Изминатата недела вестите од регионот беа во знакот на вториот круг на изборите за претседател на Романија. На нив се случи големо изненадување – христијандемократот Клаус Јоханис го победи социјалдемократот Виктор Понта, освојувајќи 54.5 отсто од гласовите.
Зошто големо изненадување? Пред сè затоа што Виктор Понта водеше во првиот круг на изборите со десетина проценти и затоа што истражувањата на јавното мислење предвидуваа негова убедлива победа. Понта, како актуелен премиер на Романија, целосно доминира во кампањата и во медиумите. И на крајот, Клаус Јоханис е дел од занемарливото етничко малцинство на трансилвански Саксонци (Германци) и на верското малцинство на лутерани (протестанти). Кои се Виктор Понта и Клаус Јоханис и како се случи пресвртот?
Виктор Понта, 42-годишен политичар, и покрај контроверзиите со можното плагијаторство на докторатот, ја води Социјалната либерална унија (УСЛ), коалиција каде носечки член е неговата Социјалдемократска партија (ПСД), во убедлива победа на парламентарните избори во 2012 година. Неговата победа е заснована на фокусот на економскиот развој, по повеќе години економска криза и мерки за штедење. Понта го обезбедува растот со раст во приватниот сектор, но и со зголемување на платите во јавниот сектор, кои се претходно намалени од Владата на десниот центар. Понта го води вториот обид за импичмент против тогашниот претседател Трајан Басеску, вклучувајќи и организацијата на референдумот. Виктор Понта ќе го следат многу контроверзии, вклучувајќи го и Законот за амнестија од корупцијата од 2013 година, во време кога ЕУ воспостави специјален мониторинг на Романија поради загриженоста од распространетоста на корупцијата. Корупцијата е една од главните причини поради кои Романија сè уште не е членка на Шенген договорот.
Клаус Јоханис, 55-годишен, градоначалник на Сибиу, и лидер на Националната либерална партија (демохристијанска партија) е човекот кој го приреди изненадувањето. Сибиу е град со околу 150.000 жители во Трансилванија, и е некогашен центар на трансилванските Саксонци. Трансилванските Саксонци и банатските Шваби се дел од значајното германско население во некогашна Австро-Унгарија, а сегашна Романија, кои во неколку периоди сосила или самите ја напуштаат Романија, и од над 700.000 во 1930 година сега се помалку од 40.000, во дваесетмилионската Романија. Најголем дел од репутацијата на Клаус Јоханис е заснована на неговиот успех како градоначалник на Сибиу и кампањата ја води под слоганот „Добро завршена работа“, како и посветеноста Романија да се исчисти од корупцијата.
Успехот на Клаус Јоханис има елементи на бајка. Припадник на незначително етничко и верско малцинство, од позиција на градоначалник на среден град, ги победува „чистиот Романец“ Понта, кој настапува од позицијата актуелен премиер.
Но доколку помалку се романтизира, успехот на Клаус Јоханис и не е толку случаен. Клаус Јоханис е Саксонец и лутеран, но како дел од незначително малцинство не е се доживува како закана од страна на доминатните етнички Романци. Слично како тоа што претседателот Борис Трајковски беше методист (протестант), а не православен, што не се доживуваше како закана. Вистински тест за мултикултурализмот во Романија би бил успех на етнички Унгарец. Од друга страна Клаус Јоханис одлично се справи со кампањата за дискредитација дека не е „чист Романец“. Во ТВ-настап прашан дали ја знае романската химна, тој станува и почнува да ја пее химната.
Клаус Јоханис, не настапува од позицијата градоначалник. Тој во 2009 година е предложен за премиер, но не е прифатен од претседателот Басеску. Во 2013 година од својата локална партија Демократскиот форум на Германците во Романија, преминува во Националната либерална партија, главната партија на десниот центар, чиј лидер станува за кратко време. Значи Клаус Јоханес не настапува од позиција на лидер од мало место, туку од позиција на лидер на опозицијата.
Сепак има еден фактор на пресврт, а тоа е гласањето на дијаспората. Ќе се прашате како може гласањето на дијаспората да биде фактор на одлука? Иако гласачите на дијаспората од 134.000 на претходните избори се зголемиле на 400.000 илјади, тоа не се гласовите кои ги решаваат изборите директно. Безредијата на гласачките места во романските амбасади, вклучувајќи жестока полициска интервенција во Италија и Франција против гласачите, доведува до мобилизација во Романија и невообичаено голем одѕив од над 60 отсто, наспроти вообичаениот одѕив од околу 40 отсто.
Сега победата на Клаус Јоханис се прославува како нова надеж за Романија. Дали може да биде и нова надеж за Балканот? Тоа ме потсети на изненадувачката победа на Томислав Николиќ, наспроти Борислав Тадиќ, на претседателските избори во Србија, и тогаш новата надеж за Србија.
Сите ние, не само во регионов, имаме склоности да романтизираме дека еден суперхерој ќе ги реши сите наши проблеми. Но „еден суперхерој не е доволен“, за општествени промени потребни се одговорни лидери, но и ангажирани граѓани.