Екстерно за власта

Пред десет-петнаесет години, Владата, односно Собранието, реши да ја укине можноста за ослободување од царина и данок на возила донирани од странство на здруженија и институции, поради наводни злоупотреби. Тогаш аргументирав со претставници на власта дека не е дозволиво за индивидуални престапи да се воведуваат колективни казни. Односно за злоупотреби од поединци да се укинат права за сите, посебно кога правата во тој случај ги одобруваа претставници на Министерството за труд и социјална политика и Царинската управа. Набргу се појавија несаканите ефекти на таа одлука – подарени противпожарни возила и возила за брза помош не можеа да бидат примени, бидејќи немаше кој да ги плати царините и даноците.

eksterno-za-vlastaСличен е наративот и во сегашните настани поврзани со идејата за дополнителна проверка на знаењата на студентите на универзитетите во Македонија. Дополнителна проверка на знаењата го употребувам како синоним на надворешната евалуација, екстерно или државен испит. Повеќето граѓани, ако не и сите, се согласуваме дека оценувањето во македонскиот образовен систем, вклучувајќи го и високото образование е обезвреднето под влијание на непотизми, фејворизми или, пак, сива пазарна логика. Дотука, повеќето би се согласиле со премиерот Никола Груевски. Доколку се согласуваме со тоа, за да постигнеме согласност за како да се поправи таа состојба мора да ги анализираме причините за тоа. Исто така веројатно може да се согласиме дека не сите високо образовни институции даваат и не сите студенти имаат незаслужени оценки. Соодветно мерките за подобрување на оценувањето не смеат да бидат колективна казна за сите установи и студенти, тие мора да бидат насочени.

Е, сега, навлегувањето во причините за обезвреднување на оценувањето бара посериозни истражувања, анкети, дебати. Само така со градење на согласност за проблемите, ќе бидат подржани  и мерките за подобрување. Само една илустрација зошто е потребна поголема сериозност. Во истражувањата на јавното на мислење за доверба во институциите на МЦМС образовните институции со 74,3 отсто доверба во 2013 година, се институции со највисока доверба во земјата, три пати повисока доверба од таа во политичките партии и два пати повисока од таа во медиумите. Слично е и со наставниците и професорите, кои имаат највисока доверба од сите професии. Ваквите јавни перцепции отвораат повеќе хипотези: дали е точно дека системот на оценување е обезвреднет, ако граѓаните имаат толку висока доверба; дали повеќето образовни институции имаат квалитет кој ја прави така висока довербата. Или, пак, е како во народната „јас тебе војводо, ти мене сердаре“, нашите деца се одлични и со десетки, а ние со висока доверба.

Инаку, овие дилеми не само наши. На новите медиуми, вирален стана  блогот на Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац „Новите универзитети на Балконот: Европски визии, УФО и Мегатрендови“, попознат како Биберовата Топ 10: Листа на бизарни балкански универзитети. За наша среќа, ако може така да се изразам, на листата има само еден универзитет од Македонија.

Постоењето на такви бизарни универзитети може да е една од причините за обезвреднување на оценувањето во високото образование. Причина  е можеби дека во земјава има универзитети што најверојатно ги немаат сите потребни документи за работа (акредитација, почеток на работа, впис во регистар на високообразовни институции). Според мои сознанија во земјава има 10 приватни универзитети, од кои неколку наводно ги немаат сите потребни документи за работа. А и доколку формално ги имаат дали ги исполнуваат со закон утврдените стандарди? И не само приватните, туку и големиот број на државни универзитети и факултети, особено дисперзираните студииМинистерството за образование и наука има законска надлежност за контрола на работата и може да ја информира јавноста кои се наодите од извршените инспекции. Како што по секоја акција на УЈП, ДПИ и полицијата дознаваме колку барови се затворени поради илегални танчерки, а колку поради пушење или неиздавање на фискални. Бидејќи, како што го започнав коментарот, доколку има универзитети или факултети кои не исполнуваат услови за работа, што може да води кон обезвреднување на оценувањето, тоа е работа на санкционирање на тие установи, а не на воведување на колективна казна за сите.

На кратко и за идејата за државен испит. Државен испит постои во Македонија, но не како проверка на оценките, туку како услов за стекнување на лиценца за работа за професиите кои се коморски организирани. Докторите по медицина и стоматологија полагаат стручен испит, познат како државен испит, за да се стекнат лиценци за работа, правниците полагаат правосуден испит за да се стекнат со лиценца за адвокат, или нотарски испит за да бидат нотари итн.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ како влада на десниот центар можеби треба да бараат други решенија од тие што во моментот се расправаат. Прво и пред сè треба да обезбедат владеење на правото, треба да обезбедат дека сите високообразовни институции работат согласно со законот и утврдените стандарди на работа, а стандардите со време треба да стануваат повисоки. Понатаму треба да остават пазарот да го направи своето. Пред неколку години почна рангирањето на македонските универзитети што може да биде ориентација за квалитетот на студиите. Некои универзитети се подобро рангирани, некои полошо. Со достапни информации за рејтингот на студиите секој студент мора да има слобода да избере каде сака да студира. Секако и да ги носи последиците на својот избор, дека има подобри шанси за подобро образование и вработување ако избере подобро рангиран универзитет и обратно, дека ќе се стекне со помалку добро образование и помалку вредна диплома ако избере полошо рангиран универзитет. А пазарот веќе работи. Јавна тајна е дека големи институции вработуваат дипломци само од одредени универзитети, односно имаат политика да невработуваат дипломци од некои други универзитети.

И сосема на крај. Повеќе пати изјавувам дека секој има право на протести и контрапротести, како што имаме право на идеја и на контра-идеја, сè додека се ненасилни. Колку што е важно кој е организаторот, уште поважно е која е пораката, кои се аргументите. Конкретно, за студентските протести, помалку е важно дали ги организирала опозицијата, туку што е пораката, што се аргументите. И власта мора да има екстерно, без разлика дали е непартиско или партиско.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.