„Помалку Европа!“

„Популистите напредуваат“, „Ненадеен раст на есктремната десница“, „политички земјотрес“ се најчестите коментари за изборите за Европскиот парламент. Вестите се фокусирани на порастот на евроскептиците и екстремната десница и влијанието на развојот на ЕУ. Шокантно е дека во Европскиот парламент ќе седи еден пратеник на германските неонацисти (Националдемократската партија – НПД) или, пак, три пратеници на грчката Златна зора. Но дали тоа ќе има влијание и колкаво ќе биде тоа? По стивнувањето на шокот, всушност може да се заклучи дека тој повеќе се однесува на поместувањата во одредени држави отколку на ниво на ЕУ. pomalku-evropaГрупата Европа на слобода и демократија во Европскиот парламент, всушност групата која е против натамошна ЕУ-интеграција (продлабочување на ЕУ), каде што носечки партии се британската Партијата на независноста и италијанската Северна лига, доби 5,06 проценти од гласовите на ЕУ ниво и го зголеми бројот на пратеници од 31 на 38 (од вкупно 751 пратеници). На другата страна, и групата на Обединетата европска левица, каде што најголеми членки се грчката Сириза и германската Лева партија, го зголеми бројот на места од 35 на 42. Изненадувањето веројатно се должи на 64 пратеници (8,52 проценти) на ново избрани пратеници кои не припаѓаат на ниту една политичка (пратеничка) група во претходниот парламент. Тука се германски НПД, грчка Златна Зора и француски Национален фронт, но и други помали партии што не неминовно се екстремно десни. На пример, тука се вклучени и 17 пратеници на италијанскиот М5С – движењето 5 ѕвезди на комичарот Бепе Грило, која е анти-естаблишмент, но не е десница.

Всушност шокот го предизвикаа спектакуларните победи на Националниот фронт во Франција и Партијата на Независноста во Велика Британија, каде што владејачките партии Социјалистичката партија во Франција и Конзервативната партија во Велика Британија, се само третопласирани. Но, од друга страна гласачите ги подржаа реформските влади на  ЦДУ на Ангела Меркел, германската премиерка и  Демократската Партија (ПД) на Матео Ренци, италијанскиот премиер. Оттука е прашање колку изборите за Европскиот парламент се навистина европски, а колку национални избори, колку гласачите одлучуваат за европските, а колку за националните политики. Колку низ критиката на ЕУ се искажува неспособноста на развој на конкурентност во ерата на глобализација? И дали прашањето за влијанието на (екстремната) десница на Европскиот парламент е преувеличено. Повеќето од тие партии се неповрзани, а нивните цели не се кохерентни, а постојните парламентарни групи не ги посакуваат како партнери. И евроскептичната Партијата на независноста не гледа со симпатии на Националниот фронт на Ле пен, поради обвинувањата за екстремизам и анти-семитизам.

Но влијанието на подемот на екстремната десница и популистите ќе е индиректно. Нивниот пораст најмногу е на сметка на загубата на Европската народна партија (демократски христијани) кои претрпеа загуба и освоија помал број пратеници, 213, во споредба со претходните 274. Тоа ќе биде доволен повод народните партии да станат внимателни и може да се очекува забавување на ЕУ-интеграциите.

Политичарите ќе се колебаат да предлагаат нови ЕУ-договори, на пример за зајакнување на евро-зоната, поради стравувањата од отсуство на поддршка во домашната јавност. ЕУ ќе избегнува нови договори кои би можеле да доживеат дебакл во националните парламенти. Слоганот за „повеќе Европа“ најверојатно ќе биде заменет со „помалку Европа“. Ќе се засилат иницијативите за укинување на ЕУ регулативи во одредени подрачја и враќање на одговорноста за нив на национално ниво. Ангела Меркел изјави дека мора да се зголеми конкурентноста и да се создаваат работни места за да се запре популистичкиот раст. Но тука се судруваат ставовите. Заздравувањето на европската економија бара повеќе регулативи, на пример за банките, кои сега политичарите ќе бидат помалку волни да ги воведат. Истото тоа заздравување беше засновано на германската фискална дисциплина, а повеќе работни места ќе бара зголемување на капитални вложувања од буџетите во инфраструктура или зголемување на платите за зголемување на потрошувачката.

Што ќе значи тоа за нас? „Помалку Европа“ најверојатно нема да се однесува само на ЕУ-продлабочување туку и на ЕУ-проширувањето. Во главните анализи за ЕУ во наредните пет години се говори за заедничките политики во енергијата, климатските промени, дигиталните услуги и трговскиот договор со САД, ни збор за ЕУ-проширувањето. Велика Британија, земја што беше еден од најзначајните поддржувачи на ЕУ-проширувањето, понатаму ќе се заплеткува во својата евроскептичност. Јакнењето на антиимиграциските партии ќе го намали апетитот за прием на нови земји-извор на доселеници. Од друга страна, фокусот на работни места, може да го зајакне растот во ЕУ, што поволно ќе влијае на побарувачката и македонската економија. Ако политичката интеграција во ЕУ станува сè понеизвесна потребна е јавна дебата што ќе правиме ние во овој петтогодишен период.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.