој ќе биде способен да се натпреварува со Никола Груевски. И сега, на врв на тоа настапува без лидерство на кандидатските листи! Освен, освен ако Зоран Заев не е во откажување! Бидејќи сега единствениот на изборната сцена што може да развие лидерство е Стево Пендаровски. Доколку Стево Пендаровски оствари подобар резултат од  СДСМ, неминовно ќе се отворат прашања за доверба во раководството на СДСМ.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.