Претходниот четврток во „Не зависи само од Македонија, но зависи и од Македонија“, повторно се навратив на новиот фокус на ЕУ и НАТО на Балканот и Македонија, засилен и со балканската иницијатива на Германија и Ангела Меркел. Доделувањето на кандидатски статус на Албанија е вистински потег на ЕУ за враќање на кредибилитетот на ЕУ-интеграциите. Во однос на што Македонија треба да направи може да се анализира во потесна смисла, на спорот за името и во поширока смисла, во што клучни се добрососедството, за што пишував претходно, и политичкиот дијалог.
Политичкиот дијалог, започнат од лидерите Никола Груевски и Зоран Заев, заврши со неуспешна прва средба, што не е неочекуван епилог, пред сè поради големите разлики во ставовите на двете страни, како и изградениот мачо-амбиент на непопустливост.
Разликите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во погледот на изборите се толку големи, што беше јасно дека нема да бидат надминати или да бележат прогрес уште на првата средба. ВМРО-ДПМНЕ е самозадоволен дека изборниот процес е добар, на пример тоа подрачје е најдобро оценетото подрачје од страна на „Фридом хаус“, и обезбедува минимум во еднаков терен за натпревар. СДСМ одбегнува поглед навнатре, на отсуството на алтернативи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и отсуство на кадровски алтернативи, и целата вина за изборните порази ја лоцира надвор од себе. Креаторите на опозициското мислење создадоа став меѓу поддржувачите на опозицијата дека СДСМ не може да го победи на избори ВМРО-ДПМНЕ и дека единствениот пат СДСМ да дојде на власт е техничка влада.
И барањето за техничка влада на СДСМ е како барањето за консензуален претседател на ДУИ – сите зборуваат за тоа, а никој не знае што точно е барањето. Почетното барање на СДСМ е техничка влада. Во потесното разбирање тоа е влада на експерти кои би организирале нови предвремени избори. Но никој од СДСМ не објаснува дали техничката влада ќе ги организира редовните парламентарни избори во 2018 година или пак ќе се организираат предвремени избори, веднаш или по некој период. Потоа срамежливо се кажува дека тоа е Влада во која СДСМ би имал пет-шест министри. Во тој случај тоа не е техничка експертска влада, тоа е политичка влада. За техничка експертска влада, само да потсетам на тешкотиите на формирањето на Комисијата за 24 декември, бидејќи прво ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можеа да се договорат за независноста на експертите, а потоа дел од експертите не прифаќаа да ја водат комисијата.
И така ова идеја за техничка влада се трансформира во идеја за голема коалиција која треба да создаде рамка за решавање на спорот за името, а потоа да организира нови парламентарни избори. И секако да тие избори бидат по мерка на СДСМ, министрите за внатрешни работи и за финансии треба да бидат нивни ресори.
Легитимно е СДСМ, во своето чувство на немоќност, да ја употреби својата моќ, односно неопходноста за нивна поддршка за решавање на спорот за името. Тоа како аргумент за првпат го спомна Црвенковски, пред склучувањето на мартовскиот договор во 2013 година, а сега јасно станува главен адут на СДСМ во политичкиот дијалог.
Се надевам на СДСМ му е јасно бојкотот на парламентот не може да доведе до контекст за голема коалиција. За контекст за голема коалиција, треба многу подлабока политичка криза или безбедносна криза. СДСМ таа подлабока политичка криза може да ја направи само со повлекување од сите државни институции на национално и локално ниво, од ДИК до градоначалници и советници во општини. Тоа е радикално сценарио, кое нема да добие поддршка ни во самиот СДСМ.
И покрај неуспехот на првата средба, јасно е дека внатрешните и надворешните чинители кои го поддржуваат политичкиот дијалог се силни. Тоа не значи дека договор ќе се постигне брзо и лесно, но дека постои доволен поттик кај двете страни низ дијалог да бараат решение. СДСМ треба да биде свесен дека притисокот на нивна страна е поголем и тој ќе зајакнува. Не станува збор само за надворешниот, притисокот од меѓународната заедница, која бара враќање на СДСМ во парламентот, туку и на внатрешниот, домашен притисок. Прво, анкетата на ИРИ укажува на намалувањето на рејтингот на СДСМ, што можеби е поради пад на моралот по изборниот пораз, но може да е показател за неодобрување на постапките на СДСМ од страна на граѓаните. Второ, со тоа што два пратеника од првата постава на СДСМ ги прифатија пратеничките мандати, се јавуваат пукнатини на бојкотот кои сигурно ќе се зголемат кога пратеничките мандати ќе бидат понудени на втората, третата и четвртата постава на кандидати на СДСМ.
Од друга страна, во претходниот политички дијалог што резултира со мартовскиот договор, неповолно влијаеше негативната реторика на клучните чинители, на пример изјавата за „тоалетната хартија“ и добро би било изјавите од двете страни да бидат поконструктивни за да се создаде амбиент за договор. ВМРО-ДПМНЕ мора да ги земе предвид забелешките од Љубомир Фрчковски за „правната и политичката закана“ на политичкиот дијалог. Премиерот Никола Груевски, треба да се откаже од судскиот спор против Зоран Заев или доколку не се откажува мора барањето на правда да го сведе на нематеријална сатисфакција или оштетно барање од едно евро.
Граѓаните се заситени од поларизација и ќе ја наградат страната која ќе покаже конструктивност во политичкиот дијалог.