Името – аврио, метаврио

Во Грција, при моите престои во младоста, меѓу другите работи, ја запознав изреката „αύριο, μεθαύριο“ (аврио, метаврио), или утре, задутре. Кратка изрека, која го одразува духот на бавниот медитерански живот, која упатува на спокој, трпение. На негативната страна упатува на нерешавање или незавршување на работите. Доколку во нациите со висока работна етика велат што можеш денес да завршиш, не оставај за утре, ова изрека може да упати на што можеш да оставиш за утре, немој да го сработуваш денес.

Точно на тоа помислив кога ги прочитав медиумските извештаи за коментар на Венизелос, министер за надворешни работи на Грција и претседател на партијата ПАСОК, помлад партнер во Владата на премиерот Самарас, од Нова Демократија. Венизелос пишува дека Грција не смее да дозволи поради економските проблеми да трпи притисок во однос на националните надворешнополитички приоритети, како прашањето на Кипар, грчко-турските односи и секако спорот за името со Македонија. Тоа што всушност го вели Венизелос дека Владата, поточно Нова Демократија и ПАСОК, ја употребуваат и понатаму ќе ја употребуваат економската криза да ги заплашуваат своите сојузници во НАТО и ЕУ и со тоа да го одбегнат решавањето и на кипарското прашање и на спорот за името.

Зошто Нова Демократија и ПАСОК сакаат одбегнување на решението на спорот за името? Решение на спорот за името најверојатно ќе доведе паѓање на Владата и вонредни избори кои најверојатно ќе бидат крај за ПАСОК, а Нова Демократија ќе ја испратат во опозиција. Самарас тоа одлично го знае, бидејќи точно тој со ескалација на спорот за името, основањето на сопствената партија Политичка пролет со отцепување од Нова Демократија доведе до пад на Владата на Константин Мицотакис на 13 октомври 1993 година.

imeto-avrio-metavrio

 

Според објавени анкети во Грција околу 80 отсто од Грците се противат на решение за спорот за името кое ќе го содржи зборот Македонија. Во парламентот на Грција има пратеници на две партии, Независни Грци со 13 пратеници и Златна Зора со 16 пратеници, кои се противат на службената грчка позиција, за сложено име со географска одредница за севкупна употреба, односно се противат на компромис кој воопшто ќе го содржи зборот Македонија. Европските избори покажаа дека обидот за потиснување на Златна зора, со кратење на финансиите и апсење на членовите, не го намали нејзиниот рејтинг. Сегашната Влада има мнозинство од 155 пратеници од  вкупно 300 пратеници, 127 од Нова Демократија и 28 од ПАСОК. Во моментот, според анкетите, Сириза има водство, што е причината поради која Сириза бара парламентарни избори, а Самарас одбива. Од тука лесно предвидливо е дека сега Македонија дури и да прифати решение како Република Горна Македонија за севкупна употреба, Грција ќе го отфрли тоа, бидејќи ќе доведе до паѓање на Владата.

За да падне Владата доволно е само неколку, два-тројца, пратеници да престанат да ја подржуваат владата. Треба само неколку пратеници од Нова Демократија да прејдат во Независни Грци или Златна Зора. А такви ќе се најдат меѓу пратениците на Нова Демократија (НД) од грчка Македонија. Ако не од Тесалоники (Солун) од каде НД има два пратеници, а каде Независни Грци и Златна Зора имаат по еден пратеник, покрај Сириза, комунистите и независните кои исто така имаат по еден. Или Серес, каде НД има три пратеници, а по еден имаат Независни Грци, Златна зора и Сириза. Или од Пела, каде сите три пратеници се од НД, или од Кавала каде сите четири пратеници се од НД или Имитиа, изборната единица каде е Вергина (Кутлиш), каде сите три пратеници се од НД. Јасно е дека Самарас и Нова Демократија, ја стекнале довербата во грчка Македонија, меѓудругото со својот став дека Македонија е само грчка, и ничија друга. И јасно е дека таа доверба ќе се изгуби ако Самарас прифати било каков компромис, и дека тие гласачи најверојатно ќе се насочат кон Независни Грци и Златна Зора.

