Мојот прекрасен Охрид! [2]

Во коментарот кој претходеше на овој, поттикнат од расправата за (не)успешноста на туристичката сезона во Охрид, коментирав дека Охрид е неоспорно најврвната туристичка дестинација во Македонија, и не само во тука туку и на Балканот, а од друга страна Охрид, како и Македонија, е соочен со трендот на намалување на домашните туристи и раст на странските туристи. Порастот на странските туристи најверојатно се должи на владините мерки за подобрување на авиотранспортот и на субвенциите за странски туристи. Во недостаток на истражувања и анкети за причините за намалување на домашните, мојата претпоставка тоа е поради сегментацијата на интересот на туристи од Македонија.

mojot-prekrasen-ohrid-2Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи?

Владините субвенции за странски туристи, можат да бидат дел само од стратегија на најниска цена и привлекување на гости на пониско ниво. Ваквата стратегија може да функционира само на средни патеки, повеќе како мерка за преживување, отколку како мерка за развој. Охрид како своја предност го има културното наследство и националниот парк.  Плажите на скоро 700 метри надморска височина можат да бидат дополнување на тоа што е предност на Охрид, а не основна понуда. Охрид не може да биде  конкурентен на масовниот олинклузив-туризам на Турција или Бугарија, или на апартманскиот туризам на Грција. И градбата на станови за повремени жители не би требало да биде пристапот за развој на туризмот во Охрид поради деградација на природата и ограниченото влијание на туристичките приходи.

Доколку Охрид не сака или не може да биде конкурентен во масовниот туризам, или пак во повремените жители, во која насока треба да се работи? Може да се размислува за два можни стратешки пристапа: лесна пристапност и  врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи. И двата пристапи имаат предност бидејќи не се засноваат на најниска цена, но бараат сеопфатен пристап.

Лесна пристапност на Охрид е опција за туристи кои сакаат кратки и динамични одмори. Овие туристи вообичаено не се водат од цената туку од понудата. За нив потребни се инфраструктурни зафати и настани, многу различни настани за различна публика.

Во очекување на евтини летови од Охридскиот аеродром, кој би требало да донесе повеќе туристи од поголема оддалеченост, нашиот поглед треба да биде насочен кон соседите. Покрај Битола и Скопје кои се на 1-2 часа возење, повеќе милионски градови се на кратко растојание од Охрид: Тирана е на 136 км или 2-3 часа возење, Солун е на 283 км или 3-4 часа возење, Софија е на 407 км или 6 часа возење, Белград е на 617 км или 7 часа возење, Приштина е на 250 км или 3 и половина часа возење итн. Лесната пристапност не значи само изградба на автопатиштата Скопје – Охрид, Охрид – Албанија и Охрид – Битола, за што ќе бидат потребни десетина и повеќе години, туку и грижа и сега. Ако на толку кратки растојанија има толку патарини, чуми ни се автопатиштата? На Ниш-Белград има две патарини, а на Скопје – Охрид, кога еднаш ќе биде изграден автопатот, по сегашната логика, ќе има осум патарини!? Доколку Јавното претпријатие  за државни патишта не разбере дека не е решение осовременување на наплатните пунктови, туку нивно намалување или заменување со вињети, џабе сите вложувања во автопатишта. Исто така недозволиво е, како во оваа сезона  градежните работи на две свлечишта на патот Кичево – Охрид, да се одвиваат со толку спора динамика, без навремена регулација од полицијата во пиковите на сообраќајот. Како еден турист да се охрабри на краток одмор во Охрид, ако му се случува место за 2 часа, да му требаат 3-4 часа за релацијата Охрид – Скопје? Дополнително, во самиот град треба да се олесни сообраќајот и мора час поскоро да се обезбеди повеќе паркинг-простор, вклучувајќи подземни или катни гаражи.

И на крај потребни се настани, многу различни настани за различна публика, поврзани со тоа што е предност на Охрид – културното наследство. Настани како Водици или Велигден. Досегашното искуство со одбележувањето на Водици потврдува дека организацијата на такви настани е добра за туризмот. Употребата на античкиот театар како отворена сцена е добар пример на употреба на културното наследство. Не е потребно „Охридско лето“ кое трае од 12 јули до 20 август, кога во Охрид секако има гости, туку Охрид мора да има целогодишна програма. Центарот за културата „Григор Прличев“ мора да биде заменет со нов мултифункционален објект за културни настани. И евентуално на подолги патеки е потребна повеќенаменска сала за спорт и култура поголема од сегашната, најдобро во Струга, која може да биде место за поголеми културни настани во затворен простор. И на Охрид не му требаат концерти на Цеца, туку атрактивни концерти што не се достапни во регионот. И сето тоа треба добро да биде претставено регионално во Тирана, Софија, Ниш, Белград, Солун, Приштина.

Јасно е дека Охрид не ќе може сам да ги обезбеди потребните вложувања. Тука не говорам за автопатиштата, кои секако се во надлежност на Владата. Ќе биде потребна владина поддршка и за градската сообраќајна инфраструктура и за изградба на подземни или катни гаражи. Ќе биде потребна и поддршка од Министерството за култура за изградба на нов културен центар „Григор Прличев“, како и поголема финансиска поддршка за целогодишна и квалитетна културна програма. Потребно е да се поттикнат спонзорите или градот и државата, да поддржат атрактивни концерти.

[продолжува]

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.