Барајќи соодветен наслов за мојот коментар, се сетив на патардии, стар ретко употребуван збор со значење – врева, бркотница… Октомвриски патардии е добар опис на состојбата пред објавувањето на Прогрес-извештајот на ЕУ, или како што службено се нарекува Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Патардии од изјави на политички лидери, медиуми, политички коментатори и аналитичари, од добро информирани диполоматски извори, прес-служби на Европската комисија…
Прогрес- извештајот во македонското општество доби статус на матура во животот на пубертетлии, стана ритуал на премин. Сите засегнати страни секоја година во октомври се во исчекување – дали напредувавме изминатиот период, дали нашата транзиција ќе влезе во завршница, дали ќе бидеме прифатени како полноправна членка на ЕУ-семејството. Но претераното значење што му се дава на Прогрес-извештајот, како и изјави од типот „за наредните чекори ќе се консултираме со меѓународната заедница“ или пак „така сакаат граѓаните и странците“, укажуваат на една општествена незрелост, општествена неподготвеност за независност, не како конечна цел, туку како чекор кон следниот премин во меѓузависност. Но за ова општествена состојба во која Брисел се доживува како нов Белград, во посебна прилика.
Една од одликите на општествена незрелост е недоволниот дијалог – општествен, социјален, граѓански, политички. Иако во фокусот на јавноста е политичкиот дијалог, неопходно е да се повторува дека отсуството на дијалог е подлабок општествен проблем и отсуството на политички дијалог е само врвот на санта мраз. Местото за политички дијалог е Собранието на Македонија. Подолг период Собранието – институцискиот дом на политичкиот дијалог беше заменуван со „средби на четворката“ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, а како општествените предизвици преминаа од полето на меѓуетничките односи, во полето на внатреетничките односи тие средби беа заменети со средби на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Често прашуван за политичката криза, одговорам која политичка криза. Кај нас почести од редовна работа на Собранието ќе станат периодите во кои некоја партија го бојкотира Собранието – бојкотот на Собранието станува „нормалност“. Всушност, бојкотот на Собранието како да стана алатка за обезбедување на комуникација на ривалските политички лидери, комуникација која би требало да биде рутинска и постојана.
Последната од низата на бојкоти на Собранието, бојкотот на СДСМ се чини влегува во фаза на разрешница, за која се надевам ќе биде конструктивна. Централна тема е бојкотот на Собранието, поврзано со главното барање на СДСМ за техничка влада и како отсуството на политички дијалог ќе се одрази на тоа како на нас гледа ЕУ. Се изјасни власта, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, избори, парламентарни, нема да има пред 2018 година. СДСМ исто така се изјасни – нема дијалог без разговор за техничка влада. Медиумските шпекулации од дипломатски извори се множат. Така во период од 24 часа, медиуми што се шпекулира дека се сопственички поврзани, објавуваат две спротивни вести. Првата, дека во Прогрес-извештајот ќе се задржи препораката за преговори, што се толкува како олеснување на власта. Втората, дека во Прогрес-извештајот ќе отпадне препораката за преговори, за што е виновна опозицијата.
Барањето на СДСМ за техничка влада е неодржливо, пред сè поради, чекорите на самиот СДСМ. Прво, Зоран Заев, лидерот на СДСМ, на пладне на 13 април, на своето гласачко место, на изборниот ден од првиот круг на претседателските избори, даде изјава за изборите да продолжат да бидат фер и демократски. Со таа изјава Заев легитимираше дека предизборниот период бил фер, што по 27 април, беше клучниот аргумент за оспорување на изборите. Второ, ДИК, предводен од својот претседател Никола Рилковски, кандидиран од СДСМ, ги легитимизираше изборите. Трето, доколку нерамноправниот терен, изразен преку нераздвојување на партијата од државата и застапеноста во медиумите е главна причина за оспорување, СДСМ требаше да ги бојкотира изборите, а не Собранието. И на крај, четврто, СДСМ, не се потруди да издаде книга со која ќе ги докаже обвинувањата за изборни нерегуларности.
Од друга страна неодржлив е ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се распишат дополнителни избори за местата во Собранието кое СДСМ не ги пополнува. И изборните резултати и сите релевантни анкети покажуваат дека СДСМ е главна опозициска партија. Собрание во која ќе ја нема главната опозициска партија е возможна состојба, таа состојба ќе биде легална, но не и легитимна.
Колку и да сметаат политичките лидери дека заселената политичка мачо реторика е значајна за нивните рејтинзи и меѓу граѓаните и меѓу сопствените партиски членови, убеден сум дека мнозинството граѓани поддржуваат и очекуваат политички дијалог. И политичкиот дијалог треба да се оствари не поради прогрес-извештајот, туку поради општествениот напредок кои сите ние го очекуваме.