Ете затоа и Самарас и Нова Демократија, како и ПАСОК, со сите сили ќе го одбегнуваат решавањето на спорот за името. И затоа ќе ја местат Сириза, како со демантираната вест дека Ципрас, лидерот на Сириза, ќе го посети Скопје. Ципрас, колку и да е политички храбар, знае дека пат во Скопје ќе ја намали поддршката за Сириза во грчка Македонија.

Зошто сојузниците на Грција ја прифаќаат ова позиција? Покрај 300 милијарди причини, моја алузија, на висината на грчкиот долг кон западните банки, исто така е лесно видливо дека и главните политички партии во ЕУ не сакаат пад на Владата на Самарас, која ревносно ги спроведува мерките за штедење, и доаѓање на власт на Ципрас и Сириза. Доаѓањето на власт на Ципрас и Сириза, би било голем предизвик за германската и ЕУ политика на штедење, која не би ја загрозило само Грција, туку и ЕУ и посебно еврозоната, и тоа сега кога повторно европската економија влегува во стагнација. Уште поопасно за главните политички партии би било ако победата на Сириза, ги охрабри сличните движења низ Европа, како ПОДЕМОС во Шпанија.

Дестабилизацијата на Грција, ќе има ефект и на подемот на екстремната десница. Грција е на првата линија на безбедносно дестабилизираниот Блиски Исток, и на првата линија на ЕУ на бранот на имигранти од тој регион. А имиграцијата станува централно прашање во политичките расправи во многу земји на ЕУ.

Во многу земји на ЕУ ќе се забрза процесот на јакнење на двата екстрема и на левицата и на десницата, на сметка на главните политички партии од бипартиските системи. Затоа нема да има притисок врз Грција за решавање на кипарското прашање или спорот за името. Прва следна пригода кога во Грција може да се создадат услови за започнување на дијалог за спорот за името е 2015 година, кога Грција ќе треба да избира Претседател на Републиката. Претседателот се избира во Парламентот со мнозинство од 200 пратеника во првите два круга на гласање или 180 пратеници во третиот круг, а сегашното владино мнозинство е 155 пратеници. Неуспехот на избор на претседател во Парламентот би водело до парламентарни избори и можеби појасно и постабилно мнозинство кое би било поподготвено за решение.

4 thoughts on “Името – аврио, метаврио”

  1. Igor Janev predlozhil prodolzhuvanje na chlenstvoto vo OON (direktno / indirektno so vosopostavuvanjeto ustavnoto ime RM), a ne zachlenuvanje. Podrshka do Igor Janev. Rezoluciite 817 SB i 47/225 na GS ON pretstavuvaat ULTRA VIRES akt napraven od OON. Vrz baza na ovoj fakt RM treba da pokrene Rezolucijata na Generalnoto sobranie so koja so prostoto mnozinstvo nelegalnata denominacijata BJRM ke bide vo ON smeneta so ustavnoto ime Republika Makedonija. Nie nemame problem so Grcija, tuku so vlast koja nema kuraž da inicira takva rezolucija vo GS na ON! Imame 135 državi od koji 99 se apsolutno na naša strana. Na poteg se Gruevski i Ivanov!

    Одговори
  2. Според м-р по меѓународно право Марјан Попески има и друг начин. Тврди дека одлуката на МСП за признавање на независноста на Источен Тимор од 2003-та г. е доволна за нас, т.е. го потврдува правото на самоопределување како ius cogens. Од таму ние не треба да бараме прегласување, туку да се бара утврдување на ништовноста на одлуките на ООН да нѐ признава без име. Тоа автоматски значи дека сме признати како Македонија и дека Грција истото го сторила кога нѐ признала со услов (кој што е правно ништовен)…
    http://marjan.mk/?s=ius+cogens

    Одговори
    • Правото на самоопределување е неспорно, како и одлуките на МСП. Тоа е така од правна гледна точка. Но во меѓународните односи е јасно дека постои потреба од политичка волја за спроведување на правните одлуки.

      Одговори
  3. Не. Одлуката на МСП за Источен Тимор ја прескокнува потребата за било каква политичка волја, гласање, надгласување. Така докажува Попески и тоа значи дека немаме што да изгубиме ако го пробаме тој пат. Ако ги пробаме патиштата (д-р Игор Јанев предлага три начини) со надгласување, хм, тогаш сме на милост и немилост на некое вето во Советот за безбедност или некоја друга бомба.

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.