Европските избори ја отворија темата на порастот на екстремната десница, како што претходно пишував во „Помалку Европа“. Сликата сè уште не е јасна бидејќи станува збор за партии кои се идеолошки различни, без кохерентни цели. Евроскептичниот блок, Европа на слобода и демократија, предводен од британската Партија на независноста, доби околу 5 отсто од гласовите и го зголеми бројот на пратеници од 31 на 38 (од вкупно 751 пратеници). Пратениците што не се придружени на ниту една пратеничка група, освоија 5,5 отсто и го зголемија бројот на пратеници од 33 на 41. Тука водечка сила е францускиот Национален фронт со 24 пратеници. И блокот на новоизбрани партии, кои за првпат се избрани и се уште се немаат определено дали ќе се придружат на постојните пратенички група освои 8 отсто или 60 пратеници. Тука со 17 пратеници водечки е италијанскиот М5С – движењето 5 ѕвезди на комичарот Бепе Грило. Многу од партиите во оваа група воопшто не се ниту екстремна десница, ниту десница како М5С или германската Еколошка демократска партија ОДП. Најверојатно не може да се говори за повеќе 50-тина пратеници од екстремната десница, но и тука со големи варијации. Прво, групата на евроскептичниот блок Европа на слобода и демократија одбива соработка со францускиот Национален фронт, поради екстремизам и антисемитизам, а овие пак одбиваат соработка со унгарскиот Јобик, поради нивниот екстремизам. Најверојатно како прави неонацисти може да посочат германската Националдемократска партија (НПД), која освои 1 отсто гласови во Германија и доби 1 пратеник, и грчката Златна зора, која освои со 9,4 отсто отсто и доби 3 пратеници.
Порастот на екстремната десница се анализира од многу аспекти, од социо-економски, политички итн. Поглед од еден друг аспект, зошто екстремната десница е повеќе успешна во земјите победнички во Втората светска војна, како Франција и Грција (Затна зора со 9,4%), отколку во Германија (НПД со 1%)? Циниците би рекле дек екстремната десница во Германија е вклучена во главните политички партии и затоа нема голема поддршка на неонацистите. Сепак, покрај различните социо-економски причини, една од причините треба да се бара во процесот на денацификација на Германија. Претходно пишував во „Македонија виновна за војните во бивша СФРЈ“ за двата основни модели на транзициска правда и тоа правда и помирување или Нирнбешки модел и вистина и помирување. За последниот пишував во „Инвиктус“.
Нирнбешкиот модел е именуван според Нирнбершките судења, кои опфаќаат повеќе, воени судски процеси против нацистичките лидери, но и доктори, судии и други кои учествувале во воените злосторства. Во овие судења осудени се повеќе од 200 видни нацисти. Но многу поважен е процесот на денацификација, која е сојузничка иницијатива за ослободување на германското и австриското општество, култура, прес, економија, правосудство и политика од било какви остатоци на националсоцијалистичката идеологија. Дел од денацификацијата е остранувањето на лица поврзани со нацизмот од функции. Членовите на Националсоцијалистичката партија како и другите придружни организации биле класифицирани во пет категории од ослободени и рехабилитирани, преку следбеници до главни виновници. Во американската окупациска зона каде денацификацијата била најтемелно спроведувана околу 3.6 милиони луѓе биле под истрага, од кои околу 1 милион биле судски процесирани и околу 2,5 отсто биле во групата на главни виновници и виновници, а 11,2 отсто помали виновници, и над 50 отсто следбеници. Овие луѓе се соочувале со судски процеси, забрани на вршење на јавни работи итн. На пример во француската окупациска зона биле отпуштени 50 отсто од учителите. Другите форми на денацификација вклучувале цензура, односно забрана на над 30.000 книги, публикации, како и отстранување на свастиката од севкупниот јавен простор. Секако соочени со ризикот од целосен колапс на институциите и економијата, острицата на денацификацијата со текот на времето отапела и е оставена на страна поради опасноста на комунизмот. Во 1965 година ДДР објавува кафеава книга која содржи податоци за 1.800 нацисти во властите во Западна Германија вклучувајќи 15 министри и 100 генерали и адмирали. Но и покрај тешкотиите во справувањето со денацификацијата, поради чувството на колективна одговорност за минатото, во Германија е изградена јавна свест која е постојано будна во борбата против неонацизмот. Така во последните години беа објавени стории за нацистичкото минато на Ханс Дитрих Геншер, поранешниот германски министер за надворешни работи или пак за нациробовската работа во тогашниот „Ауди“.
Денацификацијата подоцна послужи како модел за лустрацијата – справување со комунистичката идеологија и дебаатизацијата – справување со БААС-партијата во Ирак.
Враќајќи се на подемот на екстремната десница, вредно за спомнување е дека денацификацијата е најблаго спроведена во француската окупациска зона бидејќи во француската армија биле вклучени офицери од Вишиевска Франција, сојузничка на нацистите. Исто така процесот на отстранување на нацистичките квислинзи во Грција бил брзо запрен поради Граѓанската војна во Грција. Дали подемот на екстремната десница во овие земји е поврзан со отсуството на денацификација?