Неделава политичките партии ги пријавија и објавија своите кандидатски листи за пратеници за предвремените парламентарни избори на 27 април 2014 година. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека за учество во изборите се пријавиле 14 коалиции и партии. Што порачуваат кандидатските листи?
Прво, тоа е трендот на намалување на бројот на кандидатски листи, од 33 листи во 2006 година, 18 листи во 2008 и 2011 година, на 14 листи во 2014 година. Намалувањето на бројот на листи е резултат на изборниот систем, што ја поддржува „големата четворка“ ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Покрај НДП, на овие избори голема шанса има коалицијата ГРОМ.
Второ, тоа е релативниот дисконтинуитет на кандидатските листи. И тоа не се однесува само на СДСМ, кај кој 9 од 10 кандидати за пратеници не биле кандидати на претходните избори во 2011 година. Најрадикален е примерот во СДСМ во изборната единица 5, каде што ниту еден од кандидатите од 2011 година сега не е кандидиран. Само осум од досегашните 42 пратеници на СДСМ најверојатно ќе бидат повторно избрани. Слично како во СДСМ и во ДПА скоро 9 од 10 кандидати се нови. И во ДУИ скоро 8 од 10 кандидати за пратеници не биле кандидати на претходните избори, а во ВМРО-ДПММНЕ има поповолен спој на континуитет и новини, каде 6 од 10 кандидати за пратеници не биле кандидати на претходните избори. Листите на ВМРО-ДПМНЕ во изборните единици 4, 2 и 3 се најстабилни, и повеќето досегашни пратеници ќе ја продолжат својата работа во Собранието. Во промените треба да се забележи дека по претходните повлекувања на Стојан Андов и Љубисав Иванов – Ѕинго, на овие избори пратеничката кариера ја завршуваат и Тито Петковски и Борислав Стојменов.
Трето, овие избори ќе поминат без градоначалници на листите. Додека на изборите во 2011 година беше видливо учеството на градоначалници, како Ивица Коневски, Марјан Ристески, Стевчо Јакимовски, Зоран Заев, Изет Меџити, овој пат тоа не е случај. Политичките партии повеќе не нудат кандидати како градоначалниците за кои е јасно дека нема да бидат дел од законодавната, ниту извршната власт. Но затоа на листите има повеќе претседавачи на општински совети, како и советници. ВМРО-ДПМНЕ ги вклучи на листите Зоран Ѓоргиевски, Васил Пишев, Благоја Деспотоски своите кандидати за градоначалници во Куманово, Струмица и Кичево, високо на својата листа како награда за резултатите на локалните избори 2013 година. И СДСМ ги вклучи Хари Локвенец и Бетијан Китев, кандидатите во Прилеп и Кавадарци, но тие таму ги загубија изборите со околу 20, односно 15 процентни поени разлика.
И четврто, „од кал да е, доктор да е“. Имало времиња кога и над дваесетина пратеници, од 120, биле доктори по медицина. Овие избори има големи шанси докторите да го постигнат тој резултат. Во ВМРО-ДПМНЕ само во изборната единица 1 има најмалку четири доктори: Аспазија Софијанова, Андон Чабишев, Јасмина Дамческа и Оливер Зафировски. Од Охрид, покрај Александар Николовски, кандидати се два доктори: Сашо Василевски и Љубен Арнаудов. Во СДСМ во и.е. 3 кандидат е Јагода Шахпаска, доктор од Берово итн. Ќе треба повеќе анализа, но впечаток е дека меѓу кандидатите доминираат кандидати од јавниот сектор (здравство, образование, администрација), а во незначително малцинство се вклучени кандидати од приватниот сектор.
За кандидатската листа на СДСМ пишував во „Без капитен во финалето“. Неколку збора за другите. ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да го зачува костурот на претходната пратеничка група и високо на листите се: Трајко Вељановски, Владимир Ѓорчев, Илија Димовски, Силвана Бонева, Александар Николоски, Светлана Јакимовска и други. Изненадува отсуството на Александар Спасеновски. Дали неговото отсуство во листите, истовремено со заминувањето во амбасадори на Антонио Милошоски и Васко Наумовски, значи намалување на влијанието на генерацијата од средношколскиот бунт 1997 година и на социјално конзервативното крило? Од друга страна Никола Попоски, министерот за надворешни работи, добива на влијание, по изборот во извршниот комитет на партијата, сега е носител на листа во и.е. 6.
Една од забележливите разлики е присуството на кандидати од помалобројните заедници на листите на ВМРО-ДПМНЕ: Турци, Роми, Срби, Бошњаци. Овој пат дополнето, како што премиерот Груевски вети во Струга, со кандидати-Македонци со исламска вера: Фатмир Имеровски, од Дебар во и.е. 1 и Нола Исмаиолоска од Струга во и.е. 5, се извесни нови пратеници. По вклучувањето на Ашим Зекировски во извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ прави исклучително важни чекори за интеграција на оваа група на население. Зачудува што СДСМ, како левица, освен Ром, нема вклучено кандидати од малцинствата. Иако во ДУИ го нема веќе Рафет Муминовиќ, со истакнување на листа во и.е. 3, предводена од Бехиџудин Шехапи од хуманитарната организација Ел Хилал, и за првпат во и.е. 4, ДУИ ќе се обиде за првпат да освои пратеник во источна Македонија. Со тоа ДУИ, а не СДСМ, станува ривалот на ВМРО-ДПМНЕ во придобивање на помалобројните заедници.
Во ДУИ за одбележување е отсуството на Сузана Салиу, досегашна потпретседателка на Собранието, а враќањето на Рафис Алити (и.е.1) и Хазби Лика (и.е.6), како и вклучувањето на Муса Џафери и Рамиз Мерко во и.е. 5. Забележливо е и водството на Ермира Мехмети во и.е.1. ГРОМ настапува во сите изборни единици, и очекува успех и избор на Чедомир Саздовски, Виктор Цветковски, Штерјо Николов, Панче Минов и другите кандидати. Стојанче Ангелов ќе го направи својот последен обид во политиката, иако изненадува дека тоа го прави во и.е. 5, најверојатно да ја избегне меѓусебната конкуренција во и.е. 3 со Љубчо Георгиевски од ВМРО-НП. Алијансата за позитивна Македонија влегува со високи очекувања, посебно со Владо Бучковски во и.е. 3 и Игор Камбовски во и.е. 5.
Се чини дека на овие избори ќе доминира политичкото ривалство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како и напорот на повеќе партии пред сè на ГРОМ да стане парламентарна партија.
***
За споредба на кандидатските листи во 2014 и 2011 година благодарност до Мојот избор www.mojotizbor.mk