Измислување русофилство

izmisluvane-rusofilstvo-1Во постизборниот период на панели, трибини, во написи, во различни форми, но со слична суштина, повторно се промовираа тези дека во Македонија постои поделеност околу стратегиската ориентација на земјата. Сумираниот наратив се движи од наводен судир во ВМРО-ДПМНЕ на американско крило и руско крило, до тоа дека во Владата учествуваа една партија што има евроатлантска ориентација и друга партија што има „азиска“ ориентација, а тој судир се одразува во намалување на јавната поддршка на евроатлантските интеграции.

Вакви или слични тези веќе ги коментирав во новогодишниот коментар „Македонија не е Украина“, и во интервјуто за „Република“ – „Македонија нема ниту да се украинизира, ниту да се османизира“. Но добро е да се повторат одредени работи.

Македонија има основен општествен договор за својата евроатлантска интеграција. Таа евроатлантска ориентација е заснована на длабоките политички, економски и културни  врски на Македонија со земјите на ЕУ и НАТО. Македонија е членка или кандидат во сите западни или европски институции, од Совет на Европа до Меѓународната организација на франкофонијата, каде Македонија е една од дванаесетте членки од Европа. Германија е водечки трговски партнер на Македонија, со ЕУ28 се остварува околу 70 отсто од трговската размена, додека Русија е на 12-то место на трговски партнери со скромни 1,9 отсто од трговската размена. Или, пак да ги погледнеме податоците за изучување на странски јазици во редовното основно образование како izmisluvane-rusofilstvo-2показател на културните врски: во 2011/12 година 198.856 ученици изучувале англиски јазик како прв јазик наспроти 81 ученик кои изучувале руски јазик како прв јазик, односно 98,7 отсто од учениците изучуваат англиски јазик како прв јазик. Од вкупниот број ученици кои изучуваат странски јазик, вклучувајќи и прв и втор јазик, 68,5 отсто изучуваат англиски јазик, 16,8 отсто француски јазик, 13,7 отсто германски јазик, и по 0,5 отсто руски и италијански јазик.

Основниот општествен договор за евроатлантската ориентација е одразен и во јавното мислење. Во 2013 година 50 отсто од граѓаните мислеле дека ЕУ е добро нешто за Македонија, наспроти 18 отсто кои сметаат дека е лошо и 28 отсто ниту добро ниту лошо. Застапниците на тезата дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја одалечуваат Македонија од ЕУ тоа го поткрепуваат со падот на процентот на граѓани кои сметаат дека ЕУ е добро нешто за Македонија од околу 76 отсто во 2006/7 година на 50 отсто во 2013 година. Но притоа се премолчуваат сите други информации дека Македонија е цврсто на евроатлантската ориентација. Во 2010 година кога 60 отсто од граѓаните на Македонија сметале дека ЕУ е добро нешто за Македонија, околу 82% би гласале „за“ на референдум за членство во ЕУ. И со 50 отсто граѓани кои сметаат дека ЕУ е добро нешто, Македонија е водечка меѓу земјите кандидатки за ЕУ. Во Црна Гора тој процент изнесува 44 отсто, со пад од 11 отсто за шест месеци, во Турција 38 отсто и во Србија 36 отсто. Во периодот 2006 – 2013 година во ЕУ-земјите, довербата во Европската комисија е намалена од 47 отсто на 35 отсто. Во 2013 година 50 отсто од Британците сметаат дека имаат подобра иднина надвор од ЕУ. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се виновни и за падот на поддршката за ЕУ во Црна Гора и Велика Британија или пак за падот на довербата во Европската комисија?

И на крај во едно истражување од 2011 година за стратегиската ориентација 97 отсто Македонци се изјасниле за ЕУ и НАТО, 3 отсто за стратегиско партнерство со САД, Турција и Израел, во тој период на изборите во 2011 година ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го понуди како замена за НАТО, и по нула отсто за стратегиско партнерство со Русија или Кина.

Соочени со неoспорноста дека Македонија има основен општествен договор за својата евроатлантска интеграција, последното упориште е дека, да, тоа е неспорно, во Македонија нема стратегиска алтернатива, но Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, ја држат Македонија надвор од ЕУ и НАТО, не поради барање стратегиска алтернатива, туку да го штитат и колку можат продолжат својот авторитарен режим. Во исто време сите се свесни дека ниту ЕУ ниту НАТО не се гаранти ниту на кохезијата, ниту на демократијата, на пример во Турција или Унгарија, ниту на економскиот просперитет на земјите-членки.

И на крај, за американското и руското крило во ВМРО-ДПМНЕ. Клучни членови на владиниот тим на Никола Груевски, како Јанкуловска, Ставрески, Пешевски, Никола Поповски и други, се образовани на Запад или работеле за западни организации. Тој тим сега е зајакнат со Зоран Јолевски, како министер за одбрана, со докажана евроатлантска ориентација. Кое е руското крило? Го има ли воопшто? Наместо да се измислува русофилство, да се фокусираме на тоа што треба да го направиме во решавањето на предизвиците што ги имаме.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.