По релативно мирна кампања, помина првиот круг на изборите за претседател на републиката на 13 април 2014 година. Почетните оцени за изборите ги искажаа релевантните домашни и странски набљудувачи, кои ги оценија изборите како ефикасно спроведени и мирни. На критичката страна е нерамноправноста на кандидатите, во медиумското претставување и достапните ресурси. Една од најдобрите илустрации за тоа е анализата објавена од блогот Киберкотле за потрошените средства по освоен глас за изборната кампања: Иванов потрошил најмногу 92 македонски денари за еден освоен глас, Пендаровски 19 денари, Поповски 16 денари, а Халими 13 денари. За споредба, кандидатите добиваат од државата надоместок од 15 денари за освоен глас. Моја позитивна забелешка е дека негативната кампања, која доминираше во предизборниот период, до некаде се стивна за време на изборната кампања.
На изборите гласаа 48,84 отсто од избирачите, што се вклопува во трендот на намалување на одѕивот на гласачите на претседателските избори, коj на првите претседателски избори изнесувал над 70 отсто. Но овој одѕив е подобар од тој во вториот круг на претседателските избори во 2009 година, кога одѕивот изнесувала изнесува 42,63 отсто, особено бидејќи тогаш вториот круг на претседателските избори се одвиваше истовремено со вториот круг на локалните избори. И покрај тоа што во 2009 година, одѕивот во вториот круг е помал од тој во првиот круг, може да се очекува дека во вториот круг кој ќе се одржи 27 април, ќе се постигне прагот на одѕив од најмалку 40 отсто.
Во првиот круг Иванов освои 51,67 отсто гласови, Пендаровски 37,52 отсто, Халими 4,48 отсто и Поповски 3,61 отсто. Што покажуваат овие резултати?
Иванов постигна убедливо водство од околу 15 процентни поени. За првпат на претседателски избори кандидат на ВМРО-ДПМНЕ освојува над 400.000 гласови, односно со околу 450.000 гласови Иванов има најдобар резултат, на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во прв круг, на сите времиња. Како што пишував во “Иванов-Пендаровски 3-2“ почетната предност на Иванов е партиската поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и таа се покажа за доволна за убедливо водство. Ваквиот резултат обезбедува одлична почетна позиција на Иванов. Но не само за Иванов. ВМРО-ДПМНЕ се надмина самата себе и остварениот резултат е подобар од тој што партијата го постигна на парламентарните избори во 2011 година кога освои околу 438.000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ ги задржа или подобри своите резултати во сите изборни единици. Тоа на ВМРО-ДПМНЕ му обезбедува дополнително охрабрување пред парламентарните избори на 27 април.
Резултатот на Пендаровски, од околу 326.000 гласови може да се анализира од повеќе агли. Тој резултат е секако многу подобар од резултатот на Љубомир Фрчковски, кандидат на СДСМ на претседателските избори во 2009 година, кој во првиот круг освои околу 202.000 гласови. Резултатот е близок и до резултатот што го постигна СДСМ на парламентарните избори во 2011 година, од околу 368.000 гласа. Но резултатот не е онаков како посакуваше и најавуваше СДСМ. Преку анкети, преку настапи на медиуми и непосредни комуникации, СДСМ поттикнуваше оптимизам дека Пендаровски во првиот круг ќе биде во водство во однос на Иванов. Водство на Пендаровски не се случи, напротив водството на Ѓорге Иванов е околу 15 процентни поени. Пендаровски не го постигна нивото на поддршка на СДСМ во 2011 година, што укажува дека не успеал во својата единствена шанса, да ја добие поддршката од симпатизери на други политички партии или други етнички заедници и на независните гласачи. Пендаровски во кампањата изјави „Ако ги добијам изборите и ако на 27 април видам дека не ме гласале сите етнички заедници во Македонија, ќе го вратам мандатот“. Од првиот круг е извесно дека не го гласале сите етнички заедници. Најилустративен е примерот на Гостивар, тврдината на Руфи Османи, кој јавно го фалеше Пендаровски. Но во првиот круг Пендаровски во Гостивар беше зад Иванов, и со освоените околу 4.700 гласа не го ни повтори резултатот на СДСМ од 2011 година од околу 5.400 гласа, а камоли да има показатели за поддршка од етничките Албанци и Турци, или пак барем од симпатизерите на НДП. Причини за загриженост повеќе има СДСМ, бидејќи во сите изборни единици, со исклучок на единицата, Пендаровски има остварено полоши резултати од СДСМ во 2011 година.
Дали поради постојаните поделби и исклучувања од партијата или пак поради отсуството (бојкотот) на својот ривал од ДУИ, Халими и ДПА потфрлија. Поповски, пак постигна резултат во рамките на очекувањата, но со одредени потфрлања во Карпош, Куманово и Кавадарци, а подобри резултати во повеќе други градови. Во обидот да стане парламентарна партија ГРОМ има поволна почетна позиција во првата изборна единица, а ќе треба да вложи дополнителни напори во третата, четвртата и втората изборна единица.
Првиот круг помина и со подем и пад на одредени агенции за истражување на јавното мислење. На друга страна, иако не е научно прифатлива, Фејсбук обезбеди интересна можност за прогноза на изборните резултати. На Фејсбук Иванов имаше 58 отсто фанови, а Пендаровски 42 отсто фанови, што е блиско до резултатите на првиот круг, кои ако се земат во обѕир само двајцата кандидати имаа околу 60 отсто, односно 40 отсто гласови. Читателите сами може да погледнат колку фанови имаат Груевски и Заев.
Иванов и ВМРО-ДПМНЕ влегуваат со предност на изборите на 27 април, Пендаровски и СДСМ ќе се трудат да ја задржи мотивацијата, ДПА ќе се бори да остане во „големата четворка“, а покрај НДП и ГРОМ ќе се бори да стане парламентарна партија.