Мојот прекрасен Охрид!

Само што започна летово, започнаа и летните расправии за успешноста на туристичката сезона во Охрид. Наводно туристичката сезона била пропадната, хотелите и сместувачките капацитети биле празни, и градските власти планирале мерки за спас на сезоната. Пишувам наводно, бидејќи успешноста може да се мери само доколку постојат јасни очекувања и планови (број на гости и ноќевања) и јасни извештаи, а не ми е познато да постојат јасни очекувања. Секако самото спомнување неуспешна туристичка сезона предизвика голем број на коментари, секако најголем дел засновани на ривалитетот на Охрид и Скопје. Критичките гласови беа за високи цени и неуслужливоста во Охрид. Секако, на таа тема сите сме експерти и сите имаме свои ставови, а моето лично искуство е дека Охрид не е поскап од Скопје или други споредбени туристички дестинации, а за услужливоста имам и добри и лоши лични искуства, како во повеќето дестинации каде што сум патувал. Но точно расправата за цените покажува колку спротивни очекувања имаме за туристичката стратегија на Охрид, каква стратегија сакаме,  масовен, културен, врвен или каков туризам ќе се развива?

Една дигресија, ми се чини дека од исти извори  на новите медиуми се критикуваат  и цените во Охрид и ниските плати во странските фирми во економските зони. Истовремено тие извори не го поставуваат прашањето дали пониски туристички цени во Охрид ќе значат и пониски плати за вработените во туризмот? И додека сите знаеме колку се платени работниците во странските фирми, дали знаеме колку се платени тие во туристичкиот сектор? Дали знаеме дека просечната плата на работниците во угостителството е околу 13.000 македонски денари, и тоа за работа која вклучува работа во смени, ноќна работа и работа во викенди и за празници.

mojot-prekrasen-ohrid-2Ќе споделам мои согледувања за туристичката стратегија на Охрид, иако оваа сезона можеби главниот проблем е виша сила – силното невреме цело лето не само во Охрид и Македонија, туку и во поширокиот регион. Кога е толку лошо времето не само во туристичките места, туку и во местата главни извори на туристи, како Скопје или нашите соседи Србија и Бугарија, за очекување е  дека ќе има и намален број на туристи.

Лично за мене Охрид (Охридско езеро) е мојот прекрасен Охрид. Од Канео, Св. Наум и Калишта, Галичица и рибарските Трпејца и Радожда, преку бисерно чистата вода во Лагадин, Пештани и Градиште, гордото Вевчани, до Јабланица, Црн Дрим и Варош, и уште многу други места, се местата каде се чувствувам убаво. И не е само за мене прекрасен, Охрид е неоспорно најврвната туристичка дестинација во Македонија, според многу релевантни извори од Нешнл џиографик до Лонли планет.

Од друга страна, Македонија се соочува со тренд на намалување на домашните туристи и раст на странските туристи. И овој тренд најверојатно ќе продолжи во следните години. Растот на странските туристи најверојатно се должи на владините мерки за подобрување на авиотранспортот и на субвенциите за странски туристи. Во недостаток на истражувања и анкети за причините за намалување на домашните туристи мојата претпоставка е сегментацијата на интересот на домашните туристи, односно сè повеќе наши граѓани кои можат да си дозволат одмор ќе имаат различни – сегментирани интереси за патувања во странство.

Тогаш која стратегија понатаму?

Владините субвенции за странски туристи, можат да бидат дел само од стратегија на најниска цена и привлекување на посиромашни нивоа на туристи. Ваквата стратегија може да функционира само на средни патеки, повеќе како мерка за преживување отколку како мерка за развој, затоа што мора да се прашаме дали сакаме македонската најврвна туристичка дестинација да развива стратегија за пониско ниво на туристи и дали со таквата стратегија воопшто може да бидеме конкурентни на масовниот ол инклузив туризам на Турција или Бугарија, или на апартманскиот туризам на Грција.

Од друга страна, додека во Охрид е реткост изградба на нов хотел, градбата на станови е видлива. Таквата стратегија е подобна за привлекување на повремени жители, најчесто на двата возрасни екстрема: млади, средношколци и студенти и пензионери. И додека таа стратегија е добра за градежниот сектор, не мора да е добра за туризмот. Изградбата на станови, посебно масовната, може да е деградирачка за природата и пејзажот. Од друга страна, ваквите повремени жители имаат ограничено влијание на туристичките приходи.

Доколку Охрид не сака или не може да биде конкурентен во масовниот туризам, или пак во повремените жители, во која насока треба да се работи? Може да се размислува за два можни стратешки пристапи: лесна пристапност и  врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи. И двата пристапи имаат предност бидејќи не се засноваат на најниска цена, но бараат сеопфатен пристап.

[продолжува]

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.