Пописот како поле на партиски натпревар [1]

Пописот, односно неговото спроведување, е дел од петте теми за кои СДСМ бара да бидат опфатени во политичкиот дијалог, за кои коментирав во двата претходни четвртоци.

Пописот, историски настанат како потреба за забележување на мажи способни за војска или пак забележување за даночни потреби, денес е процедура за системско собирање и чување на информации за популацијата. Иако процената на (бројноста на) популацијата останува важна функција на пописите, со пописот се собираат многу информации потребни за општествено-економско планирање, како и за меѓународни споредби. Пописот влијае и на подрачја кои вообичаено не се земаат во предвид, на пример во одредувањето на примерокот за анкетите на јавното мислење. Но некои проопозициски коментари му даваа магични димензии на пописот, на пример го поврзуваа пописот и со потреба на информации на бројот ученици, нешто за што има годишен регистар.

Инаку за разгледување на можните опции треба да се наведе дека покрај традиционалниот начин на спроведување на попис со пребројување, постојат и „виртуелни“ пописи со употреба на постојните регистри или пак комбинирани со употреба на регистри и пребројување и/или анкети. Виртуелните пописи, односно пописи засновани на регистри, ги воведуваат Холандија и Данска, главно поради дилеми за заштита на приватноста при традиционалните пописи, а во регионот прв попис заснован на регистри спроведува Словенија. Во Холандија не се објавуваат процени за населението, туку има  бројач на популацијата кој го покажува бројот на жители во секој момент. Во една изјава за пописот премиерот Никола Груевски најави набавка на софтвери за пописот, што укажува на тоа дека Владата размислува за попис заснован на регистри или пак на комбиниран попис.

Пописот како процес на утврдување на бројност е посебен предизвик во мултикултурен контекст. Во позитивен контекст Советот на Европа препорачува вклучување на прашања за етничката и други определености, поради потребата за информации за политики против дискриминацијата и за следење на еднаквите можности. На пример прашање за етничка припадност во Англија и Велс е за првпат воведено во 1991 година, точно за следење на еднаквите можности. Но тоа што се смета за етничка припадност кај нив, кај нас повеќе би се подразбирало како расна припадност. Дури во пописот од 2011 година се поставуваат прашања за национален идентитет исклучиво заснован на само-идентификација и кој дозволува англиски, велшки, шкотски, северно ирски и британски идентитет.

popisot-kako-pole-na-partiski-natprevarВо Македонија, поради мултикултурниот контекст, сите пописи претставувале проблем. Во 1991 година, пописот беше бојкотиран од етничките Албанци, што доведе до повторен попис во 1994 година. Во тој од 1994 година Македонија, според разни пропаганди, требаше да има 3-4 милиони жители, од кои според Бугарија најмалку половина беа Бугари, следни 800.000 беа етнички Албанци, а Грција тврдеше дека има 300-400.000 Грци, колку што и Србија тврдеше дека има Срби. Пописот во конфликтната 2001 година беше одложен за 2002 година, а со неговото вклучување како дел од Охридскиот рамковен договор, пописот и службено стана и политичка агенда, а на само статистичка операција. Со таква историја на пописи во Македонија, зачудува дека е изненадување неуспехот на пописот од 2011 година. Со уставните одредби со кои одредени права се поврзани со одредена бројност од 20 отсто или 50 отсто, пописот стана игра на добитници и губитници, стана невозможна мисија. Од една страна некои подгреваа ставови дека етнички Албанци има помалку не од 25 отсто, туку од 20 отсто, што нив би ги довело во ситуација на загуба на стекнатите права. Од друга страна други подгреваа дека истата група е многу побројна од претходниот попис,  потхранувајќи чувство на загрозеност на другите.

За да имаме попис, потребно е да се избегне играта на добитници и губитници. Тоа може да се постигне преку употреба на непристрасен модел – попис заснован на регистри, кон што најверојатно се стреми премиерот Груевски. Но постојат и други решенија. Можеме да одлучиме да не се попишува етничка и верска припадност, или доколку такви податоци се собираат да не се објавуваат. Правата на етничките заедници покрај бројноста би се засновале на историски права, еднаш стекнатите права да не можат да се укинат или изгубат поради намалување на бројноста. Правичната застапеност на етничките заедници би се засновала на податоците од пописот од 2002 година.

И Еуростат не објавува податоци за етничка припадност или религија, пред се поради тоа што националните законодавства и практики во многу земји членки на ЕУ не дозволуваат собирање и дисеминација на информации за етничка припадност или религија во статистика. Дополнително, според Еуростат, етничка припадност е компликувано прашање, и дури кога статистиките се собрани, може да биде погрешно да се споредуваат податоците.

ПРОДОЛЖУВА

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.